Дипломатија

Оптоварена од баластот на Договорот за добрососедство, како и Преспанскиот и Охридскиот договор, Македонија е во незавидна ситуација во обид да ја убеди Европа во своите ставови, знаејќи дека е тешко да се изместат Софија и Брисел од нивните удобни позиции. Ние се потпираме на дипломатијата за сузбивање на неевропските наративи вградени во францускиот предлог, а Бугарија на целосната поддршка и угодувањето од ЕУ, која слепо застанува на нејзина страна

Тргнувањето од позиција во која сте потполно сигурни во правичноста на вашите ставови, од тоа дека разумот, логиката, како и сите принципи и критериуми се на ваша страна, додека наспроти вас се наоѓа некој што свесно зазема позиција на моќ, упатувајќи уцени и непринципиелни барања, претставува судир на две страни со тотално спротивставени гледишта. Вака може да се согледа македонската донкихотска борба против бугарски ветерници за да се напредува на европскиот пат, истовремено убедувајќи ја и Европската Унија да ги почитува вредностите на кои е заснована.

Македонските политичари деновиве во срцето на ЕУ ја претставија идејата против билатерализација на преговарачкиот процес, со определба тој да се води според постигнувањата, без наметнатите услови од Бугарија. Премиерот Христијан Мицкоски, кој ја предводеше македонската делегација во Брисел, јасно истакна дека Македонија повеќе од две децении е жртва на билатерални проблеми. Тој нагласи и дека веќе нема да прифаќаме ултиматуми, потсетувајќи на многуте жртви што земјава досега ги поднесе за евроинтеграциите.

Оптоварена од баластот на Договорот за добрососедство, како и од Преспанскиот и Охридскиот договор, Македонија е во незавидна ситуација во обид да ја убеди Европа во своите ставови, знаејќи дека е тешко да се изместат Софија и Брисел од нивните удобни позиции. Ние се потпираме на дипломатијата за сузбивање на неевропските наративи вградени во францускиот предлог, а Бугарија на целосната поддршка и угодувањето од ЕУ, која слепо застанува на нејзина страна. Покрај формалните средби во Брисел, се обидуваме и со културната дипломатија, како што беше случај со гостувањето на Македонската опера и балет во Софија и изведбата на „Набуко“ од Џузепе Верди, но и тука се соочивме со подли удари од официјалната бугарска политика, со што дополнително се влошуваат односите. Новиот бугарски амбасадор во земјава Желјазко Радуков одби да прими протестна нота од Скопје, упатена поради неистакнувањето на државното македонско знаме при средбата на претседателката Гордана Силјановска-Давкова со бугарскиот претседател Румен Радев во Софија.

Дипломатските скандали во бугарска режија така се нижат, а бугарските политичари дури се осмелија да побараат извинување и оставка од македонскиот вицепремиер и министер за транспорт и врски Александар Николоски, во врска со неговата реакција за неистакнувањето на македонското знаме во Софија.

Дипломатскиот протокол дејствува функционално во теоријата и во филмовите, како при доблесниот обид на шведскиот конзул Раул Нордлинг да го убеди германскиот воен гувернер на Париз, генерал Дитрих фон Шолтиц, да не ја исполни наредбата за кревање на знаменитостите на главниот град на Франција во воздух за време на Втората светска војна, во француско-германскиот филм „Дипломатија“ од 2014 година. Тој со својата тајна дипломатска мисија успева да го спаси Париз, колку и да изгледа безнадежно неговата првична намера. Но тоа е само филм, а реалната политика е бескрупулозна, честопати погазувајќи ги дипломатскиот кодекс, правичноста и разумот.

Бугарија не отстапува од своите непринципиелни барања, веројатно за да го оттргне вниманието од големиот број проблеми со кои се соочува дома, откако со години е опфатена во длабока политичка криза, влегувајќи во ќор-сокак од кој не се гледа излез. Најреномираните европски медиуми деновиве ја изнесуваат на виделина нефункционалноста на институциите кај источниот сосед за да ја потсетат и ЕУ за состојбите во Бугарија. Германски „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ укажа дека во Бугарија со години не постои државно управување, додека британски „Фајненшл тајмс“ наведува дека Бугарија е „замрзната демократија“ што претставува ризик за ЕУ, поставувајќи прашање кој навистина управува со земјата. Претходно и „Политико“ и „Еурактив“ ги посочија неможностите за добивање стабилна влада во Софија, додека Бугарија се подготвува за седмите избори во изминатите три години. Згора, Грците, односно тамошните медиуми, известуваат дека единствено бугарските граѓани имаат понизок животен стандард од нив во ЕУ.

Токму поради проблематичната состојба во Бугарија, македонската дипломатија не треба да очекува ниту подобрување на односите ниту отстапки, туку треба да работи на исполнување на домашните задачи и да остане доследна на барањата што дојдоа од граѓаните. Веќе постојат јасни назнаки за таквата определба, со изнесување на ставот дека веќе нема да прифаќаме ултиматуми.