Де Гол остави завештание не само за Французите – имаме право на отпор!

Пораката на Шарл де Гол тогаш, а и сега, е дека ние мора да дадеме отпор. Тоа е наш човечки одговор на неправдата што ни се прави и на ковчегот што ни е подготвен, само нѐ чекаат самите да скокнеме во него. Златен ковчег (како златното теле на гревот), за да биде попривлечен и за еден ден да ни кажат – па, ви направивме велелепен погреб! Тие, од ЕУ, постојано велат ни требате, без вас Европа не е цела (хахахахаха), исполнете ги само овие последни услови (немаат крај условувањата) и готово. Читај, влегувајте во ковчегот, доста ви беше, доста ни правевте (идентитетски) проблеми. Затоа имаме право на отпор. Отпор!

Франција, но и Обединетото Кралство, на 18 јуни го одбележија историскиот говор на Шарл де Гол даден по неговото пристигнување во Лондон во 1940 година по Битката за Франција. Емитуван во Франција од некое од студијата на Би-би-си, тој говор се смета(л) за почеток на францускиот отпор против нацизмот во Втората светска војна. Се смета за еден од најважните говори во француската историја. И покрај неговото значење во француската колективна меморија, денес некои историчари дури ја поставуваат под знак прашалник автентичноста на тој говор, дали навистина тоа Де Гол се обратил или не, само еден ден откако Франција капитулира под нацистичка Германија. Некои други, пак, настојуваат да истакнат дека неговата важност е минорна затоа што пораката за француски отпор ја слушнал само мал дел од нацијата.
Како и да е, сепак, мнозинството го смета Де Гол за симбол на францускиот отпор, европска историска величина што и денес е инспиративна за многу поединци, но и за цели нации. Тој е јасен глас против нацизмот и против маршалот Филип Петен, кој реши да потпише некаков мировен договор со нацистите, по што на власт ќе дојде вазалскиот нацистички режим на Виши. Дали Виши не постои или сѐ уште постои во Франција? Можеби е тоа прашање како што ние кај нас си го поставуваме – дали постои УДБА? Службите се чини имаат резервни батерии и не знаеш кога ќе оживеат. Дилемата за Виши не е моја, јас не сум Французин, тоа е прашање што јавно си го поставуваат сѐ повеќе Французи. Мене ме мачат претседателот Емануел Макрон и неговата рамка за преговори, која е појас за спасување што се продупчува веднаш кога ќе паднеш во вода. Ти велат – ти дадовме падобран, но не кажуваат дека бил неисправен. Во меморијата ќе остане запишано дека си имал падобран. Тоа е селективна меморија, која има веројатно исти (смртни) последици како и селективната правда.

Како Македонец, припадник на нација што била на победничката страна во Втората светска војна, можам и морам да му укажам достојна почит на Де Гол, на „Човекот од 18 јуни“ (L’Homme du 18 juin). Слава му! Слава и на храбрите и пожртвувани припадници на Движењето на отпорот!
Великаните можеби ќе добијат биста или споменик, но потоа ќе бидат заборавени, нема да се најдат на победничката страна, нема да бидат инспирација за генерациите, ќе скапуваат по затвори, коските ќе им се изгубат, биографиите изменети и семејствата обележани. Полежан, Ченто, Панко, Драган Богдановски…Историјата не е секогаш праведна, особено не сега, кога Европа ја ретушира сопствената историја. А, кога некој ја ретушира сопствената историја, тој им го прави тоа и на другите истории. Го прават тоа намерно, со план и бесрамно, и тоа мора да се спречи. Тоа е контраисторија! Дали тоа некој сака да го врати нацифашизмот и повторно да го глорифицира? Јас мислам – да. Убеден сум дека некои мали фирерчиња низ Европа веќе имаат подготвено своја верзија на „Мојата борба“ од која ќе настрадаат народи. Цели нации. Ајде, да го наречам ова поетско претчувство. Иако не е, затоа што гледаме дека цела Европа се подготвува за голема војна. Голема значи војување сите против секого. И да преминам на поентата – пораката на Де Гол тогаш, а и сега, е дека ние мора да дадеме отпор. Тоа е наш човечки одговор на неправдата што ни се прави и на ковчегот што ни е направен, само нѐ чекаат самите да скокнеме во него. Златен ковчег, за да биде попривлечен, и за еден ден да ни кажат – па, ви направивме велелепен погреб!
Тие, од ЕУ, постојано велат ни требате, без вас Европа не е цела (хахахахаха), исполнете ги само овие последни услови (немаат крај условувањата) и готово. Читај, влегувајте во ковчегот, доста ви беше, доста ни правевте (идентитетски) проблеми. Последна во низата такви пораки со тапкање по рамо изнесе данската министерка за европски прашања Мари Бјере. Таа, во име на Данска како иден претседавач на ЕУ, значи од наредниот месец, ја повика Македонија да ја искористи ретката шанса за проширување на Европската Унија. Проширувањето ќе било еден од главните приоритети на Данска. Според Бјере, геополитичките предизвици и руската агресија се причина за зголемен фокус на ова прашање, но таа нагласи дека на Македонија ѝ претстојат конкретни чекори што мора да се исполнат на патот кон Унијата.

– Како идно претседателство, не можеме сами да ги направиме овие промени. Потребна е заедничка и конструктивна работа, затоа сум тука – да градиме партнерство со Северна Македонија и да видиме како да го забрзаме напредокот. Очекуваме од земјата да направи напори и да ги спроведе потребните реформи за членство во ЕУ. Ние ќе направиме сè што е во нашата моќ за да помогнеме. Секако, тој напредок треба да биде заснован на спроведени реформи, на сите оние барања што треба да ги испорачате и ние сме тука за да ви помогнеме и се надеваме дека во текот на нашето претседателство ќе можеме заеднички да работиме да го постигнеме ова затоа што сакаме да го поплочиме патот на Северна Македонија до ЕУ – истакна Бјере.
Кога ќе прочитаме „поплочен пат“, нели веднаш помислуваме на погребание (Емили Дикинсон: „почувствував погреб во умот“). Тоа сакаат. Исполнувањето на сите барања, кои немаат крај, а тоа го кажа Бугарија, ќе видиме што ќе смисли повторно нешто Грција, или некоја друга членка, значат идентитетски геноцид за Македонците. Како што пишува академик Коцарев, „ќе влеземе во ЕУ како Северна Македонија, но не и како Македонци“. Да не заборавиме дека со Преспанскиот договор ние и дома не сме Македонци, а со Договорот со Бугарија немаме историја постара од 25 години. Новоизмислена нација на 21 век, некаде од 2001 година. Нација на Албанци и на славофони, во иднина и државотворни Бугари.
Ако сметаме дека ова е во ред, тогаш не треба го слушаме или читаме говорот на Де Гол, кој повика на отпор. Но нештата за нас се отидени предалеку и дома и надвор. Дома не сакаат веќе ни јавно да го зборуваат македонскиот јазик, како од него да се добиваат уроци, а надвор се подготвуваат да му дадат некакво признание со бугарска фуснота. Време е за отпор. Имаме право да се браниме и да се одбраниме. Resistance! Отпор!