Два овна се бодат под европската бездна

Дипломатската офанзива и јасното објаснување на македонските позиции можат да дадат добри резултати во обидот да почнеме преговори за членство во ЕУ, без притоа да ги изгубиме државата и нацијата, иако претходно некој ја изгубил и главата, па дал сѐ што е наш македонски код и идентитет. Притоа многу е корисна јапонската поговорка што вели дека „паметниот човек ќе најде вода во пустина, а будалата и покрај река ќе умре од жед“

Да видиме што кажал и што пренел мудриот македонски народ: „Што еден будала може да расипе, сто паметни не можат да поправат“! За будалите и за будалетинките има издвоено посебно место и во ризниците на многу други народи. „Будалата ќе најде будала и во ноќ“, туркменистанска поговорка. Леле, колку точно!
И уште еден бисер што е насока или патоказ како да се успее во животот: „Паметниот човек ќе најде вода во пустина, а будалата и покрај река ќе умре од жед“, јапонска поговорка.
Тимот на македонската влада предводен од премиерот Христијан Мицкоски деновиве е во Брисел на разговори со политичката елита на ЕУ соочен со каменот врзан за телото на македонската држава и народ оставен од, народски кажано, „будалите“ од претходната влада, кои ја расипаа работата за преговори со ЕУ. Ја отворија портата за влез на агресивниот национализам, а тоа, да се признае, e лоша позиција за секое домаќинство. Не се остава врата отворена во лош комшилук. Нападнат е нашиот идентитетски код безмилосно откако се потпиша Преспанската спогодба, а Бугарија не сака да испушти историска шанса ако може да ја лапне како локум „целувка“ територијата на која е нејзиниот најромантичен дел на историјата.
Во моментов Македонија и Бугарија се како приказната за двата овна што се нашле на едно мало мосте, а под него длабока има бездна наречена европски перспективи, всушност една бесконечна неизвесност. Едниот од овните напредуваше сѐ додека другиот (будалата) му правеше отстапки, но сега гледаме дека другиот овен е многу похрабар. Да признаеме – малкумина очекуваа ваков јасен, силен и аргументиран став на нашите политичари насочен во одбрана на националниот идентитет. Почнувајќи од претседателката Силјановска-Давкова, па Мицкоски, министерот Муцунски, Муртезани и со голем ангажман на дипломатскиот апаратус, македонската приказна се пробива низ клучалките на железните врати на Брисел. Не е лесно затоа што Бугарија и Грција нѐ вратија најмалку 150 години во историјата, па и тие влегоа во идентитетски рисет, а и Европската Унија е во рисет обременета со падот на либерализмот, растот на десницата и форсирањето на наполеонизмот како доктрина за подготовка за конечна пресметка со Русија. Во ваква климатска неизвесност, многу е тешко за Македонија да се избори за подобри позиции за преговорите за членство со ЕУ. Многу. Дека нервозата само ќе се зголемува е јасно, иако од Будимпешта, Братислава, Вашингтон… веќе се кажаа плановите за Украина во постконфликтниот период, при што не се спомнуваат варијанти за членство во НАТО или за испраќање западна војска.

Зошто велиме европска бездна? Она што може да се фати на радарите е европското инсистирање да се милитаризира, па дури и по секоја цена, како одбрана од Русија. Дали мора, кога има други опции, а знаеме дека мирот мора да биде приоритет за Европа, зашто секоја друга опција за континентот е апокалиптична. Пораките што ги испраќа новиот претседател на САД, Доналд Трамп, се дека тој ќе притиска за мир меѓу Русија и Украина и порачува – доста беше крвопролевање. Дали со инсистирањето да се испраќаат европски војници на фронтовите во Украина, всушност Макрон оди по стапките на Наполеон и се обидува да ја спаси својата политичка кожа? Дали тоа инсистирање има основа и смисла кога Германија влегува во период на избори, а во моментов има економија што покажува сериозни знаци на криза и една Италија, која исто така зборува за некаков рисет во Европа. Тоа се големите земји во ЕУ, зашто Велика Британија го напушти клубот. Ете, во тој автобус е и Македонија, внатре станува нервозно затоа што нема простор ниту добар воздух и мора да ги користи лактите за да добие свој простор. Да го пронајде својот извор во пустината.
Во период кога Бугарија не може ни да закрпи влада, македонската дипломатија успешно пласира свои аргументи, а тоа го потврди и поранешниот премиер Бојко Борисов, кој спомнува дека главни играчи во регионот станале Србија, Турција и Грција, а Бугарија е некаде настрана. Но ни Борисов, кој речиси очајнички бара премиерски мандат, не може јасно да гледа на дневна светлина затоа што политиката на Софија предолго гледа низ санстефанските очила, а со таа нејзина позиција ниту ќе бидеме пријателски соседи, ниту ќе можеме да најдеме компромис. Основното правило за добрососедство е двете страни да се рамноправни, а тоа во моментов не е постигнато ниту со Договорот за добрососедство, ниту со рамката за преговори, а таканаречените протоколи се всушност прирачник за капитулација на една држава. Тоа мора да се смени и затоа поддршка за битката што ја води Владата.
Што порача Мицкоски во Брисел?
„На состанокот (со Каја Калас – н.з.) разговаравме за сите тие жртви што македонскиот народ ги донесе во име на европските вредности. Никогаш повеќе не смее да се разговара за билатерални прашања, особено не за идентитетските прашања. Нашиот многувековен идентитет и македонскиот јазик, кој има длабоки корени, никој нема право да ги оспори“. Ништо повеќе, ништо помалку како што милува да каже и еврокомесарката за проширување Марта Кос.

Јасно е дека Македонија и нејзините највисоки претставници не се изолирани, тие се на највисокиот европски форум за да кажат што мислат за многу важни геополитички текови, а не само да слушаат во Брисел туѓи ставови и фрази, туку да ја искажат македонската позиција. На наше заедничко конто секако ќе се слеат не само добри оценки, туку и поддршка за она што сега се прави во земјава, а е индиција на почеток на сериозна борба со корупцијата и со организираниот криминал. Доколку вака се продолжи, тоа нема да остане незабележано и нема да бидеме црна дупка во Европа, ниту црна овца во европското семејство и систем наречен хибридна држава. Случајот, на пример, со бегалецот Артан Груби покажува дека во државата постојат темни коридори, еден или повеќе паралелни системи што работат за одредени личности, а не во корист на државата. Дека има структури што се способни да провалат најтајни операции на специјалните сили на МВР, а тоа значи дека се подготвени да ги нарушат и безбедноста и секојдневието во земјата. Во чиј/чии интереси?
А само да го земеме за споредба примерот со случајот на поранешниот претседател на Франција, Никола Саркози, кој беше осуден на тригодишна казна затвор за обид за поткуп на некој функционер. Нему казната му е намалена на една година домашен затвор. Ќе пие дома кафенце со бразлетна на ногата за да го следат дали го прекршува законот. Саркози верува дека е невин и ќе се жали пред Судот за човекови права во Стразбур. Така се спроведува законот и се одржува системот. Случајот со Груби, пак, е доказ како некој сака да го урне системот. Затоа, борбата што ја почна Тошковски мора да биде успешна, но без обвинителството, судството, МВР и дел од јавноста, тоа нема да биде докрај остварено.