Во контекст на сите премрежиња, предизвици и напори што ги помина Македонија, да се изгради како унитарна држава со мултиетничко општество, дури со особен акцент на правата на албанското малцинство, нагласувањето на албанската фудбалска репрезентација како „нашата“ од страна на политичари Албанци од Македонија, кои биле (и ќе бидат) дел од различни владејачки гарнитури низ годиниве – личи на шлаканица на сите заложби за заедништво и толку потребното единство на сите македонски граѓани
Некогаш повеќе следев спорт. Собирав албуми со сликички од фудбалските репрезентации на светските и европските првенства, а гледав и цели натпревари од почетокот до крајот… Дури и првите новинарски текстови ги напишав за случувањата на една зимска олимпијада… Сегашниот интерес за спортот некако ми е повеќе „рецидив“ за информираност од општа култура, па така разбрав и дека репрезентацијата на Албанија го постигнала најбрзиот гол на актуелното Европско првенство во фудбал, на мечот против Италија, во 23-та секунда. Сепак, натпреварот со Италија го загубила, бидејќи Италијанците потоа дале два гола. Иако одамна завршен, овој натпревар и понатаму го „држи вниманието“ на ЕП во Германија, но поради ситуацијата со Дисциплинската комисија на УЕФА. Имено, поради однесувањето на навивачите на албанската репрезентација – влегување во теренот на навивач(и), фрлање предмети на теренот, палење пиротехника, како и „пренесување пораки што се несоодветни за спортски натпревари“, Дисциплинската комисија на УЕФА повела постапка против Фудбалскиот сојуз на Албанија. Една од причините за постапката, наведена како „пренесување пораки што се несоодветни за спортски натпревари“, се однесува за банери и транспаренти со политичка содржина што биле истакнати за време на мечот со Италија. Што се однесува на политичките пораки и содржини на транспарентите на албанските навивачи, кои ги вознемириле фудбалска Европа и институциите како УЕФА, не се непозната политичка провокација во Македонија – а станува збор за прикази на картата на т.н. голема Албанија. Во таа карта на голема Албанија редовно се присвојува речиси половина територија од Република Македонија, но сега овие територијални претензии, од досегашните провокации во регионален амбиент, албанските навивачи ги издигнаа на „европско ниво“, па сега се очекува одлуката на Дисциплинската комисија на УЕФА.
Додека за одржување на континуитетот на провокации од национално-етничка природа, со актуелни „мотиви“ од Европското првенство во фудбал, се погрижија неколку македонски политичари од албанскиот етнички блок. Во навивачка еуфорија, овие политичари Албанци од Македонија репрезентацијата на Албанија на социјалните мрежи ја нарекуваа „нашата репрезентација“.
Секако, еден аспект од смислата на навивањето во спортот е и да се заземе страна, да се избере фаворит, да се вложат навивачките емоции за победа на „избраниот“. Страста (од која било причина) е магијата на спортот и на навивањето. Никако не е невообичаено ако на некое првенство не игра репрезентацијата на нивната земја, навивачите да си изберат некој друг фаворит што учествува на првенството. Причините за избор на некои други „наши“ најчесто се логични и со некаква предисторија, иако не е исклучено да се резултат на моментална симпатија или антипатија. Причината поради која македонската јавност го доживеа како уште една провокација изборот на репрезентацијата на Албанија како „наша репрезентација“ од страна на политичари Албанци од Македонија – е најмногу поради тоа што никој никогаш не забележал дека така страсно како „наша“ ја нарекле македонската фудбалска репрезентација. Или која било друга репрезентација на Македонија… Во контекст на сите премрежиња, предизвици и напори што ги помина Македонија да се изгради како унитарна држава со мултиетничко општество, дури со особен акцент на правата на албанското малцинство, нагласувањето на албанската фудбалска репрезентација како „нашата“ од страна на политичари Албанци од Македонија, кои биле (и ќе бидат) дел од различни владејачки гарнитури низ годиниве – личи на шлаканица на сите заложби за заедништво и толку потребното единство на сите македонски граѓани. „Ефектот на шлаканица“ е уште поголем и поради фактот што во македонската фудбалска репрезентација редовно играат талентирани и успешни фудбалери етнички Албанци, но политичарите од албанскиот блок во Македонија никогаш не ја нарекле оваа репрезентација – „нашата“!
За разлика од искрениот или можеби политички провокативен избор на политичарите за тоа за која „наша репрезентација“ ќе навиваат, мојот избор за „наши“ фудбалери за кои вреди да се навива – се децата од мојата улица: Андреј, Давид, Деон, Бора, Дамјан, Дијар, Филип, Беџет… и една Ерина, кои кога ќе им завршат училишните обврски постојано се довикуваат да играат фудбал. Тоа се деца, приближно на возраст од 6 до 12 години, кои растат и се дружат во една скопска населба, тренираат фудбал во разни клубови (помалку или повеќе заинтересирани за успех), но се радуваат секогаш кога играат заедно на улица. Да, во Скопје сѐ уште има такви улици каде што децата играат фудбал (и други детски игри) за да другаруваат. Играат заедно, зашто самите сакаат – без „проектна задача“ за градење мултиетничко општество, ниту по Бадентер, ниту со балансер… Играат фудбал и се дружат зашто се соседи, како и неколку генерации од нивните семејства. Таквата спонтаност и искреност во меѓучовечките односи, кои сепак се вековна традиција на животот во Македонија, се вредностите на кои се создава „нашата репрезентација“. Искажувањето политички став во ситуации каде што се излеваат вистинските човечки емоции и вредности, како во спортот – е само политичко аутсајдерство! И Македонија е сепак нашата татковина!