И покрај сите политички предизвици, кои се чини дека секогаш се приоритет за државата, што некако ги потиснуваат императивите за демократизација на изборните процеси, партиите, како одговорни политички чинители, треба да пронајдат капацитет да создадат услови за понепосредна одлучувачка улога на граѓаните. Зашто демократијата, но и сувереноста на државата, извира од граѓаните! Време е политичките чинители да се придвижат кон изворот на демократијата!
Колку и да ни се чини дека политичките страсти во актуелниот македонски политички момент се на високи Целзиуси, на сите ни е јасно дека сепак сме само во период на предизборно загревање. Веќе се извесни седумте имиња што ќе се најдат во конкуренцијата на избирачките ливчиња за претседател на државата во наредниот петгодишен мандат. Што се однесува до парламентарните избори, сѐ уште дозирано и етапно на јавноста ѝ се откриваат личностите што партиите ќе ги понудат како избор на граѓаните, кои во наредните четири години ќе ги застапуваат нивните интереси во Собранието. Но и покрај целата модерна пиар-стратегија и партиско тактизирање, кои треба да создадат перцепција во јавноста дека партиите имаат скриени адути и изборни програми со „волшебни решенија“ за сите предизвици на државата и проблеми на граѓаните, од досега познатите имиња што се најавени дека влегуваат во изборната трка и првичните навестувања од ветувањата во програмите… некако се создава впечатокот за криза на политичкиот избор. Повторувањето на кандидатските имиња во претседателската изборна листа од претходниот изборен циклус, но и очекуваната диференцијација на наративите во изборните ветувања за парламентарните избори, во голема мера се причина за тој дежа ви ефект во македонскиот предизборен амбиент. Сета таа привидна динамика на предизборниот период сепак не успева да ги покрие кризата и застојот на демократскиот развој, како во парламентарниот, институционалниот и партискиот систем.
Фактот дека во два парламентарни мандата, и покрај декларативните партиски заложби, не се успеа со иницијативата за демократизација на изборниот процес, со воспоставување една изборна единица и отворени изборни листи, никако не оди во прилог на тенденциите за понепосредна демократија, со која граѓаните би имале во поголема мера одлучувачка улога во изборот на кандидатот за кој најмногу веруваат дека може да ги застапува нивните интереси.
И за овие избори, Собранието не успеа (или ескивираше) да направи измени во Изборниот законик, кои барем ќе им овозможат на граѓаните „спореден пат“ со кој делумно ќе го „заобиколат“ исклучиво партискиот интерес вграден во изборните листи и според своја процена да го дадат својот глас за најкомпетентниот и најдокажан од својата професионална работа, за лик што е етички и морално профилиран, за личност што е посветена кон ангажмани за индивидуален, семеен, колективен и општествен просперитет, одговорен, зрел и стабилен… Во такви услови кога останува непроменет Изборниот законик во суштинскиот дел, кој се однесува на изборот на кандидати за пратеници и кога нема отворени листи, тогаш се поставува прашањето – дали би било реално да се очекува еден таков демократски крупен исчекор да направат партиите на овие избори, ставајќи на своите листи – НЕ само партиски војници и слепи извршители за во собраниската гласачка машинерија, туку да направат избор на кандидати на своите листи што одговараат на профилот пратеници, со гореспоменатите епитети, за конечно да започне од некаде зајакнувањето на капацитетите на носечките државни институции?
За издигнување на демократските стандарди во една држава и општество, кон кои треба да се стреми Македонија, неопходен е демократски капацитет кај сите чинители на политичките процеси, пред сѐ на партиите, за тоа понатаму да се пренесе во Собранието и во другите институции на државата. За таков демократски исчекор, првенствено е неопходно партиите да излезат од рамките на девизата „стратегијата што добива не се менува“, односно од веќе проверените формули во партиските агенди и централизирано носење и контролирање на одлуките. Ако единствената цел на изборите е освојување на власта и ексклузивно партиско контролирање на процесите во државата и општеството по изборите, разбирливо е дека не е во интерес на партиите да ги менуваат актуелно важечкиот изборен модел со шест изборни единици и мнозинскиот модел. Удобноста на „познатиот терен“, било да води до победа или во опозиција, сепак се чини дека на партиите им е попрактичен отколку да ја дозволат „неизвесноста“ на слободната волја на граѓаните, кои би одлучувале преку отворени изборни листи. Во таа логика треба да се бара причината зошто пратениците од големите партии, во два парламентарни состава ја ескивираат иницијативата за менување на изборниот модел, која ја имаат поднесено пратениците од помалите партии, формално заглавена во собраниските процедури.
Голема е веројатноста предлог-законот за една изборна единица да остане во аманет и на наредниот собраниски состав. За волја на вистината, иницијативата за отворените листи и во тој предлог-закон што е заглавен во собраниска процедура е оставена за некоја друга хипотетичка постекспериментална фаза со едната изборна единица. Во сегашни услови и една изборна единица е голема изборна хипотеза за Македонија, што ги прави отворените листи како опција за уште подалечна иднина. Сепак, изборниот модел само со една изборна единица е повеќе математичко прашање во изборниот процес, но отворените листи се суштински услов за да се создадат услови за воспоставување директна врска на гласачите со кандидатите, односно преку отворени изборни листи граѓаните да одлучуваат непосредно за тоа кој ќе влезе во парламентот!
И покрај сите политички предизвици, кои се чини дека секогаш се приоритет за државата, што некако ги потиснуваат императивите за демократизација на изборните процеси, партиите, како одговорни политички чинители, треба да пронајдат капацитет да создадат услови за понепосредна одлучувачка улога на граѓаните. Зашто демократијата, но и сувереноста на државата, извира од граѓаните! Време е политичките чинители да се придвижат кон изворот на демократијата!