Неодамна во јавноста беа лиферувани резултати од истражување на јавното мислење, според кои, проевропското расположение кај македонските граѓани повторно е во пораст и, горе-долу, се движи околу 70 отсто. Бројка што дури и евроамбасадорот Рокас, во едно телевизиско гостување, ја коментираше со доза пријатно изненадување – како да не му беше јасно како е можно народ што со години трпи условувања, блокади и „креативни“ толкувања на европските принципи сè уште да верува во европската приказна.
А всушност, тука нема ништо фрапантно. Во некои други, понаивни времиња, таа поддршка се движеше и над 80, па дури и 90 отсто. Тогаш верувавме дека правилата важат за сите, дека Копенхашките критериуми се стандарди, а не мени од кое секој зема што ќе му текне – освен, се разбира, Македонија.
Но годините на разочарувања, подлажувања и отворени двојни стандарди го направија своето. Наместо гнев, кај голем дел од граѓаните се појави нешто многу полошо – рамнодушност. До таа мера што веќе и не е важно кој евроемисар дошол, што изјавил и каква „охрабрувачка порака“ оставил зад себе. Европа стана фон, не цел.
И токму во таков амбиент се појави истражување во кое одеднаш никнаа нови етникуми: Македонци Европејци, Албанци Европејци, Срби Европејци, Власи Европејци – цел букет на свежо откриени идентитети. Човек навистина да се подзамисли: дали оваа проевропска свест експлодира прекуноќ или, пак, некој сериозно ја потценува интелигенцијата на јавноста?
Особено ако се земе предвид дека ова се случува во време кога Европската Унија континуирано ни објаснува дека прво треба да смениме име, па Устав, па историја, па терминологија, а во меѓувреме да бидеме благодарни што воопшто разговара со нас. Наликува на еден вид политички стокхолмски синдром: да сакаш да се идентификуваш со оној што те удира по идентитет, а притоа ти објаснува дека тоа е за твое добро. Класично силување на здравиот разум, завиткано во европска реторика.
Да бидеме на чисто: истражувањата на јавното мислење одамна не се невина работа. Прашањата често се формулираат така што одговорот веќе е сугериран. Го видовме тоа и за време на пописот, кога преку „креативни“ прашања од верска природа се обидуваше да се растури бројката на православното население. Сега, очигледно, се оди чекор подалеку – кон идентитетско разлабавување.
Притоа, не станува збор за малцинските заедници во државата. Тие не се под никаква закана. Напротив, фокусот е јасен и прецизен – македонскиот народ. Малку е веројатно дека некој спонтано ќе се изјасни како Македонец Европеец, освен ако прашањето не е внимателно „наместено“. Секако, ќе има и такви што со задоволство ќе ја прифатат новата етикета – оние што веруваат дека без надворешен камшик ништо не умееме сами.
Поентата е јасна: преку суптилни операции има обиди да се креира нов идентитетски слој, откако „северномакедонскиот“ веќе полека се одомаќини, „мкд“ стана „нмк“, а следниот чекор е европеизација како замена за македонството. Класична дисторзија – прво разградување, потоа полесна асимилација по потреба.
Кога веќе стана очигледно дека блокадите на нашиот европски пат не се техничко, туку идентитетско прашање, сега сè се камуфлира како проевропска просветленост. Иронијата е што дури ни во СФРЈ, како далеку посилна држава, југословенството никогаш не заживеа како примарен идентитет. Сите народи си останаа тоа што беа – до самиот распад.
Истражувањата се важни, без дилема. Но тие мора да бидат прецизни и чесни, а не инструмент за политичко инженерство. Во Европа нема Италијанци Европејци, Французи Европејци или Грци Европејци. Секој си ги негува својот јазик, култура и идентитет. ЕУ им е рамка, не замена.
Затоа и расте суверенистичкиот тренд низ Европа – како реакција на обидите за разводнување на националните идентитети во некаков вештачки заеднички калап. Кај нас проблемот е уште појасен: ние не сме ни членка, а веќе сме под отворен притисок врз сопствениот идентитет.
Од тие причини, македонската кохезија е најсилниот штит што го имаме. Новокомпонираните идентитетски експерименти никогаш не успеале и нема да успеат ниту сега. Ќе си останеме Македонци – секогаш и секаде. А европските вредности не ни треба да ни ги додаваат како суфикс. Нашите револуционери ги побарале токму од Европа – право на држава, јазик, историја и култура. Ние сме нивни наследници. Сè друго е непотребно „појаснување“.
































