Единаесетти октомври останува да се памети и чествува како симбол на борбата на македонскиот народ за национална слобода, но и како предвесник на изградбата на самостојна, суверена и независна Македонија
Денот на востанието на Македонија или Денот на народното востание на македонскиот народ, познат и како 11 Октомври, е еден од најсветлите државни празници на Македонците. Неговото чествување не е прослава на национализмот, напротив, тоа е чествување на македонската државност и национална слобода. Во суштина, 11 Октомври е симбол на Народноослободителната борба на македонскиот народ во Втората светска војна, борба што беше насочена против фашизмот и асимилацијата на царска Бугарија, сојузник на Третиот рајх на Адолф Хитлер.
Востанието на македонскиот народ беше насочено и против мегалодржавните идеи на Балканот, вклучувајќи го и великобугаризмот, односно против идејата за санстефанска Бугарија, затоа што токму од таквите хегемонистички тенденции на поголемите народи на Балканот, помалите останаа потиснати во своето национално освестување.
Токму бугарска окупаторска власт настојувала да ја оправда својата политика на освојување територии настојувајќи да се прикаже како ослободител. Но повеќе бугарски акти беа насочени против македонските национални особености, како што е Законот за заштита на државата, донесен во август 1941 година, a македонскиот јазик беше прогласен како дијалект на бугарскиот јазик. Бугарските стремежи за асимилација на македонскиот народ биле спроведувани преку многубројните културно-просветни институции, спортски и други друштва и фашистички организации. Асимилацијата била спроведувана и преку образованието, односно преку широката мрежа на основни училишта и прогимназии. Целиот просветен кадар бил донесен од царска Бугарија, бидејќи тој кадар бил носител на фашистичката идеологија и великобугаризмот. Новата бугарска власт настојувала да го всади бугарскиот национален дух меѓу македонските ученици, но и да ја прошири фашистичката идеологија.
Кога на 11 октомври 1941 година прилепскиот партизански одред „Гоце Делчев“ ја напаѓа бугарската полициска станица во Прилеп, како и прилепскиот затвор и телефонско-телеграфската мрежа, започнува борбата против повеќеслојните ретроградни нешта што со децении, па и стотици години го подјармувале македонскиот народ. Меѓу другото, тоа било случај и со бугарската асимилаторска политика.
Дека борбата за македонската национална слобода има длабоки корени манифестирани меѓу двете светски војни во Македонската национална платформа потврдува и Панделис Пулиопулос, генерален секретар на Комунистичката партија на Грција, во своето искажување во март 1941 година.
Според Панделис Пулиопулос: „Самоопределување на македонската нација со отцепување… Ова требаше да бидат нашите општи пароли, не е точно дека ставовите на архиомарксистите и ККЕ се будистички или австромарксиситички. Овие две партии никогаш не се бореа ниту за едно непосредно барање на Македонците. Тие го игнорираа нивното постоење јасно и гласно и велат дека грчката буржоазија ги расчистува прашањата со двојно подјармувачко етничко чистење во Македонија, т.е. грчко-бугарска ’доброволна’ размена и грчко-турската размена на население… А помеѓу преостанатите трагедии на таканаречената Тврдина Акронафплија, најтрагична е таа на Македонците кои се затворени… Кој го побива постоењето на до ден-денес нерешеното, национално македонско прашање во грчка, бугарска и српска Македонија, е без сомнеж лакеј на буржоазијата… Кој го побива историското ослободително движење на Македонците или е неук и мора да ја научи историјата на тоа движење и нејзините национални херои или е повторно лакеј на една од трите угнетувачки буржоазии… Ова движење досега е задушувано во крв и предавство, или претрпе штетна, со оглед на интересите на македонските работници и селани, експлоатација од страна на балканската буржоазија (посебно бугарската)… Кој ја побива оваа можност е слеп или се прави слеп, ако не е лакеј на националистичките подјармувачи на многу страдалниот македонски народ.“
Пулиопулос исто така многу јасно посочува дека уште пред почетокот на Народноослободителната борба на македонскиот народ и новата окупација на Македонија, Македонската национална платформа решавањето на македонското прашање го гледала во создавање македонска национална држава.
Единаесетти октомври како симбол на Народноослободителната борба го трасираше патот кон Антифашистичко собрание на народното ослободување на Македонија (АСНОМ), кога беа поставени темелите на современата македонска држава и кога беше формалноправно кодификувана македонската нација. Не случајно во Манифестот од првото заседание на АСНОМ до Македонија и македонскиот народ се вели: „Македонски народе, од тешките борби и пролевената крв на најдобрите македонски синови излегува денес првото Народно собрание, тој симбол на твојата слобода и изразител на твојот суверенитет, и ја прокламира пред цел свет слободата, и изразител на твојот суверенитет, и ја прокламира пред цел свет полната национална слобода на македонскиот народ во првата слободна македонска држава.
Вековниот идеал на македонскиот народ се постигнува. За прв пат после Самоила македонскиот народ створи своја собствена држава; за прв пат македонскиот народ ќе се осети во Македонија како во своја кукја; за прв пат тој стана не дребна пара во сметките на грабежливите сили, ами слободен народ во слободна држава. Това е најголемата придобивка во историјата на нашиот народ, спечалена во гигантскиот антифашистички фронт со крвта на најдобрите синови на Македонија“.