Европската Унија, иако не признава, премногу длабоко загази во непринципиелност во процесот на проширување со Македонија, угодувајќи им на барањата и уцените на своите земји членки, како Бугарија и Грција. Сета вештина во креирање наративи за да се оправда таквата непринципиелност веќе не може да ја ги покрие манипулативните намери. Во таков контекст, „францускиот предлог плус“, иако не е најдоброто што може (и треба) да се добие за Македонија, во поголема мера нуди елегантна шанса за ЕУ да се извлече донекаде од вителот на непринципиелности и манипулации во кои беше вовлечена од каприците на своите земји членки
Пред крајот на мандатот како комесар за проширување во Европската комисија, Оливер Вархеи најави дека во октомври ЕУ планира да одржи меѓувладини конференции со Србија, Албанија и можеби со Македонија, истовремено нагласувајќи дека проширувањето на Европската Унија е „главен приоритет и дека не прашање ’дали’, туку кога ќе се случи“.
Во изјавите на функционерите на ЕУ, било да се на заминување или на доаѓање, проширувањето на Унијата речиси секогаш се најавува како неизбежна иднина, но во реалноста таа неизбежност ја компликуваат со големи дози мистерија на неизвесност, недоследност, па и манипулативна непринципиелност. Актуелната позиција на Македонија во односите со таа декларативно принципиелна Унија, но која им угодува на непринципиелните каприци на своите земји членки, може да се каже дека е „вообичаено специјална“ – покрај вообичаените критериуми во преговарачката рамка, мора да исполнува и „специјални“ услови за почеток на преговорите, по желба и барање на соседите, земји членки на ЕУ. Македонија го има како понуда од ЕУ т.н. француски предлог на преговарачката рамка, кој за да се активира, државата треба да спроведе уставни измени за внесување на бугарското малцинство во Уставот.
Недовербата на македонската јавност во ваквите „специјални понуди“ на Европската Унија е изразена и во најголема мера оправдана со многу претходни изневерени ветувања од поранешни функционери на ЕУ, но и поранешни и актуелни лидери на стожерните земји членки на Унијата – на пример, Меркел од Германија и Макрон од Франција. Недовербата на јавноста и неприфатливите (за јавноста) услови во францускиот предлог поради основаниот сомнеж за загрозеност на македонските национални атрибути и интереси се наметнуваат како обврска на нововоспоставената македонска дипломатија (по мајските избори) за внимателност и доследна принципиелност во понатамошниот преговарачки процес со ЕУ, кој и понатаму за Македонија е неизбежен и стратегиска определба.
За зголемување на процентот на возможност од она „можеби“ на Вархеи за одржување на втората меѓувладина конференција на Македонија со ЕУ, денеска премиерот Христијан Мицкоски во Брисел го презентира идејниот проект на неговата влада, неформално наречен „француски предлог плус“, според кој, бараните уставни измени би се изгласале во македонското собрание, но би имале одложено дејство до завршувањето на преговорите и членството на Македонија во ЕУ. Водејќи се од искуствата со инертноста на бриселската администрација, но и премолчено прифатената практика на ЕУ да се врши притисок врз послабата страна (земјите кандидати секогаш се во послаба позиција) – ниту во Македонија не е преголем оптимизмот дека „францускиот предлог плус“ на македонската влада ќе помине „од прва“ во Брисел. Но, исто така, треба да се има на ум дека претходните искуства на македонските влади во изминативе седум-осум години со брзоплети решенија, слепа доверба и послушност во ветувањата од „надворешните фактори“ во однос на евроинтеграциите, доведоа до залудна промена на името на државата, загрозување на националниот идентитет на Македонците (историја, јазик и културна автентичност), но и во извесна мера и редукција на суверенитетот и националниот интегритет. Впрочем, најеклатантен пример за промашувањата на брзоплетите решенија и некритичката послушност е „специјалното издание“ на понудената преговарачка рамка, т.е. францускиот предлог, со услов за отворање на поглавјата, кој навлегува во внатрешното уредување на државата (Уставот), што секако е своевидно влијание врз суверенитетот. Притоа, со постојниот француски предлог, на никој начин не се гарантира дека Македонија во преговарачкиот процес нема да биде блокирана од страна на Бугарија со билатерални прашања. Меѓу другото со предлогот на македонската влада, т.н. „француски предлог плус“, се очекуваат одредени гаранции за отстранување на ризикот од понатамошна билатерализација на преговарачкиот процес – односно процесот на преговори да се води со Брисел според Копенхашките критериуми, без „предигра“ со Софија.
Европската Унија, иако не признава, премногу длабоко загази во непринципиелност во процесот на проширување со Македонија, угодувајќи им на барањата и уцените на своите земји членки, како Бугарија и Грција. Сета вештина во креирање наративи за да се оправда таквата непринципиелност веќе не може да ја ги покрие манипулативните намери. Во таков контекст, „францускиот предлог плус“, иако не е најдоброто што може (и треба) да се добие за Македонија, во поголема мера нуди елегантна шанса за ЕУ да се извлече до некаде од вителот на непринципиелности и манипулации во кои беше вовлечена од каприците на своите земји членки.
Дури и британски „Гардијан“ неодамна констатираше дека „проширувањето предолго беше жртва на каприците на постојните членки што сакаат да ги промовираат своите национални интереси“. Во анализата на состојбите и потребите на ЕУ за проширување се наведува дека – без разлика дали се работи за Кипар и Грција во однос на Турција, Грција и Бугарија во однос на Македонија, Франција (во минатото) и Грција во однос на Албанија, или Унгарија во однос на Украина, експлоатацијата на пристапните политики од различни членки за промовирање на нивните (легитимни или не) интереси драматично го нарушија нејзиниот кредибилитет со постојаното менување на целите за земјите аспиранти.
Во заклучокот на анализата се порачува – како што историјата на европската интеграција докажува одново и одново, кога ќе се создаде критична маса во корист на некоја одлука, многу е тешко непопустливите членови долго да се противат. Ваквата констатација за потребата од „критична маса“ во ЕУ за проширување треба да биде мотивација за Македонија да опстои на своите национални интереси во преговарачкиот процес, без авантуризам со нови брзоплети решенија, кои многу веројатно и понатаму ќе ни бидат нудени.