Доверба

  • Довербата во институциите не е само фраза од политичката теорија што постојано се провлекува низ јавниот дискурс, туку неопходност на секое општество. Кога постои, таа е незабележлива, а кога се урива, тоа се чувствува надалеку и насекаде. Со нејзиното губење се создаваат и политичка и психолошка криза, бидејќи довербата претставува врска, своевиден мост, меѓу системот и народот. Но, истовремено, довербата може да се зајакне и во услови на несигурност. Токму сегашната состојба, кога таа е разнишана, претставува шанса за менување на начинот на размислување, преку фаќање во костец со проблемите од страна на надлежните институции, што забележуваме дека се случува, но и од страна на целото општество, бидејќи само со колективен напор може да дојде и до промена на колективната свест и до враќање на довербата

Со секоја трагедија, со секој прерано згаснат живот, жртва и загуба, со загрозувањето на нашето секојдневие и чувството на губење на основното право на здрав и мирен живот во организирано општество, доаѓа и до уривање на довербата, на одреден начин и меѓу народот, но пред сѐ во институциите. Тоа претставува неизбежна секундарна штета, но извесно со сериозни последици по сите нас. Потоа доаѓа до меѓусебни поделби по партиска, национална и верска основа, до меѓусебни обвинувања и говор на омраза што поттикнуваат колективна несигурност и водат до низа нови проблеми. А поразително за секоја држава е кога граѓаните ќе ја загубат довербата во сопствените институции, со исцрпување на сета надеж дека работите може да тргнат на подобро.

При секое вклучување на социјалните мрежи или излегување од дома за извршување на секојдневните обврски можат да се забележат и слушнат реакции на луѓе во најблиското опкружување како ги доведуваат во прашање ангажманот, професионалноста, капацитетите и воопшто функционирањето на институциите. И изјавите на функционерите тогаш се толкуваат со осуда и истата недоверба, во согласност со скептичните и негативни размислувања.

Па, кога ќе отидете на лекар, суд или во која било друга институција за лични потреби и ќе се соочите со пополнување документи што ви изгледа непотребно, метеж и неизвесност, чувствувате како вашата лична доверба во системот е ставена на тест. Така е при секоја нелагодност во секојдневието.

Тоа не е само македонски проблем туку глобална појава. Испитувањата на јавното мислење во изминатите две години откриваат сложена и фрагментирана слика за довербата во институциите, со трендови што значително варираат низ различни земји, институции и демографски групи. Довербата на глобално ниво е генерално ниска, но се забележуваат мали знаци на нејзино зголемување во одредени области. Спротивно на тоа, во САД и во други западни демократии довербата останува на историски најниски нивоа или блиску до нив, поттикната од партиски поделби и финансиски тешкотии и дезинформации.

Еве, кај нас, само што се расчисти чадот од пожарите што гореа во околината на Скопје изминатата недела, во Велес се случи грозоморно двојно убиство (на 31-годишна девојка и нејзиниот 74-годишен татко) и самоубиство на сторителот, што сериозно ја потресе македонската јавност. Особено по појавувањето на голем број информации дека злосторникот бил осуден, пријавуван и под мерки пред злосторството, што го наметна размислувањето дека задоцнила или отсуствувала соодветна реакција од институциите.

Но, земајќи го предвид токму фемицидот, кој претставува најекстремен облик на мизогинија и на незапирлива спирала на насилство врз жените мотивирано од нивниот пол, се поставува прашањето што може да се стори за негово спречување, за законски промени и реакција што би довела до сузбивање на оваа загрижувачка појава. Вообичаено се предлагаат иницијативи, сe работи на подигање на националната свест со заложби за понатамошно информирање и образование, но Македонија е една од државите што го препознаа и значењето од построгото законско толкување на ова злосторство. Фемицидот беше вметнат во Кривичниот законик како засебно кривично дело во 2021 година, со што беше испратена јасна порака за потребата од справување со родовото насилство. Работна група во рамките на Министерството на правда долго беше ангажирана на измени во Кривичниот законик и на неговите усогласувања со Истанбулската конвенција. Таквиот пример, поздравен и надвор од државава, покажува дека институциите не спијат, туку работат на решавање на проблемите. И по последната низа пожари околу Скопје, премиерот Христијан Мицкоски најави законски измени со кои подметнувањето на палежите ќе се карактеризира како тероризам. Јасно се забележува дека се прават напори од страна надлежните, но потребно е време да се видат ефектите.

Довербата во институциите не е само фраза од политичката теорија што постојано се провлекува низ јавниот дискурс, туку неопходност на секое општество. Кога постои, таа е незабележлива, а кога се урива, тоа се чувствува надалеку и насекаде. Со нејзиното губење се создаваат и политичка и психолошка криза, бидејќи довербата претставува врска, своевиден мост, меѓу системот и народот. Но, истовремено, довербата може да се зајакне и во услови на несигурност. Токму сегашната состојба, кога таа е разнишана, претставува шанса за менување на начинот на размислување, преку фаќање во костец со проблемите од страна на надлежните институции, што забележуваме дека се случува, но и од страна на целото општество, бидејќи само со колективен напор може да дојде и до промена на колективната свест и до враќање на довербата. И покрај сета желба и заложбите, потребни се видливи резултати, решително справување со последиците од трагедиите. Тоа е првиот чекор за враќање на довербата и за нивно понатамошно избегнување.