Еден е Манаки, 45 браќа има

Традицијата и придонесот на „Браќа Манаки“, како прв и најстар балкански и светски филмски фестивал посветен на креативноста на кинематограферите, се огромни за развојот на културата во Македонија. Овој фестивал несомнено е едно од најголемите случувања воопшто во Македонија, па како таков ја собра целата филмска фела од државата, како и признаени имиња од регионот и од светот. Како што и му доликува на еден настан од ваков ранг, на церемонијата на неговото отворање присуствуваа личности од самиот врв на културниот и политичкиот живот

Во неделата беше отворен првиот фестивалски ден на реномираниот филмски фестивал „Браќа Манаки“. Македонија по јубилеен 45-ти пат е еден вид „епицентар“ на светскиот филмски крем, а Битола како горд фестивалски домаќин повторно стана средиште за големите филмски работници и вљубеници во седмата уметност. Традицијата и придонесот на „Браќа Манаки“, како прв и најстар балкански и светски филмски фестивал посветен на креативноста на кинематограферите, се огромни за развојот на културата во Македонија. Овој фестивал несомнено е едно од најголемите случувања воопшто во Македонија, па како таков ја собра целата филмска фела од државата, како и признаени имиња од регионот и од светот. Како што и му доликува на еден настан од ваков ранг, на церемонијата на неговото отворање присуствуваа личности од самиот врв на културниот и политичкиот живот, меѓу кои беше и премиерот Христијан Мицкоски во друштво на неговата сопруга.
Францускиот кинематографер Бруно Делбонел, кој ги сними антологиските филмови „Нема одмор за Бали Барко“, „Амели“, „Многу долга венчавка“, „Хари Потер“ и многу други, е лауреат на „златна камера 300“ за животен опус, а добитничка на наградата „специјална камера 300“ за особен придонес во светската филмска уметност е полската кинематограферка Јоланта Дилевска. Македонскиот филмски и телевизиски монтажер Димитар Грбевски е добитник на наградата „Големата ѕвезда на македонскиот филм“.
Претседателката на Македонија, Гордана Силјановска-Давкова, како покровителка на фестивалот, како што самата истакна, имаше чест да ја отвори оваа престижна и реномирана културна манифестација.
Аналогно на големината на оваа манифестација, во јавноста имаше и бурни реакции. Но, за жал, не беа сите позитивни. Дел од јавноста имаше замерки за одредени, според нив, недоследности и мани, кои го дочекаа овој настан уште пред да биде и официјално отворен. Се чини дека малку манифестации во државава, па дури и кога се од ваков вид, може да поминат без проблеми, па така, несреќните случки честопати се придружен декор.

Слоганот со кој беше брендиран годинашниот фестивал „ја забавува“ јавноста деновиве. А тој гласи: „Еден е Манаки“. Овој слоган ја збуни јавноста, па на социјалните мрежи врие од зајадливи и потсмешливи коментари. Со денови се редат реакции од граѓани, кои забележуваат дека браќата Манаки се двајца, а не само еден, како што се толкува според слоганот на фестивалот.
Згора, веднаш под слоганот „Еден е Манаки“, е напишан уште еден, уште позбунувачки слоган: „45 Браќа Манаки“, веројатно алудирајќи на 45-годишнината од постоењето на фестивалот. Ваквото маркетиншко решение предизвика бура од коментари. Јавноста збунето се прашува, како за еден фестивал што се вика „Браќа Манаки“ вадиш слоган што гласи „ЕДЕН е Манаки“? Аналогно на ова, тешко е човек да не си го постави прашањето: како овој слоган успеал да помине покрај многуте „филтри“ што еден фестивал од ваков ранг несомнено би требало да ги има?
Земајќи го предвид и несреќното графичко решение со 45-ката, по кое испаѓа дека браќа Манаки ги има повеќе и од разбојниците на Алибаба, во јавноста беше изнесено општо мислење дека идејното решение е несоодветно.
Нејсе, покрај слоганот, реакции предизвика и отворањето на „Патеката на славните“, каде што 18 добитници на наградата „златна камера 300“ добија своја ѕвезда на познатиот Широк сокак. Една е Битола, еден е Манаки, рече битолскиот градоначалник Тони Коњановски, откако во друштво на директорот на фестивалот, Симеон Дамевски, ја откри патеката, на која првите ѕвезди ги добија браќата Милтон и Јанаки Манаки.

Аналогно на големината на оваа манифестација, во јавноста имаше и бурни реакции. Но, за жал, не беа сите позитивни. Дел од јавноста имаше замерки за одредени, според нив, недоследности и мани, кои го дочекаа овој настан уште пред да биде и официјално отворен. Се чини дека малку манифестации во државава, па дури и кога се од ваков вид, може да поминат без проблеми, па така, несреќните случки честопати се придружен декор

И сѐ ќе беше во ред и прекрасно доколку организаторот на фестивалот имаше соодветна дозвола за поставување на оваа патека, наместо да ја побара од надлежните институции по поставувањето.
Настанот се одвиваше беспрекорно, како да не знаат дека Широк сокак е под заштита како културно наследство од особено големо значење. Без никаков проблем и претходно одобрение отстранети се дел од старите гранитни плочки и на нивно место се поставени нови со изгравирани ѕвезди и имиња на кинематограферите, досегашни лауреати на фестивалот. Директорот Дамевски дојде во Советот на Општина Битола, призна дека е направен пропуст, кажа дека деновиве поднел барање до Управата за културно наследство и бараше дозвола плочките да останат додека помине манифестацијата, па така, во „балканска продукција“ се испочитуваа уште една процедура и протокол. А ние Балканците сме познати почитувачи на законите и процедурите, особено на маркетингот. Што знае Балканец што е модерен светски маркетинг?!