Растот на цените на земјоделските производи се должи на тоа што немаме доволно земјоделско производство. Од извозник на овошје и зеленчук станавме увозник и затоа граѓаните сега ги плаќаат скапо. Наедно и недостигот од суровини и доцнењето на преработените производи предизвикаа зголемените трошоци на компаниите да се рефлектираат и во зголемувањето на цените кон крајниот потрошувач. А еден од главните проблеми во моментов е и манипулирањето на трговците со цените во отсуство на влада и неспроведување на соодветните закони
Граѓаните речиси секојдневно се изненадуваат од нови цени на маркетите и пазарите. Секојдневно поскапуваат различни производи. Во последните неколку месеци се соочуваме со значително зголемување на цените на основните животни потреби, особено на храната. Членовите на минатата влада во своите излагања во јавноста коментираа дека инфлацијата забавува, но и дека во иднина ќе има континуирано намалување на нивото на инфлацијата. Сепак, таа изгледа се намалува само на хартија, а цените за граѓаните стануваат сѐ повисоки.
Од средата граѓаните купуваат поскап бел леб за околу 10 отсто. Според извештаите од мелничко-пекарската индустрија, причината за ова зголемување, наводно, лежи во порастот на цените на пченицата на светскиот пазар, што довело до зголемување на цените на брашното за 10 отсто. (Патем споменато, ние гревови немаме своја пченица, ниту посеани површини, а при житници со потенцијал да прехранат три Македонии…)
Понатаму, цените на прехранбените производи се зголемија трет последователен месец во мај, објави Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО). Во извештајот на ФАО стои дека цените на житата во мај во однос на април се зголемија за 6,3 отсто. Тоа е резултат на растот на глобалните извозни цени на пченицата, како одраз на зголемената загриженост за неповолните услови на земјоделските култури, кои ги намалуваат приносите за жетвата во 2024 година во главните производни области, вклучувајќи делови од Северна Америка, Европа и регионот на Црно Море.
Додека индустријата и граѓаните бараат решенија, Владата е повикана да интервенира и да помогне во ублажувањето на овој економски удар.
Предлозите варираат од субвенционирање на цените на пченицата до воведување мерки за контрола на цените на основните животни потреби. (Повторно, патем споменато: до кога ќе се расправаме ублажувајќи ги последиците, наместо да се фокусираме на причините на проблемот?! Ако немаа ниту знаење ниту вештини претходните власти, да не речам немаа поим од аграрни политики, тогаш, време е сега и веднаш да почнеме да планираме политики и структурни реформи во земјоделството за наредните пет години!)
Во меѓувреме, граѓаните се обидуваат да се приспособат на економска реалност, но многумина се прашуваат колку долго ќе можат да издржат ако цените продолжат да растат.
Инфлацијата во мај е зголемена за 4,5 отсто во однос на истиот месец лани. Во меѓувреме, цените на мало во истиот период се зголемени за 5,8 отсто. Споредено со април, инфлацијата во мај е повисока за 0,9 отсто, а цените на мало се зголемени за 1,3 отсто, објави Државниот завод за статистика.
Во споредбениот период мај годинава и мај лани, најголем пораст на цените е забележан кај услугите и земјоделските производи. Од друга страна, прехранбените производи бележат пораст од 5,3 отсто, а индустриските производи за 4,7 отсто.
Познавачите на состојбите во економијата велат дека растот на цените на земјоделските производи се должи на тоа што немаме доволно земјоделско производство. Од извозник на овошје и зеленчук, за наша срамота станавме увозник и затоа граѓаните сега ги плаќаат скапо.
Наедно и недостигот од суровини и доцнењето на преработените производи предизвикаа зголемените трошоци на компаниите да се рефлектираат и во зголемувањето на цените кон крајниот потрошувач. А еден од проблемите во моментов е и манипулирањето на трговците со цените во отсуство на влада и неспроведување на соодветните закони.
И сиот овој товар го понесуваат граѓаните на својот грб.
Според пресметките на Сојузот на синдикатите на Македонија, на едно семејство месечно му се потребни 1.000 евра за да го истурка месецот. Оттаму може да заклучиме дека намалување на стапката на инфлација нема, со оглед на тоа што ситуацијата на терен е поинаква, односно секој месец има зголемување на цените.
Немаме доволно домашно производство, немаме стратегија, а немаме ни луѓе што треба да работат. Државата мора да има стратегија и капацитет за тоа, а не само да се фали дека паѓа инфлацијата, решението мора да биде на долг рок, а не носење ад хок решенија.
Сепак, почитувани, ова е аларм за преземање на некои посебни мерки со кои ќе се заштитат граѓаните, но и целокупната економија!
Секое од глобалните нарушувања, како на пазарот на храна така и на страната на глобалната ефективна побарувачка за нашите производи и услуги, се одразува на домашната економија. Меѓутоа, особено важен е начинот на менаџирање на овие ефекти и капацитетот за компензација на штетите на оние што немаат можност да го апсорбираат надворешниот економски монетарен шок.
Инфлацијата во нашата земја зависи од многу фактори, а особено имајќи предвид дека ние како земја сме зависни од увозот и токму од тој фактор зависат и цените. Ако ја третираме проблематиката со генералните макроекономски стандарди, секоја инфлација што не ја надминува стапката од 5 отсто, не мора да биде загрижувачка, и платите на потрошувачката сила може да се справат со тоа. Но нашите компании и нивните производи се погодени двојно од истиот ефект. Секоја инфлација негативно влијае, не само врз џебот на граѓаните туку и врз севкупната економија. Државата е таа што мора да планира, предвидува, организира и да спроведува ефикасни мерки, вклучувајќи и од областа на аграрот.