Долгата сенка на големите

Македонија меѓу глобализацијата, суверенизмот и новиот светски поредок

  • Големите и моќни западни држави одамна не ја извезуваат само својата економија туку и сопствените правни модели, вредносни системи и „цивилизациски стандарди“. Овој процес, претставен како универзален напредок, често носи и сериозни противречности. Од една страна модернизација и економска интеграција, а од друга страна ерозија на локалните идентитети, институции и суверенитет. Малите држави, како што е Македонија, фатени во овој вител, се наоѓаат пред постојан предизвик, а тоа е како да учествуваат во глобалните текови без да се изгубат себеси. Некои лидери продаваат сѐ, па и својот дигнитет и идентитет, а некои – не!

Историјата на малите народи и држави, сепак, нуди извесна утеха. Таа покажува дека малите народи и држави преживуваат и покрај империите, идеологиите и глобалните бранови. Но прашањето што денес станува сè поактуелно не е дали ќе преживеат, туку под какви услови ќе опстанат? Дали иднината ќе биде обележана со натамошно пренесување на државните овластувања кон наднационални структури или ќе се создадат нови пофлексибилни модели на соработка, кои ќе овозможат баланс меѓу суверенитетот и интеграцијата?
Таквите „прифатливи модалитети“ би морале да обезбедат двоен ефект. Прво, зачувување на политичката независност, и второ, секако, слободен проток на капитал, стоки и луѓе. Тоа е тенка линија, особено во време кога глобализацијата, иако формално сè уште доминантна, веќе ги покажува своите слабости. Либералната идеологија што ја придвижуваше глобализацијата со своите постулати за униполарност, хегемонија и хипериндивидуализам влегува во фаза на видлива ерозија.
Во таа рамка се појави феноменот на трампизмот, како реакција на претходно споменатата досега движечка идеологија. И тоа не е само политичка идеологија (суверенизам, трампизам) туку и цивилизациска. Тој повика на враќање кон традиционалните вредности, кон националниот идентитет и кон редефинирање на односот меѓу државата и глобалните структури. Во својата изворна форма, трампизмот се претстави како антипод на неолибералниот глобализам со жестока критика на интервенционизмот, со критика на наметнати културни модели и спротивставување на економските нерамнотежи што ги создаваат големите корпорации и центрите на моќ.
Но токму тука започнува најголемата дилема. Она што првично беше претставено како повлекување кон внатрешен развој и одбивање на империјалната логика, денес се чини дека се трансформира во нешто сосема поинакво. Преку санкции, трговски војни, геополитички притисоци и отворени конфликти се наметнува впечаток дека „тврдата“ и „меката“ моќ не само што не се напуштени туку се редефинирани и повторно активирани.

Овој привиден пресврт, или салтомортале, отвора суштинско прашање: Дали трампизмот како идеологија навистина беше алтернатива на глобализмот или само негова нова фаза? Дали станува збор за вистинска идеолошка промена или за адаптација на истите структури на моќ во нови околности? Ако критиката на униполарниот свет доведува до нови форми на влијание и експанзија, тогаш границата меѓу антиглобализам и реинтерпретиран империјализам станува опасно замаглена.
Во меѓувреме, светот несомнено се движи кон мултиполарност. Нови центри на моќ се појавуваат, старите се преиспитуваат, а глобалниот баланс станува покомплексен. Но оваа мултиполарност не значи автоматски поголема правда или стабилност. Напротив, таа може да создаде нови линии на поделба и нови форми на зависност.
Токму во таков амбиент, малите држави како нашата Македонија се исправени пред најтешката задача. Тие мора да развијат стратегиска зрелост што ќе им овозможи да маневрираат меѓу големите сили без да станат нивен инструмент. Суверенитетот повеќе не е апсолутна категорија, туку динамична способност за носење одлуки во сложен меѓународен контекст.
Клучот можеби лежи во селективната интеграција. Како, па генерално кажано, со прифаќање на економската соработка и технолошкиот напредок, но со јасни црвени линии кога станува збор за националниот, културниот, јазичниот и историскиот идентитет, политичката автономија и општествените вредности. Наместо слепо следење на глобалните трендови или, пак, како што некои милуваат да кажат дека алтернативата е – изолационизам, сега е потребна умешност со прагматичен пристап – комбинација од отвореност и самозаштита.

Светот денес не се движи по права линија, туку низ лавиринт на идеолошки и геополитички свијоци. Во тој лавиринт, малите држави нема да преживеат по инерција, туку само доколку активно ја обликуваат својата позиција. Прашањето не е дали глобализацијата или антиглобализацијата ќе победат, туку како да се најде одржлив пат меѓу нив.
И токму таму, во таа сива зона меѓу големите концепти, се решава иднината на македонскиот суверенитет. И надвор, во некои опскурни центри на моќ, но и внатре, дома кај нас, за што треба да покажеме решителност, непоколебливост, неуморна работа и пожртвуван труд. Сега е нашето време за „крв, пот и солзи“.