Научно било докажано дека причина поради која кокошките од една фарма во Тексас биле тотално искубани, обеспердувени, е тоа што ги зафатило торнадо со брзина од 400 километри на час. Сега светот и самата Америка се зафатени од ефектот на торнадата и тој нема да трае предолго, затоа сега мора да го искористиме моментот како Македонија и како Македонци да застанеме во силна борба против корупцијата, но притоа и да почнеме процес на укинување на Преспанската спогодба, за која има многу докази и индиции дека е резултат на меѓународна корупција
Чин први од драмата наречена геополитичко-климатски промени: Во Америка постои еден географски и климатски феномен што се случува во долината на торнадата. Каде што ќе помине торнадо, таму останува пустош. Тоа е неверојатна сила, која се ослободува во краток временски период. Кратко трае, но поради силината е еден од најразурнувачките феномени што се случуваат на нашата пленета. Пред неколку децении се правени испитувања по едно торнадо што зафатило дел од Тексас. Една фарма била срамнета со земјата, а во околината биле пронајдени стотици кокошки целосно искубани. Ниту еден пердув на нив. Научниците се прашувале како се случило тоа, каква сила можела да го направи тоа. Правени се експерименти во специјална центрифуга и било откриено дека за да се отстранат пердувите од кокошките мора торнадото да протатнило со 400 километри на час.
Чин втори: Имаше еден македонски политичар, заборавив како се вика, кој еднаш одеше по трибини, па дури и на македонски сакрални места каде што шета македонскиот дух два милениума, како што е Античкиот театар во Охрид, бараше да си го смениме името, а потоа кукаше на цел глас дека го дадовме името ама не го добивме тоа што ни било ветено. За да имаш таков политички став значи или да си глуп или да си бил поткупен, па сега нема каде. Во политиката кај нас трето, па, и нема. Затоа најчесто, бидејќи доаѓа момент кога ни сопствената кожа не ги трпи, тие бегаат. Бегаат некаде. Што знам каде?
Ние сме тука, можеби поразени, но со надеж дека македонските работи можеме да ги вратиме назад таму каде што припаѓаат – во македонската држава достоинствена, надградба на своето славно минато, со цел да се издигнеме како правна држава, просперитетна, земја со свој македонски сон. Не зборувам глупости. Сонувам и имам право да сонувам! Сакам нулта корупција, од детските градинки до врвовите на политиката и независните власти. Затоа треба да се чисти теренот, не со метла, со булдожери, оти премногу корумпиран шут се собрал. Уште една планина во планинска Македонија, а тоа е премногу. Затоа можеби може да се направи и во Македонија експериментот со центрифугата и искубаните кокошки. Зошто, па, да не? Антикорупциска центрифуга.
Чин трети: Во тек е геополитичко торнадо што доаѓа од САД, а ќе го зафати светот. И тоа не е само волја или план на претседателот Доналд Трамп туку во прашање се процеси што ферментираа во движења. Предолго Америка се токмеше за промени и тие доаѓаат. Едно од тие движења е „Антивок“. Традиционалистите кренаа глас и кажаа „ја претеравте, доста беше“. Ја претераа во климата, во зелената агенда, во трансородовите политики, во двојните стандарди… Долга е низата на претеризмите. Трамп ги отвори и досиејата за атентатот на Кенеди. Америка внатрешно се отвора, а ќе се отвора и тамошното пупка-судство. Наскоро ќе го видиме ефектот на искубаните кокошки. За тоа можат да посведочат вработените во УСАИД.
Чин четврти: Каде оди светот? Одамна се поставува ова прашање, откако стана јасно дека теолошките мислители и ставови либералистите не ги прифаќаа и ги отфрлаа со индигнација. Па, зарем некој може да верува во Господ во 21 век? Но тие што веруваат имаат барем некакви одговори за смислата на постоењето.
