„Едно нешто“ треба да се каже: Направени се „два големи исчекора“ во насока на решавање „три тежишни“ проблеми во нашиот урбан конгломерат, наречен главен град.
– Прво, ова е силен импулс (и од централната власт, но и од ЕУ) за решавање на горливиот градски проблем со јавниот превоз на жителите на Скопје, кои веќе го изгубија трпението за нефункционалноста на градскиот транспорт и големите штети што се последица од тоа.
– Второ, ова е голем исчекор во насока на намалување на аерозагаденоста во главниот град, причинета од издувните гасови на автобусите, а и на патничките возила, кои граѓаните мораат пофреквентно да ги користат поради недостатоците на јавниот градски превоз.
– И трето, ова е почеток на едно растоварување на метежот во сообраќајот во главниот град, при што искрено се надевам дека ќе се намалат сѐ почестите сообраќајни застои, поради тоа што улиците се преоптоварени со возила и таканаречениот шпиц во сообраќајот го прават уште потежок, а и времето на одвивање на застоите е уште подолго. Со тоа е поврзано и намалувањето на познатата скопска бучава од сообраќајот…
Градоначалникот на Мексико Сити по автоматизам е член на Владата на Мексико, главно поради големината на градот, бројот на жителите и огромниот број секојдневни посетители и големината на градскиот буџет. А за мене, Скопје за Македонија е истото она што е Мексико Сити за Мексико!
Шегата настрана, но навистина Скопје стана еден македонски конгломерат, една концентрација на различни фрагменти: административен и политички центар, бизнис и индустриски концентриран центар, урбана средина со доста многу жители… Со енормно влевање и одливање на население на дневна основа, а како последица од последново и со огромна флуктуација на моторни возила поради нефункционалниот градски сообраќај што испуштаат издувни гасови и многу повеќе од потребното, бидејќи подолго време остануваат во погон. А во таа приказна, Јавниот сообраќаен превоз (ЈСП) веднаш е посебна приказна. Имено, во Скопје со недели, месеци и долги години граѓаните и добар дел од вработените во ЈСП трпат проблеми во функционирањето на ова важно јавно претпријатие. Нередовен и неквалитетен јавен превоз, неисправни и нечисти автобуси, нервозни патници и возачи, инциденти во возењето и работата на вработените беа сликата што им го уништуваше секое утро или ден на обичните граѓани на Скопје или оние што доаѓаа во главниот град. Туристи, пензионери, студенти, ученици секојдневно доцнеа, одеа пеш, плаќаа поскап такси-превоз за да не останат без работа, да не бидат казнувани за доцнење, да не стигнат на договорена работа или закажан лекарски преглед, зошто не и на кафеанско дружење?! Вработените во ЈСП со години не знаеја дали редовно и дали воопшто секој месец ќе ја примат платата за живот на своите семејства, а возеа неисправни, нечисти, распаднати автобуси со нервозни патници, со кои ни криви ни должни често доаѓаа во конфликти!?
И пред десетина дена чашата на издржливост беше прелеана и градскиот превоз во Скопје, во кој бројот на жители и оние што секојдневно доаѓаат во градот се движи кон околу 800 илјади жители градскиот превоз – застана! Скопје како главен град беше парализиран, на сите страни нервозни граѓани, фирмите, болниците, факултетите полупразни! Сообраќаа само дваесетина автобуси на гас, преостанатите околу 300 со кои располага ЈСП останаа во гаражите, расипани, а исправните – немале гориво!? Нервозата и паниката од градските улици се пренесоа во управата на ЈСП, потоа во Собранието на Скопје и Владата… Зарем дотаму требаше да дојде? Македонскиот премиер Мицкоски најави дека до крајот на годинава Владата ќе распише тендер за набавка на 120 електрични автобуси. Тој исто така рече дека во моментов се скенира пазарот и се бара најповолниот начин за набавка на екоавтобуси. Најголемиот број автобуси ќе бидат наменети за главниот град. Владата планира од следната есен да бидат вклучени во сообраќај нови електрични автобуси, а условите за нивно плаќање наскоро ќе бидат дефинирани… И делегацијата на ЕУ вчера даде свој инстант придонес за решавање на проблемот. Делегацијата на ЕУ му донира шест нови еколошки автобуси на Јавното сообраќајно претпријатие во Скопје. Станува збор за дел од програмата „ЕУ за чист воздух“, а ќе се користат за подобрување на јавниот превоз во главниот град, но и во Битола, Куманово и Тетово. Новите ЕУ-автобуси ќе работат на компримиран природен гас, а ги исполнуваат стандардите за еколошка ефикасност, со што ќе помогнат во намалување на емисиите на CO2 и подобрување на квалитетот на воздухот.
Ова се два големи исчекора во насока на решавање на три тежишни проблеми во нашиот урбан конгломерат, наречен главен град.
– Прво, ова е силен импулс (и од централната власт, но и од ЕУ) за решавање на горливиот градски проблем со јавниот превоз на жителите на Скопје, кои веќе го изгубија трпението за нефункционалноста на градскиот транспорт и големите штети што како последица од тоа.
– Второ, ова е голем исчекор во насока на намалување на аерозагаденоста во главниот град, причинета од издувните гасови на автобусите, а и на патничките возила, кои граѓаните мораат пофреквентно да ги користат поради недостатоците на јавниот градски превоз.
– И трето, ова е почеток на едно растоварување на метежот во сообраќајот во главниот град, при што искрено се надевам дека ќе се намалат сѐ почестите сообраќајни застои, поради тоа што улиците се преоптоварени со возила и таканаречениот шпиц во сообраќајот го прават уште потежок, а и времето на одвивање на застоите е уште подолго. Со тоа е поврзано и намалувањето на познатата скопска бучава од сообраќајот…
Но, дали ургентната реакција на Владата, која доколку допрва не ги раздвижи некако „градските служби“ во делот на сообраќајот, во делот на комуналната хигиена, уреденоста и функционалноста на сообраќајниците, еколошкиот инспекциски надзор, неизоставно ќе мора да се повторува?!
Нам, на граѓаните, ни треба навистина функционална локална власт. Таа е во најтесна врска со граѓаните, најблиску до нив. Таа ги решава (ефикасно или неефикасно) секојдневните граѓански проблеми. И веднаш се забележува тоа (и се чувствува) од страна на граѓаните. Локалната самоуправа не се занимава со „високи политики“, туку со нешто што е најблиску до луѓето: превоз, вода, канализација, улица, парк, зеленило, детско игралиште… Малите нешта ги радуваат луѓето… Затоа, граѓаните на Скопје очекуваат уште едно „мало нешто“ набрзо да се реши трајно и ефикасно: сообраќајот и аерозагадувањето…
Илија Максимовски