Единството и кохезијата ни се потребни, ечат двата Илиндена

Луѓето се обединуваат кога имаат заедничка цел, заеднички стремеж, заедничка визија, кога имаат заедничка судбина. Историски гледано, искажаното се потврдува и од фактот дека двата Илиндена немаше да бидат возможни без сплотеноста меѓу македонскиот народ и сите други што живееле во Македонија, најпрво околу идеалите на Македонската револуционерна организација (МРО), а подоцна и околу идеалите на Народноослободителната и антифашистичка борба, која го поплочи патот до АСНОМ и до конституирањето на современата македонска држава

Во услови кога Македонија како нација и држава се соочува со повеќе егзистенцијални предизвици, сосема природно, искрено, чисто и визионерски, на големиот македонски национален празник Илинден беа испратени пораки за обединување и помирување. Во оваа конотација, македонската претседателка Гордана Силјановска-Давкова говореше за братство меѓу луѓето и народите, а македонскиот премиер Христијан Мицкоски нагласи дека Илинден е нашиот најсилен повик за акција и единство денес. Во сличен дух говореше и претседателот на македонското собрание, Африм Гаши, кој посочи дека идејата што треба да нѐ обедини денес се патриотизмот и заедничката цел за подобра држава.
Но која е суштината на овие пораки и дали македонските граѓани ја разбраа нивната внатрешна содржина? Од политички аспект се вели дека националното единство значи да се биде или да се остане заедно, а тоа значи дека како нација треба да си помагаме и да се поддржуваме во секоја ситуација. Стабилните нации, како Норвешка или Јапонија, ни потврдуваат дека заедништвото е суштинско за градењето добро и силно општество. Единството и кохезијата ни се потребни затоа што за луѓето се вели дека се „социјални животни“, односно дека суштествуваат во заедници, како што се тимовите или нациите. Не случајно, сплотеноста доведе до изградба на египетските пирамиди или до слетување на првиот човек на Месечината. Оние општества што нема да ја осознаат оваа суштина ќе се соочат со разни тешкотии, како што се примерите со Гамбија или Хондурас.

Луѓето имаат тенденција да се обединат кога имаат заедничка цел, да имаат чувство за заедничка судбина. Историски гледано, искажаното се потврдува и од фактот дека двата Илиндена немаше да бидат возможни без сплотеноста меѓу македонскиот народи и сите други жители на Македонија, најпрво околу идеалите на Македонската револуционерна организација (МРО), а подоцна и околу идеалите на Народноослободителната и антифашистичка борба, која го поплочи патот до АСНОМ и до конституирањето на современата македонска држава.
Не случајно, македонските великани, како Гоце Делчев или Методија Андонов-Ченто, поседуваа свест за потребата од сплотување околу заедничките идеали. Ова совршено може да се согледа во искажувањето на еден друг македонски великан, Димо Хаџи Димов, кој уште пред еден век нагласи: „Плачот на Гоцета нека ја разотвори наполно таа долго очекувана пролет и во најскоро време одново да си подадеме братска рака како синови на Македонија, така како што некогаш околу Гоцета се чувствуваме како една челад и социјалисти, и анархисти, и националисти, зошто мислевме и дејствуваме само како Македонци, сите до еден и сите како еден. Тоа братство, таа еднодушност и тоа единствено дејствување се особено неопходни денес, одошто кога и да било. Само братски сплотени за единствена борба во името на Гоцевиот идеал.

Го повикувам духот на Гоцета, за да ни послужи тој како моќна повелба за полно помирување на браќата што се непријателски расположени еден кон друг и за полното и сестрано откинување од канџите и од мрежата на онаа политика чиишто носители најмногу придонесоа за распарчување и разурнување на Македонија и коишто и денес продолжуваат намерно да разгоруваат крвави омрази и страсти меѓу нас, за да не бидеме во состојба да ја заштитиме од нови заговори и предавства. Браќа и другари, стари и особено млади! Сите по патот и примерот на Гоце! Сите под едно знаме! Сите во служба на Татковината! За неа се бориме! За неа да умираме! За тоа плаче тој“.
Деновиве кога се одбележуваат 121 година од Илинденското востание, како и 80 години од Првото заседание на АСНОМ, како нација и општество мора сериозно да ги разбереме суштинските пораки за обединување. Впрочем, Илинден е симбол за сплотеноста на сите македонски граѓани, без разлика на етничката или религиската припадност. Денешната македонска држава немаше да постои без заедничките напори на припадниците на македонскиот, албанскиот, турскиот, српскиот, влашкиот народ и сѐ така до бесконечност. Затоа како нација и општество треба повторно да се обединиме, како и во минатото, во полза на македонската држава, благосостојбата на граѓаните и за подобра иднина на поколенијата што ќе дојдат по нас.