И власта и опозицијата, а богами и градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, не престанаа со меѓусебни обвинувања, еве, речиси цела недела од случајот „Комунална хигиена“. И во тој магичен тростран ринг удира секој против секого, односно секој ги обвинува преостанатите двајца дека се против него и против народот, а само тој е исправен, чесен и посветен на она за што е избран или поставен. Просто е неверојатно какви сѐ комбинации не се изнагледавме и изнаслушавме овие денови, а кои ни ги сервираат трите комуникациски центри или, пак, самите лидери. Што би се рекло – вистинско Дуо трио, кое исфрла огнени обвинувања кон другите два агла од рингот
Неколкудневниот бунт на дел од вработените во „Комунална хигиена“ помина, хигиената во Скопје полека се враќа на нивото на кое се бевме навикнале. И тоа би требало да биде епилогот на целиот настан што изминатиот викенд ги вознемири скопјани, а богами и ги уплаши, ако се имаат пред очи купиштата смет во контејнерите и особено околу нив. Заканата од некакви здравствени реперкусии за населението, за среќа, навреме е отстранета.
Во целата приказна единствена позитивна работа, според првите луѓе на „Комунална хигиена“, е фактот дека конечно се разоткрија шемите според кои некои луѓе си се снашле добро, па остварувале екстра профит на сметка на недоволната прегледност на менаџментот. Но кога се случи инцидентот, се разоткрија и дел од матните работи, па сега би требало да се елиминираат, за да не се подјадува буџетот на јавното претпријатие, бидејќи тоа се градски, значи наши пари.
Но темна сенка на целиот случај оставаат непотребната поларизација, партизација, нетрпеливост и којзнае уште кој епитет што може да се употреби во случајов. И власта и опозицијата, а богами и градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, не престанаа со меѓусебни обвинувања, еве, речиси цела недела од случајот. И во тој магичен тростран ринг удира секој против секого, односно секој ги обвинува преостанатите двајца дека се против него и против народот, а само тој е исправен, чесен и посветен на она за што е избран или поставен.
Просто е неверојатно какви сѐ комбинации не се изнагледавме и изнаслушавме овие денови, а кои ни ги сервираат трите комуникациски центри или, пак, самите лидери. Што би се рекло – вистинско Дуо трио, кое исфрла огнени обвинувања кон другите два агла од рингот.
Жална слика, која, да бидеме објективни, реално ја отсликува состојбата во главниот град. Наместо сите заедно, а пред сѐ жената што некои се обидуваат да ја наречат „мајка на градот“, да се погрижат барем малку да ги средат состојбите во Скопје, тие со новонастаната ситуација нѐ оддалечуваат сите заедно од она што би сакале да го имаме – посакувано место за живеење.
И наместо да имаме беспрекорна чистота на градските улици и јавни површини, ние се радуваме ако комуналците не се решат токму вечерта што им е по распоред да ја прескокнат, како што знаат, па контејнерите уште некое време да се преливаат во околината.
Но тоа е само една од болките на обичниот скопјанец, почнувајќи од оние што сакаат да се декларираат како „стари скопјани“, сѐ до оние новодојдените што со себе си ги донесоа и навиките од таму од каде што дојдоа.
Во сенка на бескрајните и на моменти непотребни актуелни расправии, остануваат проблемите со катастрофалното сообраќајно решение, кое колабира при најмал проблем – било при затворање мост, реновирање улици или посета на некој висок државник. За жал, препораките на врвните светски архитекти во периодот по катастрофалниот земјотрес од 1963 година не се испочитуваа докрај, туку во плановите се внесе така поголемка доза балкански шмек, помешан со македонски инает, кој како да сака да каже „нема некој белосветски архитекти да ми кажуваат што му треба на Скопје“.
Резултатот го имаме пред нас, дополнително подзасилен со архитектонското дивеење и кршење на сите протоколи, што ги прави движењето и комуникацијата неподносливи. А за да се увериме дека е тоа така доволно е да излеземе од дома и да се обидеме да дојдеме до некоја точка макар само пет-шест километри оддалечена.
Ќе рече некој, па користете јавен превоз. Е тука веќе доаѓаме до уште една „светла точка“ во работата на градската управа, поточно на „градската мајка“. Хаос, по системот возам – не возам, поттикнат од инаетењето со вработените во ЈСП, војната со приватните превозници и сличните игранки со нервите на граѓаните, кои немаат друг избор, освен да користат автобус.
За состојбите со такси-превозот веќе и не вреди да се зборува. Голем број обиди се направија да се регулираат состојбите, но повторно „дивите“ таксисти ги бркаат регуларните такси-превозници без нималку грижа дека некој ќе ги санкционира, иако по цел ден крстосуваат низ градот со лажните табли на покривот. Ова, колку да се потврди старата народна поговорка „дојдоа дивите, ги избркаа питомите“.
И да не набројуваме понатаму. Да се вратиме на почетокот. Доколку учесниците во актуелната трипартитна кавга се обидеа барем дел од енергијата што ја потрошија и уште ја трошат во меѓусебни обвинувања да ја искористат за справување барем со еден единствен проблем со кој секојдневно се соочуваат скопјани, можеби и ќе им простевме. Вака, гледајќи ги како некои јатрви на чешма додека исфрлаат отров едни кон други, сѐ повеќе губиме надеж дека Скопјево наше ќе стане пристојно место за живеење.