Можеме да анализираме колку сакаме, но, ете, претседателката на албанскиот парламент зборуваше дека Албанците се еден народ во три држави како детелина со три листа, претворајќи Македонија во албанска држава. Сега треба да се
додадат и некои атрибути за да се заврши албанската приказна напишана на албански јазик и во Македонија. Нема овде три точки, туку се става извичник! Можеби Спиропали лови гласови за парламентарните избори во Албанија, но таа нас нѐ потсетува дека токму таква е геополитичката реалност, а кај нас под полна пареа се работи на создавање паралелни албански институции што ги финансираме ние, од нашите џебови излегуваат парите
Кога ќе дојде висок странски гостин во една држава во официјална посета, може да биде и работна, секогаш се мерат зборовите, се користи пријателски речник, се отвораат врати за соработка. Но кога странскиот политичар ќе ве покаже со прстот кога ви се обраќа, па уште ви дава домашна задача… хм, работите не се добри. Тоа е симптом дека се изгубила основната мерка за почитување на заемните односи засновани на меѓусебна доверба и почитување на суверенитетот на државата. Слична е работата и со странските претставници, иако тие се заштитени со дипломатски имунитет, кој не се протега одовде до вечноста. Еве само еден свеж пример како одат работите во светот: претседателот на американскиот Претставнички дом, Мајк Џонсон, го повика Володимир Зеленски да ја отпушти Оксана Маркарова, украинската амбасадорка во Вашингтон, обвинувајќи ја за мешање во американските избори. „Барам веднаш да ја отпуштите амбасадорката на Украина во САД, Оксана Маркарова“, напиша Џонсон во писмото до Зеленски во средата, наведувајќи дека таа го организирала настанот во Пенсилванија. Амбасадорката организирала политички настан на кој не поканила ниту еден претставник на републиканците, заборавила на нужниот политички баланс. Сега Зеленски е на потег откако американскиот Конгрес практично ѝ извади на Маркарова билет во еден правец.
А, како дојдовме ние до тоа секој јабанџија кога ќе дојде кај нас на гости да си ги избрише чевлите на кои се залепила кал. Балканска кал, блато како дел од политичкиот фолклор или седимент наталожен на булеварите од светските центри на моќта? Една животна лекција што ја научив од една блиска личност, инаку невропсихијатар, беше дека ако се ставиш во улога на черга, секој ќе те гази!
Македонија не ја научи таа лекција, а во моите 40 години новинарска кариера се изнагледав и изнаслушав совети од тие јабанџии-политичари, и тоа од прва, втора, трета и не знам која класа. Буквално на јавна говорница ни кажуваа што треба да правиме. Ни кажуваа колку сме лоши, понекогаш и дека сме глупи, дека не нѐ бива, дека само уште ова ако го дадеме, готово, ќе биде завршена работата. А, пред да се заврши работата, нужно е да се пресмета дали тоа значи дека може да биде завршено и со нас, да ни биде скроен костумот. Затоа прстот на чело и смена на односот.
Претседателката на албанското народно собрание Елиса Спиропали не е првата политичарка од Албанија што овде среде Скопје ни даде патоказ како треба да се однесуваме, а сега како мезе на таа политичка шведска маса беше сервиран и Уставниот суд на Република Македонија. Дека не треба да се укине балансерот (тој е готов, историја) и дека исто така Уставниот суд треба да даде зелено светло за законот за употребата на јазиците. Дека Албанците биле многу горди и чувствителни на убавиот албански јазик.
Па, секако, а кој народ не е горд на својот мајчин јазик. На јазикот на кој нашите деца ги изговараат првите зборови. Но и дека токму Албанците се како детелина со три листа, што ќе рече истите Албанци се наоѓаат во три држави, мислејќи на Албанија, Косово и на Македонија. Можеме да анализираме колку сакаме, но, ете, и Македонија стана албанска држава. Сега треба да се додадат и некои атрибути за да се заврши албанската приказна напишана на албански јазик и во Македонија. Нема овде три точки, туку се става извичник! Можеби Спиропали лови гласови за парламентарните избори во Албанија што треба да се одржат в година, но таа нас нѐ потсетува дека токму таква е геополитичката реалност. А пред неа и други албански политичари нѐ потсетувале на истото тоа, албански политичари крстосуваа низ Македонија надвор од сите протоколи, се сликаа групно мавтајќи со орелски крилја како да е тоа нормална работа, а Македонците, кои си плаќаат даноци, дебели сметки за струја, кои одат низ улици полни со дупки, кои живеат во една изолирана држава и како стратегија на своите соседи, кои купуваат скапи станови изградени со непроверен странски капитал, мораат да ги голтаат сите тие наменски колачиња. Па, кој нормален има таков желудник да го свари сето тоа!
