Џабе везете, не сте надлежни, куса приказна во три слики

Дојде до израз комплетната немоќ на истите оние големи лидери што доаѓаа овде со години да ни солат памет кажувајќи ни што е најдобро за нас или праќајќи ги своите мудри емисари со пластични часовници, кои ни се претставуваа како безмалку врховни решавачи на нашите проблеми, дозаплеткувајќи ги дополнително. И затоа, првата мисла што ми надоаѓа, „џабе везете, не сте надлежни“, не е просто ликување над немоќта на онаа Европа што долго време ни се наметнува како единствена вистина на овој свет, како најдобар избор и решение на нашите проблеми. Тоа е, за жал, суровата реалност во три слики, по сето она што го гледаме изминативе денови, внимателно следејќи ги најновите раздвижувања на глобалната сцена

Европскиот балон од сапуница полека си го добива вистинскиот облик. Балонот на онаа Европа што ние ја познаваме, која денес се обидува да фати чекор со американскиот лидер Доналд Трамп, кој протатнува крај европските метрополи и ги остава подзинати големите лидери, кои сега се најдоа во ситуација на „континуирано заседавање“ во обид да амортизираат или барем да најдат начин да задржат чекор со американскиот лидер. Одеднаш дојде до израз комплетната немоќ на истите оние големи лидери што овде доаѓаа со години да ни солат памет кажувајќи ни што е најдобро за нас или праќајќи ги своите мудри емисари со пластични часовници, кои ни се претставуваа како безмалку врховни решавачи на нашите проблеми, дозаплеткувајќи ги дополнително.
И затоа, првата мисла што ми надоаѓа, „џабе везете, не сте надлежни“, не е просто ликување над немоќта на онаа Европа што долго време ни се наметнува како единствена вистина на овој свет, како најдобар избор и решение на нашите проблеми. Тоа е, за жал, суровата реалност во три слики, по сето она што го гледаме изминативе денови, внимателно следејќи ги најновите раздвижувања на глобалната сцена.
Првата слика, францускиот претседател Емануел Макрон во понеделникот покани мал број одбрани европски лидери во Париз за да демонстрира некакво европско единство. Откако тоа не даде никаков резултат, за вчера свика нова средба, овој пат со претставници на „неколку европски и неевропски држави“ за да расправаат за Украина, најавувајќи дека консултациите со сите лидери на ЕУ ќе продолжат до крајот на неделава.
Во меѓувреме, факт е дека „администрацијата на Трамп ја заобиколи цела Европа со продолжување на директните разговори со Русија за војната во Украина“. Додека Европа се консултира, некој друг договара конкретни чекори, по што следуваше изјавата на Трамп во која директно ја критикуваше Украина, но и сите оние што три години ја туркаа подлабоко во војната наместо да почнат мировни преговори.
Ако успее во својата намера со мировните преговори, американскиот лидер ќе им нанесе сериозен удар на либералните европски елити, но и на сите оние што заборавија на едноставната, но и единствена формула – дека секоја војна завршува со мировни преговори. Колку побргу почнат, толку подобро, тоа значи помалку жртви, помала штета, помалку…

Но не се покажа слабоста на наводната либерална европска политика само на тој план. Деновиве како втора слика, или уште еден промашен потег, се покажа стратегијата за престанок на производство на автомобили со мотори со внатрешно согорување и постепено префрлање на електричен погон. Двата гиганта „Фолксваген“ и „Ауди“, кои се гордост на германската индустрија, веќе најавуваат дека ќе ги одложат своите планови за електрификација. Според првичниот план, овие две марки планираа да ги лансираат своите последни модели со мотори со внатрешно согорување во 2026 година за да станат исклучиво електрични брендови од 2033 година. Според германските медиуми, овој план повеќе не важи. Наместо тоа, овие две компании ќе ги развиваат сегашните модели најмалку уште една деценија. Но не ги менуваат само „Фолксваген“ и „Ауди“ своите планови за електрификација. Слични најави доаѓаат и од „Порше“, „Бентли“, „Ламборџини“, кои исто така го одложуваат целосното префрлање на електрични модели, туку работат на унапредување и на постојните.
И сосема на крајот, иако не и најмалку важно, третата слика. Политиката со која се форсираа таканаречените проверувачи на факти, а впрочем слепи спроведувачи на неолибералната политика „кој не е со нас, тој е против нас“, се распрсна како балон од сапуница. Политиката со која се одеше дотаму што како најцрни непријатели беа окарактеризирани сите оние што беа против Преспанскиот договор кај нас, на пример, го доживеаја своето фијаско.

Проверката на фактите, која беше толку еднонасочна што однапред се знаеше каков ќе биде нејзиниот исход, само ако се видеше кој е предметот на „обработка“, се претвори во карикатура на самата себе. Цензурата на неолибералните европски елити беше толку насилна што дури и во нашата мала Македонија дојдоа емисари за да кажат дека „сето она што медиумите ќе го напишат/кажат, а што е спротивно на мејнстрим-политиките на владите (и на Брисел, се разбира), сето тоа ќе биде прогласено за лажна вест и дезинформација, а ќе се сносат и последици!“ И така, оние медиуми што го свиткаа ’рбетот и се самоцензурираа беа богато наградувани, а оние другите што се обидуваа да ја кажат и другата страна беа игнорирани и блокирани. Гласот на совеста беше замолчуван, а гласот на полтронството поттикнуван и наградуван.
Но времињата се менуваат. Всушност, сѐ тече и сѐ се менува. И затоа, дајте да се свртиме кон себе, кон решавање на нашите внатрешни проблеми како што е најдобро за нас. Да престанеме да им робуваме на „советите“ на сите оние што ни мислат добро, да им кажеме едноставно „фала брату, доволно ме бранеше“, затоа што од нивните совети минувавме исто како натепаниот брат од народната приказна.