Радикален „зоон политикон“ на спортските терени

Вгнездувањето на политиката, а особено на политикантските игри на спортските терени и трибини е опасно, и повеќе од опасно. Тоа и воопшто не треба да биде така. Сега е потребно првите луѓе на врвните спортски институции да преземат чекори како да го запрат ова „дивеење“ на спортските терени и да најдат начин како да се надмине трендот што спортот е доведен во тесна врска со политиката, што, секако, претставува многу лош пример за целокупната македонска јавност, уште повеќе во овие кризни политички времиња

По шокот со палењето и газењето на нашето државно знаме среде Скопје, и тоа, пак, токму за време на прославата на Денот на албанското знаме од страна на дел од албанската етничка популација во Македонија (односно знаме на туѓа држава да се велича, а она што е државен симбол на својата татковина да се сквернави – каков ли апсурд!), викендов македонските граѓани доживеаја нов шок! Граѓаните на мултинационалното македонско општество беа ужаснати од сторителите на повеќе вандалски чинови во низа, со кои поединци и групи екстремистички албански граѓани сакаа да ја радикализираат стабилизираната политичко-безбедносна состојба. Ако не ме лаже сеќавањето, јас како спортски новинар сепак забележав дека неодамна некој што беше во власта, а сега опозиција, отворено во јавноста се закануваше дека ќе се случи радикализација во земјава?! Но сметав дека секое чудо (а за мене е чудо некој така да ни се заканува со милитантни восклици внатре во земјава) ќе биде според поговорката секое чудо за три дена, и ќе биде завршено. Но не испадна така. Сметав дека секој што губи (во овој случај не спортски натпревар, туку парламентарни избори) има право да се лути. Но, очигледно, ова не се заврши така, па неоснованата лутина помина во гнев, гневот во омраза, а омразата во поведенија на поединци и толпа граѓани, кои нѐ загрозуваат нас другите граѓани, нарушувајќи ги јавниот ред и мир и сеејќи национална и верска нетрпеливост, повторно поттикнувајќи раздор, пресметки и закрвување! Страшно! И недопустливо! Доста беше! Стоп за поделбите и сегрегацијата! Мнозинството граѓани на Македонија не го сакаат тоа, а нашите институции, верувам дека нема да го дозволат тоа. Но да бидеме на штрек. Еве и зошто: имено, изминатиов викенд екипата на КК Чаир 2030 си организираше сопствен меѓународен кошаркарски турнир во салата „Шабан Трстена“ во Скопје, на кој учествуваа, покрај домаќинот, уште и екипите на Приштина, Јили и Влазними, сите три од Косово! Би рекле ништо невообичаено на прв поглед. Но скандалот почнува кога судиската правда на турнирот домаќинот им ја доверил на косовски судии, нешто што е надвор од разумот и сите правила на Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ), барем кога се работи за вакви пријателски турнири. Патем, во салата имало албански знамиња во сите форми, во средината доминирало она на голема Албанија, наместо тоа да биде македонското – државно, како што налагаат законите, а биле скандирани и извици УЧК, УЧК… Во една ваква неспортска атмосфера, нормално се поставува прашањето зошто и кому му бил потребен ваков турнир, во кој на површина повторно ќе испливаат великоалбански напливи и кој освен негативно влијание врз соживотот на сите граѓани во Македонија нема ама баш никаква логика. Во целиот овој спортски декор се вклопија, покрај споменатите судии од Косово (како да ние немаме наши), и оние извици и знамиња на т.н. Ослободителната војска на Косово (УЧК), која за многумина во светот остана милитантна организација со сѐ уште нерасчистени извршени масовни воени злосторства и терор над цивили во Косово, Македонија, Србија, и тоа не само врз Македонци, Роми, Срби туку и врз Албанци (на кои идејата за воено насилство заради шовинистички и иредентистички цели им била туѓа!).

Но ова не е првпат да има вакви големи инциденти во оваа сала. Така, се случи кошаркар на Работнички пред две години да биде директно удрен на паркетот од официјалниот фотограф на клубот Чаир 2030. Проблем имаше и кога шампионот МЗТ Скопје гостуваше во Чаир во истава сала, па тогаш помошник-тренерот на гостите тврдеше дека бил физички нападнат. И…?
Дали полека и спортот се меша со политиката во ист казан или, попрецизно речено, преку него се сака да се остварат некои политички цели, кои на друг начин се во офсајд или тешко можат да се реализираат за посакуваниот нарачател.
Ако погледнеме во спортскиот ретровизор, ќе видиме и обратни случаи, кога албански и спортисти од други националности гордо го вееле или го ставале врз себе македонското знаме. Има многу примери, но ние ќе посочиме еден од најновите, а тоа е македонскиот танчар, 16-годишниот Анди Исмаили од Гостивар, кој неодамна по петти пат стана светски шампион во модерен балет, а својата радост ја дополни со македонското знаме, кое го стави врз себе, гордо подигнувајќи го заслужениот трофеј.
Како и да е, местото на политиката на спортските трибини е опасно и воопшто не треба да биде таму. Сега е потребно првите луѓе на врвните спортски институции да преземат чекори како да го запрат ова „дивеење“ на спортските терени и да најдат начин како спортот да нема допирни точки со политиката, што, секако, претставува многу лош пример за целокупната македонска јавност, уште повеќе во овие кризни политички времиња, особено во Европа, па и соседството. Оти вака се добива впечаток дека меѓупартиските караници и калкулации што ја преокупираат комплетно јавноста сега пуштаат пипала и во спортот, што ни најмалку не ни е потребно.

Разгорувањето на „страстите“ на спортски план ни носи само дополнителни нервози, расправии и непосакувани одлуки, кои можат да имаат далекосежни последици за сите нас. Сега е клучно новата енергија да се распредели насекаде, во најситниот дел од ова македонско општество, за одново да се роди вербата дека можеме да ги оствариме сите цели, но заедно и тимски како што ѝ доликува на една современа европска држава.
Принципот на владеење на правото мора да стане неприкосновен и без никакви отстапки, не само со спречување на корупцијата и криминалот туку и на спортски план. Секој што се огрешил од законот, па било тоа и во спортот, како што беше последниов пример, да одговара во согласност со прекршоците што ги направил. Практиката за некого да има толеранција, а за некого да нема, веќе да биде минато. Засекогаш.