Се чини Македонија ги пропушти првите „72 часа“ по своето осамостојување. Наместо да се посветат целосно на длабоки реформи во економијата, стимулирање на домашното производство, подигање на степенот на преработка и квалитет, извоз и создавање услови за подобрување на конкурентската способност на домашните компании, обезбедување енергија, инвестиција во технологии и инфраструктура, политичките елити постојано го трошат времето на јалови дискусии околу формирање нови парламентарни мнозинства и на задоволување етнички барања, кои реално не носат никаква позначајна економска бенефиција за граѓаните, стопанските субјекти и за државата
Катастрофалниот земјотрес во Турција и Сирија нѐ потсети на правилото 72 и важноста на факторот време за преземање итна акција заради спасување повеќе човечки животи. Повеќе од 90 отсто од преживеаните по земјотресот можат да бидат спасени во првите 72 часа, односно првите три дена. Во овој период најдобро е да им се даде медицинска помош на затрупаните лица, пред да подлегнат на повредите, од дехидрација или премрзнатост. Но знаете ли дека правилото 72 има свое значење и во финансискиот сектор и долгорочните планирања во економијата? Примената на оваа формула ни овозможува да го процениме потребното време за вложувањата, имајќи ја предвид фиксната годишна камата.
Имено, како инвеститорот најлесно да пресмета кога и за колку време ќе му се врати и дуплира почетното вложување во некој проект? Потребно е да се подели бројот 72 со стапката на поврат, на пример со годишната каматна стапка, при што ќе се добие бројот на годините што се потребни за двојно да се врати вложувањето.
Ова правило се применува за економски појави што растат според сложена стапка, тоа се: бројот на населението, заеми и други макроекономски индикатори, како на пример БДП. Најпрецизни податоци се добиваат за стапки на поврат од два до десет отсто максимално.
Тука доаѓаме и до главната поента на овој „час по калкулација за поврат на финансиските инвестиции и развој“ за примената на споменатото финансиско правило, при одредувањето на подолгорочниот економски развој на Македонија. Досегашните остварени стапки за годишниот раст на нашата национална економија не даваат простор за задоволство, кое често се манифестира од изјавите на креаторите на економските (и монетарните) политики.
Да го земеме последниот податок за растот на БДП во третиот квартал од два отсто во 2022 година. Кога бројот 72 ќе го поделиме со два, се добива 36. Односно толку години ќе ни бидат потребни за да го дуплираме сегашниот бруто-домашен производ!
Овој период нема да се скрати ни кога би ги примениле годишните стапки на раст на БДП во изминатите 15 години. Податоците објавени од Народната банка на Македонија покажуваат големи осцилации и не ни гарантираат дека нашата земја би направила значаен исчекор во идниот економски развој. Имено, највисокиот раст од 5,5 отсто е постигнат во далечната 2008 година и никогаш не е повторен, додека следуваат години со „скок“ од еден до четири отсто. А има и три години со негативен раст! Просечната годишна стапка на раст на националната економија во периодот од 2000 до 2019 година е околу 2,8 отсто. Ова го одразува сегашниот потенцијал на домашната економија, што се чини е недоволен да се промени националната макроекономска слика во следните три децении. Да не заборавиме дека Македонија е во групата на земји со најнизок БДП во регионот. Зад нас е единствено Албанија (каде што, патем споменато, има и пониска минималната плата), во споредба со нашата земја.
Според прогнозите на Светската банка, другите земји од Западен Балкан имаат подобри изгледи за раст во следните две години.
Времето е клучен фактор во планирањето на идниот развој на секоја држава (или на компанија, сеедно).
Досегашните остварени стапки за годишниот раст на нашата национална економија не даваат простор за задоволство, кое често се манифестира од изјавите на креаторите на економските (и монетарните) политики. Да го земеме последниот податок за растот на БДП во третиот квартал од два отсто во 2022 година. Кога бројот 72 ќе го поделиме со два се добива 36. Односно толку години ќе ни бидат потребни за да го дуплираме сегашниот бруто-домашен производ!
Во бизнисот и воопшто на пазарот победува оној субјект што е подготвен да остварува повисоки стапки на принос или оние што со многу помалку стапки на раст тргнуваат многу порано во планско и системско инвестирање во својата иднина.
Се чини Македонија ги пропушти првите „72 часа“ по своето осамостојување. Наместо да се посветат целосно на длабоки реформи во економијата, стимулирање на домашното производство, подигање на степенот на преработка и квалитет, извоз и создавање услови за подобрување на конкурентската способност на домашните компании, обезбедување енергија, инвестиција во технологии и инфраструктура, политичките елити постојано го трошат времето на јалови дискусии околу формирање нови парламентарни мнозинства и на задоволување етнички барања, кои реално не носат никаква позначајна економска бенефиција за граѓаните, стопанските субјекти и за државата.
Резултатите од тоа ги гледаме низ главните макроекономски показатели. По триесет години од осамостојувањето, Македонија има најнизок БДП од поранешните (братски) републики, македонските граѓани (од најразличното етничко потекло) имаат најниски плати и стандард, учеството на странските директни инвестиции во БДП е константно ниско (3,7 отсто за 2021 година), трговскиот биланс на земјата е во постојана негатива од околу 30 отсто, буџетскиот дефицит од вообичаените два отсто се зголеми на пет отсто, а јавниот долг со години расте и е на ниво од 60 отсто од БДП.
Македонија продолжува да се развива економски со „чекори во место“, од едвај два-три отсто на годишно ниво?! Но, тоа е многу недоволно или пребавно во однос на другите земји во развој, кои остваруваат повисоки стапки на раст од пет или седум отсто, и тоа во континуитет. Во сите овие изминати години не успеавме да ги надминеме главните слабости на нашата економија, а тоа се неповолната стопанска структура, ниската продуктивност, заостанувањето во изградба на современа инфраструктура, недоволните инвестиции… Во основа, ние не поставивме силна и солидна производствена база, со која нашите компании успешно ќе конкурираат на странските пазари. Потенцијалите што ги има(в)ме во земјоделството, градежништвото, рударството остануваат неискористени. И натаму нашиот главен извозен производ се непреработените земјоделски производи или суровините што се вадат од македонските рудници.
Изведувањето градежни услуги во странство, по кои бевме препознатливи во претходните децении, го нема или се сведува на инцидентни случаи. Градежниците се посветија само на домашниот пазар, во изградбата на (пре)скапи станови. Отворањето на слободните економски зони не ги исполни очекувањата за забрзан економски раст, а странските компании го користат за „индустриско лон-производство“, во кое се ангажира домашната поевтина работна сила, без да се направи и домашен извозен производ со повисока додадена вредност. Во последните години нашиот главен извозен македонски производ е квалитетната работна сила, која не успеавме да ја искористиме во претходните години за наша сметка и добивка. Се доведовме во состојба да ја градиме нашата европска иднина, но не овде, во нашата Македонија, туку секој сам и поединечно со својата работа во некоја од земјите од Европската Унија!