Европа во целост, не само како ЕУ-блок, се оддалечува од оската на мировниот проект што фаворизира мултилатерализам и мека сила, што подразбира дипломатија и преговори. Фаќањето за пушката, за Европа секогаш било погубно, лекција што ја научи и еден Наполеон. Е, сега ако мора да биде така, нека биде, зашто антивоените гласови како да ги нема. Не е модерно да се вика – сакаме мир! Ама ние што навистина сакаме мир, во која графа ќе нѐ смести историјата?
Дојде време секој да си го гледа својот двор, ама ние без ограда, па топката ни падна кај комшијата. Така е тоа во детските игри, ама и во реалниот живот – ако немаш ограда, плот, не знаеш каде припаѓаш и некој чичко ќе ти ја дупне топката. Велам секој си гледа првин за себе. Тоа е глобалната слика сега, кога се коваат нови пријателства, сојузи, алијанси, пактови (БРИКС, АУКУС, британско-француски нуклеарен пакт, британско-германски пакт, ептен тазе, иранско-руски пакт и тој тазе…), кога непријателот на мојот непријател е мој пријател и обратно. Оваа латинска сентенца можеме да ја деривираме на повеќе начини, но битно е дека основната суштина е загубена. Пријателот на мојот пријател е и мој пријател. Тоа ни треба. Но го нема, таа атмосфера ја нема. Сега имаме атмосфера пред дождот. Ќе грми во Европа. Па, нека грми ако веќе дошло дотаму. На еден документарен фестивал во Рели, Северна Каролина, каде што дојде и мајсторот на документарецот Мартин Скорсезе, темата беше – Зошто војна? Меѓу најоткачените новинари беше еден колега од Франција, уредник на африканското издание на „Ле монд“ – само тој рече во прашална и зачудена форма: А, зошто не војна? Неговата Франција веќе беше до гуша заглавена во крв во Руанда. Типот и не бил толку откачен, всушност, си погодил во целта.
Имам впечаток дека атмосферата е таква каква што ја наметна Французинот – па, зошто не војна? Европа се подготвува за војна, иако во моментов не е најподготвена. Таа Европа со инвенции како инквизицијата, холокаустот, фашизмот, нацизмот, поприште на двете најголеми светски војни (зарем не ни беше доволно?) и изградена како „проект за мир“, сега би сакала војна. Не постои колективна меморија! Па затоа и нацизмот се повампирува, без разлика што некои центри на моќ велат дека тоа и не е баш така, но и ако се буди, тоа е пак поврзано со демократија, право на слобода, избор.
Светските медиуми особено во последнава деценија потрошија океанско количество мастило за да направат глобална слика на конфронтација меѓу двете најсилни воени сили – Америка (со педесетина сојузници) и Русија (која сепак не е без сојузници). Тој процес на стимулирање директен конфликт, преку стигматизација на сѐ што е вредно, особено од руската култура, која е светско наследство, тргна по патот на инвизиторските тенденции да се забранува. А можно ли е тоа и мора ли? Гласот од заднина вели – е па, мора.
Дека е можен конфликт, па дури и нуклеарно соочување, веројатно би се вратиле во камено време, е логично ако се земе предвид дека глобалната слика почна да се гравира во периодот кога Американците се самопрогласија за светски полицаец и дека се исклучителни, додека Русите страдаа од синдромот на кусиот политички век на политичките лидери, како и споредните ефекти на вотката во високите кругови на Кремљ и процесот на распад на СССР. Ама таа фаза одамна помина, нели. И Кина се издигна над проблемите да прехрани милијарда усти и празни стомаци и стана фактор. Точка. Денес Кина вели дека сака мир! Но, за жал, светот не мириса на мир. Само да потсетам дека токму во времето кога Америка беше светски полицаец (Олбрајт, Клинтон…) и се гордееше со својата исклучивост, ја нападна Југославија под мотото – не беше според меѓународните закони, но беше морално. Моралот е растеглива категорија кога си во позиција да бидеш исклучив и тоа треба сите да нѐ замисли.
