Експерименти со Македонија? Не, благодарам, доволно беа!

Писма, поплаки, стражи, дрва и камења по Уставниот суд уште пред воопшто да почне седницата на која треба да се расправа за одредените точки, законски членови, клаузули… од Законот за употреба на јазиците се реакциите што пристигнуваат од опозициската ДУИ и сите други нејзини должници од албанската заедница во земјава, кои интегративците успеаја да ги мобилизираат во хушкачката мисија да се спречи работата на институцијата што ја оценува уставноста на законите.
Ова е само уште еден најнов пример што се случува кога некој накриво ќе ги насади работите уште во старт, кога намерно ќе постави фалинки во системот за да може подоцна да ги користи со одредена цел.
Имено, ништо од ова немаше да се случува и да се користи како алатка за дестабилизирање на државата доколку меѓународната заедница сите овие три децении независност не се трудеше толку здушно да експериментира „ин виво“ во и со државава, инсталирајќи одредени фалични проекти со кои „инсталатерите“ сакаа да видат дали тоа реално и во живо ќе функционира… Како со експериментално глувче… А многу од тие проектни инсталации со текот на годините ќе направат од Македонија тотално нефункционална држава.
Не знам, можеби на крајот од краиштата некој имаше и таква цел, но очигледно македонските граѓани не сакаат тукутака да ја прокоцкаат својата држава, па затоа со сите сили се обидуваат да ги вратат процесите на вистинскиот колосек, односно да почне да функционира правната држава, да се почитуваат законите и да се работи во интерес на сите граѓани и нивниот просперитет, без оглед на етничката припадност.
Како ќе изгледаше Македонија ако пред повеќе од 30 години без проблем беше примена во Обединетите нации, ако не постоеше грчкото ембарго, ако не се случеа фингираните внатрешни судири (а всушност надворешно инспирирани и организирани терористички напади) врз македонската држава во 2001 година, ако немаше (из)диктиран рамковен договор и надворешно мотивирана територијална поделба, ако ги немаше експерименталните „изуми“ како пржинска влада, па Специјално обвинителство, сето тоа зачинето со Преспанска спогодба напишана некаде надвор и донесена тука само на параф, а шлагот на тортата беше францускиот предлог, повторно подготвен во друга странска кујна и доставен тука за наплата.
Деновиве во земјава се отвори широка дебата и за покачување на старосната граница за заминување во пензија на 67 години, истиот оној проект што го планира Европската Унија да го воведе кај себе. Арно ама, добро е прво да се видат ефектите на микрониво, па затоа најдобро е и тоа да се провери како би функционирало во Македонија, и онака таа се користеше како тест-полигон на кој можат да се тестираат сите проекти што некому ќе му паднат напамет, па ако помине – добро, ако не, никому ништо.

