(или Бенефиција за двајца во корист на штетата на третиот)
Во светот постои една воспоставена стара практика, а тоа е кога не може да се потпише писмена согласност за некоја работа, тогаш се прави џентлменски договор за постигнување одредена цел. Таквиот договор е поврзан со концептот на џентлмен, односно кон припадност на општествена класа или слој за кој се поврзуваат одредени општествени вредности. Во денешната пракса џентлменски договори се постигнуваат во политиката, во спортот, во економијата, во културата, буквално секаде, само да се реализира нешто без да се става потпис и да се остава каков било документ.
За жал, изразот „џентлменски договор“ многу брзо доби повеќе негативни конотации бидејќи под него почнаа да се подразбираат договори што се неформални или премолчени пред сѐ поради тоа што нивната примена е спротивна на законот или би можела да има негативни политички или пропагандни последици. Класични примери за такви негативни џентлменски договори има меѓу компаниите на пример за покачување на цените или за премолчена дискриминација врз основа на полова, религиска, етничка или некоја друга основа.
Токму таков „џентлменски договор“ постигнале претставниците на ДУИ и на албанската опозиција „Вреди“, со кој неформално се обврзале да не влегуваат во каква било влада што не е подготвена да ги поддржи уставните измени.
Имајќи предвид дека вака како што е поставено барањето за уставни измени и немањето никакви гаранции дека Бугарија потоа нема да блокира, „џентлменскиот договор“ меѓу ДУИ и „Вреди“ е на директна штета на македонскиот народ, кој оправдано стравува дека во текот на целиот евроинтегративен процес ќе биде предмет на нови уцени и барања за нови отстапки.
Згора на тоа, „џентлменскиот договор“ постигнат во албанскиот политички кампус подразбира уставните измени да имаат еден поширок опфат, не само впишување на Бугарите туку и бришење на бројката 20 отсто за употребата на албанскиот јазик и избор на претседател на државата во Собранието. Значи, со овој „џентлменски договор“ се излегува со максималистички барања, кои доколку не бидат задоволени, тогаш Македонија нема да може да состави влада според волјата на граѓаните, туку повторно државата ќе ја води октроирана влада, која ќе води политики спротивни на оние што ги одобруваат мнозинството граѓани.
Дискутабилно е како двата раскарани политички субјекта во албанскиот политички блок постигнуваат „џентлменски договор“ кога станува збор за отстапки што треба да ги прави македонскиот народ, а не прават сличен договор за да ја превенираат растечката меѓусебна тензија и да ја релаксираат атмосферата во пресрет на изборите бидејќи во Арачиново веќе почна да се пука.
Како ли би изгледал еден „џентлменски договор“ што би го постигнале, да речеме, македонските партии, со кој би се обврзале влада да прави оној што ќе обезбеди мнозинство, без да кани албански партии во владиниот состав. Или, хипотетички, еве уште едно потенцијално сценарио. Да кажеме да се соберат македонските партии и пред избори да направат „џентлменски договор“, да не коалицираат со албанска партија што ќе инсистира на какви било уставни измени. И тоа е легитимно.
Не за џабе нашиот народ рекол по туѓ грб сто стапа не болат, па така, и новиве „џентлмени“ си прават есап кога знаат дека одамна нема крчмар во државава, па секој си дозволува да прави што ќе му падне на памет.
Наместо да се прават вакви уценувачки „џентлменски договори“ со кои државата уште повеќе ќе завлезе во политичка криза, ист ваков договор треба да направат сите партии што се на македонската политичка сцена.
Прво што треба да се направи, тоа е џентлменски договор дека во Владата и на сите клучни позиции ќе седат само најспособните и најчесните луѓе, без оглед на нивната етничка или партиска припадност. Како џентлмени треба да се договорат и да се направи целосна реформа на правосудството, во насока на обезбедување услови за воспоставување вистинско владеење на правото. Џентлменски договор е неопходен да се почне решителна борба со корупцијата и криминалот, почнувајќи од највисокото ниво, па надолу. Таков пристап е потребен и за реформа на администрацијата. Џентлмени се потребни да се договорат и за носење сериозни економски политики што ќе стимулираат раст на домашната економија, а со тоа и отворање нови подобро платени работни места. Џентлменски договор е потребен и за обезбедување енергетска независност на државата, со градење нови енергетски капацитети исклучиво со наши средства, за да се избегне каква било енергетска зависност.
Главните политички протагонисти во земјава треба да постигнат џентлменски договор и за целосно реструктурирање на здравствениот и образовниот систем, за да добиеме здрави и образовани граѓани што нема да бидат со најкраток животен век и со најлошо образование во Европа. Таков договор е потребен и во поглед на екологијата, за да стане оваа наша Македонија чисто катче среде европскиот континент. Џентлменски договор е потребен и за изградба на инфраструктура, патишта, железнички линии, наместо да тапкаме во место со децении или, попрецизно кажано, да назадуваме, како што е случај со укинувањето на возовите и неможноста цела деценија да се изгради автопат од Кичево до Охрид, во должина од 50 километри. За другите делници воопшто да не отвораме муабет.
Џентлменски договор најмногу ќе ни е потребен да ги заштитиме националните интереси на државата така што ќе работиме за нејзин просперитет и напредок во меѓународни рамки, сите заедно, на ничија штета, најмалку на кој било народ или заедница во земјава.
Се разбира, за каков било џентлменски договор се потребни џентлмени, кои очигледно во Македонија одамна ги нема. И тие што имаа некакви џентлменски манири, си заминаа. На крајот ќе завршам со еден стих од безвременскиот хит „Englishman In New York“ на англискиот музичар Стинг, во кој вели: „Џентлменот оди, но никогаш не трча“.
Така и нашиве „џентлмени“, без трчање, треба полека да го изодат сиот пат за да ја подготват државата за членство во ЕУ, оти само така европската иднина е реална и извесна, ако не во рамките на ЕУ, тогаш кај нас дома.