Откако пред 20 дена Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент (АФЕТ) го одложи гласањето за извештајот за напредокот на Македонија поднесен од европратеникот Томас Вајц, стана јасно дека проблем не се македонските евроинтеграции, туку македонскиот идентитет.
Бугарските и грчките европратеници, инструирани и добро подготвени од официјална Софија и Атина, се распишаа амандмани и запнаа од петни жили да го сменат известувачот за земјава Вајц, само затоа што некаде во извештајот стоело дека македонскиот идентитет е многувековен. Распалија со канонада навреди од типот дека ние сме го поткупиле, некој ни доставувал информации и слично. Кога виде со какви луѓе си има работа, Вајц мудро го повлече извештајот за земјава, а новото гласање е закажано токму за денеска.
Многумина денешниот ден го гледаат како Денот Д за Европа, денот од кој зависи дали Европа ќе се ослободи од опашките на темното минато, за што животот го дадоа илјадници војници истоварувајќи се своевремено на Нормандија, или, пак, нивната жртва била залудна бидејќи злото против кое се бореле, сега одново господари со Европа.
Како и да е, што и да се случи на денешното гласање, дали тоа ќе се одржи или повторно ќе се одложи, или дури и нема да има извештај, Македонија извојува голема дипломатска победа. Имено, по настапите на бугарските европратеници и поддршката од нивните грчки колеги, Европа можеше јасно да види дека не се никаков проблем тие фамозни 3.000 Македонци со бугарска самосвест за кои на официјална Софија ама баш ѝ е гајле, туку проблем е потврдата на македонскиот идентитет низ еден историски континуум. За Софија секое спомнување на Македонци пред 1944 година е груба лага и манипулација бидејќи претходно сите биле Бугари. Џабе нашите дедовци и баби ни раскажувале за своите предци Македонци, џабе песните и митовите што ги имаме, џабе архивските документи, пописите од турско, тоа за една „европејска“ држава не важи, туку важи само нивната приказна што некој друг им ја раскажал кога им ја создал државата.
Во суштина, ова што сега го прават бугарските и грчките европратеници, и тоа во домот на европската демократија, има заднина во еден долготраен и тивок процес на геноцид врз македонскиот народ. Имено, станува збор за процес подолг од сто години, кога со поделбата на Македонија во 1913 година со Букурешкиот договор, Македонците во соседните држави се соочија со најразлични форми на репресија и асимилирање, а сега таков удар да им се задава и на Македонците тука во Македонија, со една и единствена цел, засекогаш да се сотре македонството и на тој начин да се затвори македонското прашање. Оние што најмногу рипаат сега, тие си ја имаат мувата на капата оти знаат точно какви политики спроведувале нивните влади, какви етноциди се правеле врз Македонците, за сега истите тие да говорат за некакви човекови права и демократски вредности. Апсурд до апсурд.
И Грција и Бугарија во 20 век учествуваа во класичен геноцид врз македонскиот народ. Првата ги протера од родните огништа од Егејска Македонија, додека втората изврши репресивен притисок врз Македонците во Бугарија, кои од двесте илјади прекуноќ станаа 2.000. Па Худини да беше, немаше да може да го направи она што го направи Тодор Живков за кратко време. Е, сегашните бугарски и грчки политичари, како и нивните претставници во Европскиот парламент, всушност ги застапуваат тие геноцидни политики и бараат и Европа да го прифати тоа, што би било пораз за европската демократија и принципи.
Гласањето во ЕП може да биде клучно за тоа дали ќе му се стави конечен крај на еден тивок и долготраен геноцид врз македонскиот народ или, пак, системското уништување на еден народ ќе продолжи со европска поддршка. Тоа е геноцид, кој сега го гледаме преку поднесените амандмани на извештајот за напредокот на земјава, документ што требаше само технички да помине низ процедурите во ЕП. Но кога и за оваа техничка работа се крева толкава прашина од бугарска и грчка страна, тогаш прашање е колкава врева ќе се крене ако дојдеме во ситуација да почнеме да напредуваме во евроинтеграциите. Едноставно нема да нѐ пуштат напред сѐ додека не признаеме дека сме новоформирана нација. Од тоа нема да отстапат.
Она што сега е клучно, тоа е Европа да покаже дали ќе остане на своите принципи или дефинитивно ќе потклекне пред условувањата од страна на своите земји членки. Европа уште треба да покаже дали е за проширување, или против него, бидејќи ако продолжи да го толерира беспредметното блокирање на земјава, тогаш испраќа јасна порака и до сите други земји кандидати, нема напред ако не ги задоволите барањата на оние што се внатре во европскиот клуб. Европа треба да покаже дали е за елиминирање на сите безбедносни закани на Балканот, кои очигледно ги стимулираат бугарските и грчките европарламентарци, кои многу повеќе работат за некои други агенди отколку за европската. Овие луѓе тешко ќе ги надминат сопствените предрасуди со кои се индоктринирани со политиките постари од сто години. Сите ги боли вистината дека распарчиле една земја, присвоиле нејзини делови, го раселиле и асимилирале нејзиниот народ и сега не сакаат да останат никакви траги од нивните недела. Затоа сакаат да го избришат македонскиот народ и затоа не сакаат да помине дообјаснувањето за повеќевековниот карактер на македонскиот народ. Ако помине, тоа ќе ги потврди нивните геноцидни политики, ќе го урне во вода сето она што го граделе повеќе од еден век.
Да, денеска дефинитивно е новиот Ден Д за Европа, дали ќе им каже не на продолжените геноцидни политики или ќе ја крене раката за една Европа посветена на демократските принципи, на слободата на различноста, на правото на секој народ слободно да го негува сопствениот културен и јазичен идентитет, слободно да ги прераскажува сопствените историски митови, но и да работи на сопствената европска иднина без сплетки и блокади од страна. Овие бугарски и грчки европарламентарци, впрочем и нивните официјални политики, треба да имаат барем малку доблест и да сфатат дека времињата кога се спроведуваа геноцидни политики поминаа одамна, да докажат дека овие земји навистина го заслужиле членството во ЕУ со дела, а не со политичка одлука од некои помоќни центри. Со ова што досега го манифестираат, местото на овие европарламентарци не им е во ЕП, туку надвор од политиката, на некоја социјална мрежа, ако и од таму не ги блокираат поради нивните геноцидни ставови. Земји што не ги почитуваат европските принципи, а дефинитивно не ги почитуваат ниту европските институции – Грција ја игнорираше пресудата на Меѓународниот суд на правдата, Бугарија ги игнорира пресудите на Европскиот суд за човекови права, не можат да ѝ понудат никаква додадена европска вредност на оваа модерна Европа. Тие се нејзиниот контратег што влече назад, а тоа секојдневно го покажуваат аферите што испливуваат на површина.
На крајот, што ѝ да се случи, ние и натаму ќе си останеме Македонци и тоа нема да го променат ниту додавката во името ниту амандманите во Европарламентот. Нашиот јазик, нашите песни и нашата историја ќе продолжат да живеат и да се пренесуваат од колено на колено. Она што треба да правиме, тоа е да работиме чесно и посветено и градејќи подобра и поквалитетна држава, ќе градиме уште посилен македонски идентитет, кој никој нема да може да го загрози. Македонството е во нашиот ген, тоа не може да се избрише со ниту еден амандман.