Кога САД воено ја совладаа Шпанија на крајот на 19 век и ги зазедоа Филипините, водечки американски политичари ја основаа Американската антиимперијалистичка лига, со предупредување до американскиот народ дека „империјализмот во странство брзо и неизбежно ќе доведе до деспотизам дома“. Сегашниот американски претседател Доналд Трамп веројатно избегал од училишниот час по историја на кој се учела оваа важна лекција, бидејќи нешто повеќе од еден век подоцна, под негова команда, САД ги киднапираа венецуелскиот претседател Николас Мадуро и првата дама, во воена акција во јужноамериканската држава што недвосмислено ги крши основните правила на меѓународното право и се заканува да го урне актуелниот поредок воспоставен по Втората светска војна. Згора, Трамп порача дека САД сега ќе управуваат со Венецуела.
Трамп ја базираше својата претседателска кампања на ветувањето за неангажирање во војни во странство, односно дека нема да ги впушта американските сили во долготрајни конфликти како оние во Ирак или во Авганистан. И до неодамна личеше дека американскиот претседател се придржува до претходно изнесените ветувања, како што е, на пример, определбата за носење мир на Блискиот Исток и во Украина. Но треба да се истакне и дека откако Трамп се врати во Белата куќа, тој одобри бомбардирања на позициите на Хутите во Јемен и на ИСИС во Сирија, а САД извршија напади и врз Иран и Нигерија. Интервенцијата во Венецуела без одобрение од Конгресот на САД, веројатно е најрепрезентативен приказ за новиот светски поредок што американскиот лидер сака да го наметне. Поредок во кој правилата и институциите што се задолжени за нивно спроведување се тргнати настрана на сметка на амбициите и интересите на моќните.
Токму затоа селективната примена на меѓународното право честопати се поврзува со обвинувања за двојни стандарди, особено во однос на државниот суверенизам и странскиот интервенционизам, со различни сценарија, кои најчесто се одраз на геополитички интереси на големите сили.
А кога веќе ги спомнавме двојните стандарди, како јасен пример треба да се посочи одговорот на водечките функционери на Европската Унија во врска со случувањата во Венецуела и пораките од САД за заземање на стратешки важниот остров Гренланд, кој ѝ припаѓа на Данска. Европските лидери силно ги бранат правото на самоопределување и територијалниот интегритет на Гренланд од заканите од САД, додека изнесуваат придушени или двосмислени ставови кон американската воена интервенција во Венецуела.
Во тој контекст, во февруари 2022 година по отпочнувањето на руската специјална воена операција во Украина, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, изнесе една од најјасните реторички одбрани на меѓународниот правен поредок по 1945 година. А четири години подоцна, по воената операција на САД против Венецуела, таа одговори со впечатлив контраст, бидејќи сега немаше споменување судир меѓу правото и оружјето како во случајот со Украина.
Токму затоа и не треба да чуди што поранешниот шеф на европската дипломатија, Жозеп Борел, пред нешто повеќе од една година отворено кажа, „без разлика каде одам, секаде се соочувам со обвинувања за двојни стандарди“.
Двојните стандарди досега повеќепати беа на штета на Македонија, врз чиј пример ЕУ покажува дека критериумите и правилата важат селективно. Тоа се забележува и преку Преспанскиот договор со Грција и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија со два придружни протокола, без никаков реципроцитет, кои претставуваат дополнително кршење на принципите на меѓународното право.
Бугарија, користејќи ги постојните околности, деновиве одби да го прифати Акцискиот план за малцинства подготвен од македонската влада, бидејќи документот е напишан на македонски јазик, што претставува уште едно суштинско негирање на македонските национални особености и сериозна пречка за македонските евроинтеграции. Фактот што Бугарија е единствената земја што го блокира документот повторно укажува на злоупотребата на принципот на вето во ЕУ. А користењето конструкции како „достапен јазик“ сигнализира дека Софија се обидува да воспостави преседан во Брисел, каде што македонскиот јазик ќе се третира поинаку од другите официјални јазици.
Селективното почитување на меѓународното право повторно ја нагласува потребата за коренити реформи на меѓународните институции задолжени за негово спроведување. Светот се наоѓа на пресвртница. Прашање е дали ќе тргне по деструктивен пат на целосно уривање на воспоставените правни норми или кон нивна заштита за одржување цивилизиран глобален поредок.
































