Ехото од Мечкин Камен

Владеењето на правото и борбата против корупцијата, како меритократски институции, се столбот на секоја држава. Доколку ја намалиме високата корупција и имаме институции во вистинска смисла на зборот, ќе имаме држава што ќе може да ги заштитува своите национални интереси, но и да испорачува добросостојба за сите македонски граѓани, без разлика на етничката припадност. Истовремено ќе имаме и адути пред Брисел и Европската Унија! Недостигот од адути, како што е функционалноста на судството, е причина за негативните договори со нашите соседи, како што е Преспанскиот договор или т.н. Договор за пријателство со Бугарија. Затоа уште еднаш ќе запрашаме: Дали ние како нација и држава ја разбравме пораката
од Мечкин Камен?

Претседателката Гордана Силјановска-Давкова на Илинден, најголемиот македонски национален празник, од Мечкин Камен во Крушево испрати јасна насока по која треба да се движиме во иднина, но и понатаму останува нејасно дали ние како нација и држава го разбравме контекстот на искажаното.
Секако дека двата Илиндена и илинденските вредности имаа особено место во обраќањето на македонската претседателка, затоа таа нагласи: „Не случајно Манифестот на АСНОМ се повикува на континуитетот со илинденската епопеја и Крушевската Република. Не случајно републиканските и демократски идеали на Крушевскиот манифест се вградени во асномските документи, а преку нив и во темелите на народната македонска држава никната во Народноослободителната борба!“ Во ситуација кога некој се обидува да ги негира македонските национални особености – јазик, историја, култура итн., Гордана Силјановска-Давкова јасно истакна дека „ние не сме стебло без корен“, но ние сепак ќе се задржиме на еден друг момент од нејзиното обраќање од Мечкин Камен.
Силјановска-Давкова, како претседателка на Македонија, пред целата македонска јавност јасно ги исцрта националните интереси и потреби околу кои како нација, држава и општество треба да се обединиме, без разлика на нашата етничка, религиозна или партиска припадност. Таа кажа една голема вистина, меѓутоа повторно ќе запрашам -: дали ја разбравме пораката.
Но што точно рече македонската претседателка Гордана Силјановска-Давкова? На Мечкин Камен таа кристално јасно ни ги посочи реалните проблеми, слично на Мисирковата максима: Што направивме и што треба да правиме во иднина? Слично како и македонскиот великан Крсте Петков Мисирков, таа направи длабински рез и го откри жариштето на нашата современа болест, болест што е раширена низ сите пори на македонското општество.
-Длабинскиот поглед на државата разоткрива во изминатите години и децении: ендемска корупција и организиран криминал, слаби институции, силни партии и моќни поединци, вонинституционално одлучување, партократија, како закана за парламентарната демократија, партизирана и политизирана администрација. Несанкционираната одговорност и неказнивоста го руинираа судството, ја деградираа животната средина, ги нарушија меѓуетничките и меѓучовечките односи, продуцираа катастрофи и трагедии, стимулираа неединство околу прашањата од национален интерес, за кои единството мора да биде императив! Најперспективните млади луѓе, Македонци, Албанци, Турци, Срби, Роми, Власи, Бошњаци и други, масовно се иселуваат во потрага по пристојно место за живеење. Меѓу нив, заради нашата вештачка одделеност од ЕУ, од економски причини, има и наши сограѓани што посегаат по државјанства на нашите соседи членки на Европската Унија, што буди националистички апетити кон нас – рече македонската претседателка Гордана Силјановска-Давкова.

Ова е реалноста и треба да се соочиме со неа. Без разлика дали некој нѐ убедува дека со промената на македонскиот устав и вклучувањето на бугарската заедница ќе влеземе во Европската Унија, мора да разбереме дека тоа е лага. Македонија е слаба држава, а тоа е условено од ендемската корупција, слабите институции и неефикасната бирократија, како и од невладеењето на правото и партизираноста на институциите.
Секој нормален европски граѓанин доколку го запрашаме дали на Македонија местото ѝ е во ЕУ, секако ќе ни одговори негативно! Држава што се соочува со висока корупција или со партизирана и политизирана администрација никогаш нема да биде рамноправна членка на Европската Унија, колку побрзо го разбереме тоа, толку подобро за нас. Стотина пати, а можеби и илјадници пати, досега ни беше посочено дека како држава и општество треба систематски да работиме против корупцијата, но и да воспоставиме функционално правосудство. Но ние како општество и нација како да се глуви и слепи!
Владеењето на правото и борбата против корупцијата, како меритократски институции, се столбот на секоја држава. Доколку ја намалиме високата корупција и имаме институции во вистинска смисла на зборот, ќе имаме држава што ќе може да ги заштитува своите национални интереси, но и да испорачува добросостојба за сите македонски граѓани, без разлика на етничката припадност. Истовремено ќе имаме и адути пред Брисел и Европската Унија! Недостигот од адути, како што е функционалноста на судството, е причина за негативните договори со нашите соседи, како што е Преспанскиот договор или т.н. Договор за пријателство со Бугарија. Затоа уште еднаш ќе запрашаме: Дали ние како нација и држава ја разбравме пораката од Мечкин Камен?

На крајот ќе завршиме со Крсте Петков Мисирков, кој нѐ учеше дека „секој човек има и право и долг јавно да ги изразува своите разбирања за стратешките интереси на својот народ. Само преку општонародна расправа за тие стратешки интереси може да се одбегне тие да бидат погрешно разбрани и да доведат до несреќи и страдања“, како и дека „народниот идеал се применува според историските состојби, и тоа што денес било народен идеал – утре, по неговото осаштествување, ќе му отстапи место на друг, за кој понапред малку се мислело. Често пак од еден народ историските состојби бараат или кореноизменување на народните идеали, коренен обрат на идеалите во друг правец, или го загрозуваат него со полно уништожување. Народните идеали, или долгот кон татковината, се разбираат од разни членови на народот различно. Кој најверно го разбрал вистинскиот и најправиот народен идеал се гледа со порамнувањето на разбирањето на народниот идеал од разни лица. За да може да се направи порамнување и оценување на различно разбраните народни идеали, треба тие да бидат искажани усно или во книга. Искажувањето на своето разбирање на народните идеали и критиката на таквите не е празна работа, зашто идеалите се душата на општата народна работа и од здравоста на таа душа зависи и здравоста и плодовитоста на самата општонародна работа. Лошо разбраните народни идеали само ги зголемуваат народните несреќи, без да му донесат полза на народот“.