ЕУ да се погрижи најпрвин за својата иднина, па потоа… ќе видиме…

Во „Европската куќа“ во Скопје на панел-дискусијата по повод 30-годишнината од приклучувањето на Австрија, Финска и на Шведска кон Европската Унија завчера стана збор и за „европската иднина на С. Македонија“. Ајде да бидеме еврореални и да ѝ погледнеме на вистината в очи: каква европска иднина може да има за Република Македонија кога сѐ помалку има европска иднина за самата ЕУ?! Веќе и врапчињата го знаат она што многу пластично го опишува (во американскиот магазин за надворешна политика „Форин афеарс“) д-р Стејси Годард, политички научник од колеџот „Велсли“, од Масачусетс, САД: „Во концертот што си го организираат големите сили САД, Русија и Кина во започнатата поделба на светот на нивни зони на влијание нема место за Европската Унија, која веќе се претвора во релативно безначаен актер на светската, па и на европската политичка сцена“. ЕУ се сели на „резервната клупа“, и тоа не во првата, туку во втората или третата лига, додека на стадионот натпреварот го играат „големите играчи“. Европските челници од Брисел можат да им покажуваат мускули на „малите“ држави каква што е Македонија, ама тие немаат моќ дури веќе ни наспрема претседателите на една Словачка – Фицо, на една Унгарија – Орбан…
И германскиот политиколог д-р Јозеф Јанинг, експерт на влијателниот Германски совет за меѓународни односи, на 4 март јавно ќе го постави прашањето „дали Европа ќе пропадне“ и веднаш категорично ќе предупреди дека за првпат крајот на ЕУ е реално сценарио, нагласувајќи дека темелите на европската интеграција се раздробуваат, а центрифугалните сили, предизвикани од внатрешните судири, го засилуваат распаѓањето на Европската Унија.
И д-р Кристијан Одендал, експерт за финансиско-економските аспекти на европската интеграција и за германска политика, како и економски уредник во британскиот весник „Економист“, ќе се огласи на 9 јануари 2025 година со предупредување дека внатрешните поделби во ЕУ, кои стануваат сѐ посложени, можат да ја распарчат самата Унија и оти Германија и Франција – клучните земји на ЕУ – се толку преокупирани со домашната политика, што не се во можност да го обединат европскиот континент како во претходните кризи.
И затоа, со право се поставува прашањето каква европска иднина може да има за Македонија? Ама прашањето е од друг агол…
Натаму, каква европска иднина може да има за Република Македонија кога новата германска владејачка коалиција во својата политичка програма и во самиот договор за формирање на новата германска влада јасно и отворено кажа „не“ за натамошно проширување на ЕУ, сѐ додека таа не се реформира првин внатрешно и структурно. Исто така, и партијата на Мари Ле Пен, Национално собирање на Франција, која е во подем и му дише во врат на Емануел Макрон, е категорично против натамошен прием на нови членки во ЕУ.
Јас лично кажав во своја анализа уште во март 2023 година дека приказната за „ЕУ-иднината“ на Македонија е најобична лага од огромни размери. Ќе нагласам и сега дека сите прикаски за мали деца околу божемното зачленување на Македонија во ЕУ немаат никакви врски со обезбедување европски перспективи за македонската држава, туку, покрај другото, за да се држи Македонија во една зона под контрола, да си остане таа „кротко“ и послушно во „еврочекалницата“, но и подалеку од „клубот на привилегираните“, од полноправното членство.

Всушност, Македонија веќе стана во нешто „европска“: се претвори во „европски гробишта на европските идеали и вредности“, бидејќи во нејзиниот случај, во поглед на македонскиот јазик, идентитет, етничка засебност и историја, се згазени и збришани сите европски декларации, закони, па и самиот „Договор од Мастрихт“ – темелниот акт на основањето и функционирањето на ЕУ. Од една страна Брисел поддржува „добрососедски договори“ на Македонија и Бугарија и Грција, со кои се уриваат темелните белези на македонскиот народ и држава, а од друга страна си ги чува во архивите своите правливи резолуции и еврозакони, со кои, ете, „високо се ценат и се почитуваат европскиот диверзитет, разноличноста и вредноста на јазиците, културите и народите на Европа“. Токму поради таа невидена дволичност, непринципиелност, па јас би рекол и антимакедонска политика, Македонија стана „европски гробишта на идеалите и вредностите на ЕУ“.
Лично сум уверен во значителна мера дека нема да има толкав проблем постапно во одреден временски период Македонија да ги ресетира самата своите односи со Бугарија и Грција, така што веќе отсега ќе почне да иницира и да гради вистинско добрососедство со нив и со другите држави во Балканот, нека биде тоа и во прв момент со еднострани мерки на културна дипломатија, спорт, економска соработка, соработка меѓу писатели, културни дејци…
Во меѓувреме ЕУ постапно оди кон деструкција, а двете нејзини водечки држави членки – Германија и Франција – со меѓусебното ривалство која да стане главната „европска локомотива“, ја парализираат уште повеќе Унијата во нејзините обиди да го спречи тонењето во живиот песок. На Европската Унија ѝ се закануваат деиндустријализација и социоекономско тонење на животниот стандард на европското население низ континентот, но сепак, наспроти сѐ, европските челници веќе одлучија да фрлат дури 800 милијарди евра за огромна милитаризација, повторно вооружување и подготовка за војна со Русија?!
Сепак, едно од главните прашања е: што да се прави во овој даден момент, штом е повеќе од јасно дека нема европска иднина за Македонија во постојнава евроунија ваква каква што е, но има европска иднина во Европа каква што изворно беше… кој е патот? Како да се постапи?

Новиот светски геополитички поредок во овој момент започнува да се гради во еден меѓународен спектар, во кој од едната страна здраво се препознаваат принципот на мултиполарноста, ефективниот мултилатерализам и повеќестраноста на меѓународниот систем, во кој и малите држави со нивните народи (ве)ќе имаат своја специфична тежина и (ве)ќе можат да ги артикулираат своите визии, потреби, интереси и барања.
Во вакуумот, кој веќе се појавува на европскиот континент, поради забрзаното слабеење и распаѓање на неолибералната Европска Унија, „скарана“ и отуѓена со европските народи, наместо да дејствува во нивни интерес, Република Македонија ќе може и ќе треба сѐ повеќе да настапува со својата „македонска мултилатерала“: со воспоставување нови и директни односи и со политичките сили на „алтернативната“ суверенистичка Европа, која оди во правец кон формирањето на идната Европска Унија на суверените нации. Орбан и Фицо се дел од лидерите на новата политичка Европа, во која ќе може да се очекува почитување на суверенитетот на македонската држава, на идентитетот на македонскиот народ и на македонизмот како темелна идеологија на опстојувањето и просперитетот на македонскиот народ, но и на сите други граѓани на Македонија, без оглед на етничката припадност. Во оваа смисла, за да го фати чекорот и приклучокот кон трендовите, актерите и кон политиките на новата суверенистичка Европа, ќе треба да се изврши и соодветно ресетирање на државната македонска надворешна политика. Просто кажано, да се отфрлат веќе сега лагите дека еве ни ги Европа и ЕУ на дофат, само да го смениме Уставот и ќе ни ги отворат портите на „еврорајот“. Црна Гора и Албанија можеби имаат шанси да влезат во ЕУ до 2028, или до 2030 година, но кај ќе влезе ваквата Европска Унија? Дали можеби во темнината на заборавот?

Свето Тоевски