(Дез)интегративци

Лидерите на албанската опозиција во земјава упорно се држат до нивниот пристап со закани во обид за издејствување на многубројните барања, кои во одредени периоди преминуваат и во отворени уцени, без притоа да се има предвид општиот национален интерес на државата, па и правата на мнозинскиот народ, а тоа е да се создадат стабилни политички и економски услови во текот на еден мандат на која било влада. Тие не овозможија мир ниту во првите 100 дена од новиот владин состав, туку, напротив, сѐ погласно изнесуваат неосновани критики, нови барања и закани

Острата реторика со „црвени линии“, тврдења за антиалбанска кампања, најави за прес-конференции и за поставување шатори пред Владата ги претставува последните во низата закани од албанскиот опозициски блок во земјава, кој веќе со месеци се обидува да внесе страв, преку кревање на тензиите во општеството, во рамките на веќе видената стратегија кога станува збор за повиците за исполнување на нивните навидум бесконечни, честопати нереални барања. Згора, интегративците сега се навраќаат и на најавите дека чекаат наредба од партискиот лидер Али Ахмети кога да почнат со акцијата за одбрана на „политичкиот легитимитет“, односно за спроведување на нивната стратегија со протести пред институциите, чиј почеток веќе доцни, откако првично беше планиран за септември.
При изнесување на барањата (и заканите), кои само се трупаат, забележливо е дека ДУИ постојано се однесува како разгалено дете, како државата да е нејзина сопственост и како сите други да се обврзани на потчинување на нејзините еднострани толкувања на политиката. Се однесуваат како тие да се безгрешни, а сите други мора да ја платат цената за евентуалната непослушност.
Во Македонија припадниците на малцинствата, а особено претставниците на албанските партии, ги имаат остварено сите права, кои се однесуваат на користењето на јазикот, во вработувањето преку процентуалната застапеност во државната администрација, како и со извршување високи државнички функции, што честопати и се злоупотребува со искривено толкување на Охридскиот рамковен договор. Всушност, ниту спогодбата на која постојано се повикуваат не помага кога станува збор за желбите на членовите на ДУИ, кои водат сметка само за тоа колкумина државни функционери и вработени во јавната администрација се Албанци. Од ДУИ претходно го истакнаа токму ангажманот на Американецот Пол Вилијамс, еден од авторите на Охридскиот рамковен договор, наведувајќи дека веќе разработил модели за системско и политичко реструктурирање на Македонија, како идеја за озаконување на принципот за коалицирање победник со победник, што всушност би водело кон федерализација на државата. А имаат сѐ посилна поддршка и од лидерот на Алијансата за Албанците, Зијадин Села, (всушност на еден дел од поделената партија, која е партнер во Европскиот фронт), кој им се придружи во апелите за нови барања.
Лидерите на албанската опозиција во земјава упорно се држат до нивниот пристап со закани во обид за издејствување на многубројните барања, кои во одредени периоди преминуваат и во отворени уцени, без притоа да се има предвид општиот национален интерес на државата, па и правата на мнозинскиот народ, а тоа е да се создадат стабилни политички и економски услови во текот на еден мандат на која било влада. Тие не овозможија мир ниту во првите 100 дена од новиот владин состав, туку, напротив, сѐ погласно изнесуваат неосновани критики, нови барања и закани.
Македонија за нешто повеќе од три децении постигна највисок степен на почитување на малцинските права и на интеграција на малцинствата што се лојални граѓани и кои ја чувствуваат земјава како своја татковина. Колку што македонската политика имаше разбирање и волја за поволно решавање на националните барања на Албанците низ годините, толку албанските политички лидери од друга страна немаа чувство на блискост и партнерство за националните интереси на Македонците.

Во македонската јавност затоа е создадена перцепција дека во албанскиот политички кампус нема изградено култура на емпатија и солидарност со национално-идентитетските предизвици на македонското мнозинство, додека во клучните моменти за прашањата што ги засегаат Албанците, тие секогаш наидувале на поддршка кај македонскиот народ, или барем на подготвеност за компромис и за отстапки. А во најзначајните периоди од поновата историја на Македонија изостануваат разбирањето и подадената рака од страна на албанските политички лидери за поддршка на македонските национални прашања. Политиката на партиите од албанскиот блок е изразено албаноцентрична, водејќи грижа исклучиво за албанските етнички интереси, без прикажување солидарност за македонското мнозинство, ниту за другите етнички заедници во земјава.
Сите овие постапки укажуваат дека политичките лидери на албанското малцинство во земјава никогаш не се ни обиделе да работат на интеграција на Албанците во македонското општество. Напротив, нивните определби и постапки служат единствено за продлабочување на етничките поделби. Во ваква ситуација, албанското малцинство, и покрај сите прилики и направени отстапки, упорно одбива да ја прифати подадената рака за единство и во потполност да се интегрира во македонското општество. Речиси со сигурност може да се тврди дека доколку албанските политичари застанеа зад македонските ставови, меѓуетничките односи ќе се подобреа и релаксираа, ќе имаше поголемо разбирање и соработка, на општа корист на сите граѓани и политички субјекти во Македонија, а веројатно ниту соседите ниту меѓународната заедница ќе немаа доволно храброст да ги поставуваат нивните уцени и ултиматуми.
Вака, последните постапки на албанскиот опозициски блок дополнително ги затегнуваат меѓуетничките односи и носат ризици за одржување на мултиетничкото општество и за стабилноста на унитарната држава. Односно, очигледно е оти преку нив се работи на разбивање на унитарниот карактер на државата и на воспоставување федерален систем, што цели кон отцепување на македонска територија. Ваквите намери се проѕрени од јавноста, која и на изборите покажа дека политиката на создавање раздор и немир не поминува, со што нема веќе разбирање ниту волја за дополнителни отстапки за нереалните барања на албанскиот опозициски блок, од кои никој, освен нив, нема да види ништо добро.