Каде оди светот, на ова прашање ќе имаме појасни насоки по Минхенската безбедносна конференција, на која светските лидери ќе дебатираат за геополитиката. Некои ќе останат со куси ракави, некои подзинати, но, како и да е, мора да се оди напред. Некој мора да го вади светот од калта. Зарем на Европа не ѝ беше јасно дека оди во десно? Еве, Германија за една недела ќе оди на парламентарни избори со прашањето – одиме во десно или одиме ептен во десно. Ова ептен не е поврзано само со АфД, која до вчера ја сметаа за неонацистичка, туку колку вдесно ќе отиде коалицијата ЦДУ/ЦСУ. Нивната победа на изборите е прашање само на проценти. Американскиот потпретседател Венс веќе разговара со Мерц како иден германски канцелар и се прават проекции за иднината. Каде е заедничкиот интерес на соработка. Јасно е. Во Германија е сега и прашање дали ќе успеат да го преминат изборниот праг Слободните либерали и Линке (Левицата). Збогум јамајка-коалиции?
Чин петти: Македонија ќе биде на минхенската собиранка, а очекуваме и да каже нешто од свој аспект. И за безбедноста, за заканите по нас, за иднината на светот, за економијата, за обновата на меѓународниот поредок, но и за темата што ќе се отвори во Минхен – двојните стандарди на Западот. Од каде па сега тоа? Се чини дојдено е времето секој да се погледне во огледалото и да се тргне во борба со самите себе, а тоа најчесто значи борба со најтешката човекова болест – лицемерството.
Има ли Македонија што да каже за двојните стандарди? Има, и тоа многу. Не е само членството во ЕУ во таа кошница на отровните јаболка, за нас е уште потешко прашањето за промената на името, на идентитетскиот код, на историското наследство и конечно за нас како прегазена нација и од надвор и од дома. Ние сме членка на НАТО и можеме на своите сојузници и пријатели слободно да им кажеме што мислиме. Има(ме) ли дилеми? Ако има, расчистете ги што поскоро, оти и ние сме во долината на торнадата, ќе летаат пердуви.
Чин шести – епилог: Со отворањето на американското коруптивно досие, кое почна со падот на администрацијата на Бајден, Америка ги отвора старите длабоки рани и тоа нема да биде лесен процес. Со отворањето на досието со УСАИД се видовме и ние во таа коруптивна центрифуга останати без пердуви. Со нашите македонски пердуви сега други се китат и тоа воопшто не е во ред. За македонското општество, за лидерите, за демократските институции сега е многу важно да има сознание дека некој овде бил корумпиран за различни цели и каузи. Некој овде бил корумпиран да го смениме името. А ако тоа овде се случило, за тоа знаеле и во Грција, и постои исто така голема веројатност дека и таму имало корумпирани. Додуша од Атина си признаа дека поткупувале новинари.
Сега Македонија има главно десничарска влада, која може да процени дали ќе остане во центарот или ќе врти надесно според текот на политичката матрица што завладува со светот. Тоа е работа на партиски процени и анализи. Она што е важно за нас е способноста за фаќање на радарите на пораките што се испраќаат од големите до помалите. Навистина е непријатно да се слуша како американскиот секретар за одбрана јавно кажува дека Украина не може да се надева дека ќе ги зачува границите од пред 2014 година. И тоа е тешка лекција за една нација што изгубила толку животи во воени битки.
Не случајно ја спомнувам Украина, затоа што и таа беше во една опасна центрифуга.
Кој би можел да биде епилогот за Македонија? Има повеќе сценарија. Едно е да се пуштат работите да течат како што си течат и да мислиме дека ни е супер. Тоа е одење по линија на помал отпор. Второ можно сценарио е да се разбуди суверенистичкиот дух и да се тргне во процес на враќање на старите атрибути на македонската држава. За тоа имаме еден куп аргументи, кои треба да се стават на брза пруга и да се претстават меѓународно. Сега е моментот кога торнадата се случуваат и ќе се случуваат. Потоа ќе настане некоја тишина, нова смиреност во меѓународните односи, каде што уште ќе тлеат старите и замрзнати конфликти, но масата ќе биде наместена. Ако не се отарасиме од Преспанската спогодба како извор на неправо и во Спогодбата со Бугарија, ние може да се најдеме на масата како искубана кокошка. За нечие мезе. Тоа не би си го посакале за нашата нација во никој случај, нели? Впрочем, ајде да си го поставиме прашањето како е да се живее во држава што си ги сменила името и уставот на кроуптивен начин, а притоа најавува борба против корупцијата.