Можеби Украина нема да биде нагазната мина на која човештвото ќе се саморазнесе, иако во моментов се плашам дека е токму така, но се надевам дека не е и оти и во Вашингтон и во Москва ќе надвладее разумот. Давањето дозвола за употреба на долгострелни ракети, па и забранети противпешадиски мини (синдром на Берлински ѕид) лично од американскиот претседател во заминување Џо Бајден може да се толкува на различни начини, но во основа значи провокација за посериозен судир не само меѓу Украина и Русија. Кремљ јасно кажа дека за употреба на долгострелни ракети, испратени до Киев од трите постојани членки на Советот за безбедност на ОН, САД, Велика, Британија и Франција, ќе одговори нуклеарно. Тоа е според новата руска доктрина, која му е достапна и на Западот. Па, зошто се оди на нож? И ова покажува дека меѓународниот светски поредок е во голема криза.
Велам дека стравувам за иднината на Европа од причини што веќе една деценија има нарушена воена рамнотежа, а ОБСЕ се стави на една страна од тегот и пропушти совршена можност да дојде до мир со преговори. Тоа било само за мачкање очи, и тоа го признаваат многу политичари. Значи ли дека ОБСЕ е само за мачкање очи? Страшно!
Европа сега се милитаризира. Тоа што потпиша безбедносен пакт, заради одбрана од Русија, со земји како Македонија, Албанија и Молдавија, јасно го потврдува тоа. Секако дека одбраната и безбедноста се многу важни, но кога се постигнуваат воени пактови, па дури и со Македонија, која дваесет години чека членство во ЕУ и е понижена до гола кожа, тогаш индикаторот се пали на црвено и предупредува – овде нешто големо се подготвува. Дали ние ќе бидеме дел од европското семејство само како топовско месо? За ова треба да се дебатира во Собранието, а не се дебатира. Можеме да веруваме во добрите намери. Но безбедносниот пакт со ЕУ може да подразбира и учество во мисии на силите за брзо распоредување на Унијата. Што значи тоа? Тука не станува збор за мировни мисии, каде што македонски војници учествуваат веќе долго време и се успешни во тоа, тука за акции на специјални сили способни брзо да се распоредат и брзо воено да реагираат. Дали е ова нашата влезница за ЕУ? Го оставам прашањето да виси со моето размислување дека Европа во целост, не само како ЕУ-блок, се оддалечува од оската на мировниот проект што фаворизира мултилатерализам и мека сила, што подразбира дипломатија и преговори. Фаќањето за пушката, тврдата страна на политиката, за Европа секогаш било погубно, лекција што ја научи и еден Наполеон. Е, сега ако мора да биде така, нека биде, зашто антивоените гласови како да ги нема.
Не е модерно да се вика – сакаме мир! Ама ние што навистина сакаме мир, во која графа ќе неѐ смести историјата?
И, да, како се совпадна токму една жена политичар од „Северна Македонија“ да биде избрана за заменик на генералниот секретар на НАТО?! Сакало да биде. Секој има право на лична сатисфакција и лични достигнувања. А, НАТО во еден момент си го замислив како едно македонско оро, каде што правилата се строги, а чекорите измерени, прецизни и тешки. Тешкото. Тешкото се игра како да нема гравитација, игроорците лебдат. Левитираат, а тапанот ечи со подземен екот. Татни. Во орото е сета традиција на еден народ, кој и на таков начин се изразува и се претставува. Се знае кој го води орото, а кој е на опашката и тука нема место за импровизации. Македонското оро не го дозволува тоа. Простете, но мораме да бидеме строги за тие правила и принципи. И, оооп, на тапанот ќе се качи тој од опашката…
И така понекогаш се влегува во историјата, колку и да ви звучи иронично тоа.