Ништо ново, но Спиропали само кажа дека поставената стратегија на Тирана продолжува. Ете, сите имаат свои стратегии, национални и малку пошироки. Првите знаци дека ќе ни го менуваат националниот калап се видоа пред 30 години, кога странските амбасади, како на Обединетото Кралство или на САД и Франција, Холандија, на своите телефонски секретарки снимија инструкции и на албански јазик. На прашањето зошто го прават тоа, имаа совршено подготвен одговор – заради граѓаните на Косово што доаѓаат тука да вадат визи. Што беше факт. Но, јазикот од телефонски секретарки стигна до ниво на службен јазик, а и покрај тоа што експертите на Венецијанската комисија предупредија дека е отидено предалеку, домашните албански политичари и комшиите велат – не е доволно.
Си ја знаме нашата историја на болеста, но лекот не го најдовме, а политичарите се оптимисти и уверуваат дека коалицијата функционира добро. Јас на пример сум го гледал д-р Арбен Таравари како се поздравува со пријатели и комшии во слаткарницата „Палма“, што е многу убаво да се гледа, па тој е човек од нашето маало, но не е тој истиот Таравари кога ќе се најде во политички води. Интересно, но се ми се чини дека нашиве политичари пливаат во контаминирани политички води не водејќи сметка за интересите на граѓаните туку се заробени во агенди. Еееј, агенди! И добро е што пожарникарски се обрати до „своите“ од Њујорк, кој ако се чувствуваат знаци на криза, и не е предалеку.
Да се вратиме на суштината со прашањето дали е таа изгубена во нашето општество. Дали е изгубен балансот, за што јас имам потврден одговор. Можеби не сум доволно информиран, но за мене беше изненадувачка информацијата дека за еден малку познат универзитет што работи под фирмата „Мајка Тереза“ и можеби е поврзан со идеите на сестрите на милосрдието, Владата издвојува фантастични 35 милиони евра за изградба на кампус. На тој универзитет се запишани 3.000 студенти, каде што доминира албанскиот јазик и е уште еден таков државен универзитет. Не се сеќавам дека некогаш за наука се издвоиле толку пари. Угледниот УКИМ, кој е бетонски објект од времето на брутализмот, плаче за обнова. Но, се нема. Се нема и за ФИНКИ… Каде е тука балансот?
Продолжувам да ја барам суштината во нашето општество? Дали овој паралелизам на градење албански институции е договорен проект за кој јавноста не знае доволно? Или, пак, е нешто што е во рамките на геополитиката, како што кажа спикерката на албанскиот парламент, а тоа значи во игра се и големите сили. Дали овој паралелизам се турка на мускули, како израз на сила и моќ на албанскиот фактор? Можно е да е сѐ на куп. Еден од најновите индикатори е туркањето на проектот „албанска културна академија“, кој неминовно потсетува на раните 90-ти години од минатиот век, кога тетовските студенти протестираа, а на едно дрво стоеше натпис „Медицински факултет“. И бидна и тој факултет и биднаа и Штулов и Државен во Тетово… Па, еве сега четири општини за почеток ќе финансирале академија, утре опера, филхармонија и така… ќе живееме во паралелни светови во иста држава. Но, до кога и каде ќе отидеме?
И на крајот како оправдување на насловот на колумната, секако погодувате дека Македонците се како детелина со пет листа. Можеби и повеќе. И тие се горди на својот јазик, еден од најстарите живи јазици глобално. Со своја инвенција – свое писмо старо најмалку 3.000 години, со глаголица и кирилица. Зарем е малку тоа. Па, и големи нации користат позајмени азбуки за да можат да се изразат, да остават траги. Секако, има и други наши комшии што живеат како детелина со многу листови. Но, за нас е важна куќата, домот, каде што на маса треба да се договараме што сакаме и какви ќе бидеме во блиска иднина. Животот не е како возење автомобил и менување станици, па ако е на македонски, се префрламе на албански или во некоја друга јазична комбинација. Кога балансот е изгубен, тогаш и жонглирањето со националните интереси е опасна работа. Најавата дека ако се укине балансерот, тогаш ќе се направи закон за нов балансер е јасна порака дека Уставот овде не се ферма и оти пак ќе се направи противуставен закон. Па, да видиме што ќе донесат октомвриските дождови, кога ќе се видиме во чекалницата на ЕУ. Дали навистина функционира оптимизмот на Таравари дека коалицијата функционира и дали премиерот ќе ја добие потребната поддршка?
Христо Ивановски