Е, токму тоа ако помине – добро, а ако не, никому ништо, се покажа погубно за Македонија. За жал, поминаа сите работи оти се туркаа на мускули, на сила, без да се води сметка за последиците што подоцна ќе ги предизвикаат.
Кога на една земја ќе ѝ се ускрати правото да се зачлени во Обединетите нации под уставното име, туку ќе биде впишана под референца, започнува процес на идентитетско обезличување на цел еден народ бидејќи се прекинува врската меѓу името на државата и носителот на државноста, македонскиот народ. Тоа е изум и експеримент на меѓународната заедница, да пробаат со референци да впишуваат држави и да го укинат правото на самоопределување.
Уште поголем меѓународен „изум“ беше како да се трансформира освојувачка војна за територии со сили упаднати од друга држава, во борба за „човекови права“. Странците направија еден обичен „фејслифтинг“, така што од терористи, напаѓачите врз македонските безбедносни сили прекуноќ ги претворија во борци за човекови права и ги напикаа во македонското собрание, за да можат преку нив да ги држат под контрола процесите, односно да се одвиваат онака како што тие сакаат. И таа „далечинска команда“ трае до ден-денес, секогаш кога ќе затреба дестабилизација, тука се на готовс. А кога се во власт, блиску до парите, тогаш истите тие бликаат со космполитизам и висока свест за животната средина.
А тоа им беше овозможено со таканаречениот рамковен договор, на кој никој досега не можеше да му ја пофаќа рамката. И тоа намерно е така инсталирано од странците, да може постојано да се поткопува системот. Врз основа на тој рамковен договор, кој всушност нема рамка, се инсталираше двојазичност на цела територија, се развиорија знамиња на туѓа држава низ териториите што беа пикирани за време на воениот конфликт, се направија етнички вработувања со изумот „балансер“, со кој всушност само се избалансира брзината на пропаста на институциите, односно тоа да се случува што побрзо. Кога немаш мерит-систем при вработувањата, тогаш имаш институционален хаос, кој ја демонтира државата по сите основи.
Потоа, кога на тој фаличен систем ќе го додадеш и новиот странски изум, таканаречена пржинска влада, засилена со Специјалното обвинителство, добиваш институционален карамбол. Половина година парализирана држава, нефункционални министерства, внатревладини конфликти, едноставно нефункционална држава. Од некаде се измисли и парадигмата „победник со победник“, што де факто значи дуализам во изборниот процес, односно како Македонија веќе да е федерализирана, па се избира победник од една заедница и победник кај македонскиот народ, па тие мора да формираат централна влада, па едни се лутат, други се лутат и така во недоглед. Со други зборови, секој можен процес во земјава се етнизираше до крајна мерка, и тоа исклучиво само од страна на една малцинска заедница, албанската. Како само тие да се малцинство во земјава, другите како и да не постојат.

За странските проекти наречени Преспанска спогодба и француски предлог доволно е само да се видат последиците денес. Исчезнува македонскиот идентитет и се наметнува новиот „северномакедонски“, кој нема-нема, па ќе се појави однекаде. Неодамна канадската министерка за надворешни работи Мелани Џоли во еден твит ја именува македонската заедница во Канада како „северномакедонска“. А Канада беше меѓу земјите што го признаваа уставното име Република Македонија. Можеби жената и немала вистинска намера да го направи тоа, но термините ги извлекува од новото име на државата. Тоа е тој странски изум потпикнат со Преспанската спогодба, добро смислен бидејќи некој однадвор подобро знаел дека со промената на името, ќе се менува и идентитетот. Знаеја и дома нашите интелектуалци што стоеја во одбрана на името, но попусто. Она што некој надвор го зацртал, ќе се случи па мајка Јана да му е. Затоа и Коѕијас толку беше насмеан при потпишувањето на спогодбата во Нивици.
Сега истото тоа се прави и со таканаречениот француски предлог. И тој ни го стокмија однадвор, па сега ЕУ ќе види како ќе помине. Ако помине онака како што е инкорпориран во преговарачката рамка, тогаш веќе ќе треба да се подготвуваат нови историски учебници, да се регистрира нова заедница во земјава со можеби и над сто илјади граѓани, нова формулација за јазикот, народот, а прашање на време е кога на ред ќе дојдат и знамето и химната. Ако помине во Македонија, ќе го употребат и за некоја друга земја кандидат, само наместо француски, може ќе го именуваат холандски, германски, италијански…
Примерот со пензиската реформа е крајно бениген во однос на сите претходни надворешни експерименти, но покажува дека некој си зема за слобода постојано да иницира некакви експерименти, кои се прикажуваат дека во основа потекнуваат од тука, но зачнувањето на самата идеја е некаде надвор. Не за џабе се тие семинари, обуки, тренинзи…
Но нејсе, тоа што е направено е направено, но може многу повеќе да се направи на отстранување на системските аномалии увезени од странство. Со други зборови, тоа значи да се инкорпорираат домашни наши автентични проекти, кои целосно ќе одговараат на нашите состојби и кои нема да го ослабуваат, туку, напротив, ќе го зајакнуваат системот и ќе му додаваат дополнителна вредност. Функционален систем значи и функционални институции, а тоа резултира со задоволни граѓани и просперитет на земјата. Затоа, секогаш кога некој ќе се понуди да врши експерименти тука, доволно ќе биде и едно наше „не, благодарам“.