Со децении светот се подготвува за целосна примена на таканаречената чиста енергија, односно енергија добиена без да се согоруваат фосилни горива, без да се загадува планетата и енергија што ќе се добива директно од природата, од сонцето, ветерот и водата. Во меѓувреме, се родија многу еколошки движења, многу иницијативи за зелена енергија, се одржуваа многу протести против загадувачите и без никаков сомнеж целата идеја беше навистина благородна во насока на одржување здрава животна средина.
Ама проекциите и реалните состојби никогаш не одат под иста пазува, па како што тргна реализацијата на овие идеи, „прекуноќ“ се јавија климатските промени и одеднаш почна да ги снемува класичните годишни времиња, врнежите станаа поретки, водата почна да се намалува, сушите да траат со месеци, ветерот или да го нема или да доаѓа со урагански налети, единствено сонцето остана уште стабилно да грее, иако и неговата топлина некако како да е подзасилена.
Како и да е, во примената на тие зелени енергии пионери беа скандинавските земји, кои уште пред половина век монтираа ветерници во морињата, поставуваа турбини за искористување на морските струи и реките, па градеа дури и соларни централи без оглед што немаат многу сонце, но интенцијата беше да се искористи сето она што природата го дава. Напоредно со тоа, сите овие земји имаа стабилно снабдување со евтин гас, кој беше главниот извор на енергија што ги движеше нивните економии, нивните домаќинства, така што зелената „козметика“ многу повеќе беше маркетинг-пропаганда отколку вистинско решение.
Кога секна евтиниот гас по почетокот на руско-украинскиот воен конфликт, одеднаш сите видоа дека зелената енергија ни приближно не може да ги задоволи реалните потреби, не е постојана, па смислија соломонско решение, нуклеарната енергија да ја прогласат за зелена.
Добро утро, велат кај нас кога некому нешто ќе му текне.
Без оглед колку да се гради негативен имиџ за нуклеарната енергија, во суштина се работи за речиси неограничен извор на евтина енергија што обезбедувала и ќе обезбедува и натаму стабилно снабдување на државите на долг рок. Сега некој ќе рече, а ги заборавивте ли „Чернобил“, „Фукушима“, „Козлодуј“? Не ги заборавивме, туку ги преживеавме и „Чернобил“ и „Козлодуј“, кој беше блиску до нас, а „Фукушима“ не нѐ засегна толку оти беше далеку. Но зад сите овие хаварии никогаш не стоеја технологијата и нејзиното затајување, туку исклучиво човекот. „Чернобил“ се случи поради нечија суета да му се додвори на тогашниот комунистичкиот режим во Советскиот Сојуз, „Козлодуј“ се случуваше поради бугарската неажурност, а „Фукушима“ најмногу поради виша сила, но делумно и поради лоша проекција на сигурносните пумпи.
Едно е сигурно, светот во иднина ќе има потреба од многу енергија и тоа го покажуваат сите проекции, а на државите е како ќе ја обезбедат сопствената енергетска иднина, првенствено од домашни извори.
Светските медиуми деновиве масовно ја пренесоа веста дека Шведска одлучила да инвестира во таканаречени домашни мали модуларни нуклеарни реактори за својата прва експанзија на нуклеарната енергија по половина век. За ова размислува и Данска, а следна веројатно ќе биде и Норвешка, односно сите што пред пет децении беа по зелената енергија.
Да не се разбереме погрешно, зелената енергија е одлична работа, но таа не може да биде примарна сѐ додека технологиите не го достигнат оној стадиум на ефикасност до таа мера за да се обезбедува доволно производство за сите потреби, но и инвестицијата да се исплати во разумен рок. Дополнително, треба да се најде решение како да се складира добиената енергија кога не се користи бидејќи не треба да се заборави дека пуштањето вишоци во системот пред извесно време ја остави половина Европа во темница.
Значи да поедноставиме, Скандинавците се враќаат на нуклеарната енергија, Германија се враќа, Франција никогаш не се откажа, дури и земјите од соседството планираат изградба на нуклеарни капацитети. Србија планира изградба на нуклеарна централа, Хрватска размислува за модуларни реактори, Словенија веќе има нуклеарка изградена од поранешна СФРЈ.
Затоа и за Македонија како држава е важно да размислува за својата енергетска иднина бидејќи на тој начин ја штити и сопствената сувереност. Држава што е енергетски зависна од други држави, не е баш суверена оти утре кој било може да уценува со секнување на гасот, на струјата, на нафтата или на кој било друг енергент, барајќи за возврат некои наши отстапки оти на тоа навикнал низ изминатите години.
Поентата ми е дека ние сериозно треба да размислуваме за добивање домашна енергија преку нуклеарен процес. Реално класична нуклеарна централа е неисплатлива кај нас, но малите модуларни реактори можат да завршат многу работа. Кинезите ја имаат, а и САД и Британците ја имаат технологијата… Ја имаат и Французите, така што дел од нив како наши стратешки партнери би можеле да споделат нешто во тој дел. Дури можат и да помогнат во инсталирањето вакви капацитети во земјава за да можеме и ние да добиеме стабилни извори на евтина енергија, која во годините што следуваат ќе биде повеќе од важна за конкурентноста на секоја економија. Што е уште поважно, македонското стопанство и граѓани ќе добијат евтина електрична и топлинска енергија, со што може да му се зададе конечен удар на греењето со нееколошки горива, особено во урбаните средини.
Впрочем, низ светските океани крстосуваат еден куп нуклеарни подморници што ја користат оваа технологија, така што нема зошто истата таа да не се искористи и за добивање енергија на копно.
Технологијата оди напред, неодамна американскиот министер за енергетика Крис Рајт рече дека вештачката интелигенција во следните пет години ќе овозможи користење енергија од нуклеарна фузија – енергијата што ги напојува Сонцето и ѕвездите, и тоа ќе биде во полза на човекот. Според него, оваа технологија би можела да ги снабдува електричните мрежи низ целиот свет за најмногу 15 години, што ја прави клучна за намалување на присуството на стакленички гасови. И што е најважно, таа е целосно безбедна. Ако веќе работат на енергијата на Сонцето, а работат сигурно, тогаш треба да размислуваме во таа насока.
Сите овие пораки мора внимателно да ги читаме и енергетската стабилност да ја базираме на новите технологии. Затоа во прво време модуларните реактори се нашата најдобра опција, но за 15 години (што реално е многу кратко време), можеме да се префрлиме на целосно неограничена енергија на која очигледно наголемо се работи. Ова е декада на неверојатни работи, на случувања за кои никој и не претпоставуваше дека се можни, така што во дигиталната ера, во ера на вештачката интелигенција, апсурдно е да размислуваме за анахрони извори на енергија, јаглен, дрва, нафта, гас, туку да грабаме напред. И не мора веднаш 10, нека се изградат еден-два модуларни реактора, да се види користа, па тие нека се надградуваат со дополнителни модули сѐ додека луѓето не увидат дека сметките за струја им се пониски, дека цената на храната станува пониска, дека домот им се загрева еколошки, дека автомобилот им вози на евтина енергија и дека им остануваат повеќе пари за секакви други задоволства и потреби. Така се гради задоволно, среќно и побогато општество, а за да дојдеме до такво нешто, чекорите треба да ги преземеме уште сега.