Христо Ивановски

Секој народ си има своја приказна, свои херои, свои лаги, свој наратив. Како да ја одбереш страната, вистинската страна? Треба ли да гледаш во Господ кога избираш? Хммм, многу тешко… Меркел веројатно и не знае дека нејзиниот соговорник бегал од часови, не бил многу по учењето и оти и покрај тоа станал премиер. Дека сидрото влече напред. Дали Меркел би му дозволила на Заев да сади со неа краставици во некое бавчиче во Берлин? Богами ќе размисли, ем криви да не бидат, ем горчливи

Секој народ си има свои приказни, своја вистина, своја лага. По тие прашања нема разлики. Човештвото нема една историја. Ни времето не го мериме исто, ни месеците, ни датумот на раѓање на Исус не го знаеме, а имињата на соѕвездијата одамна ги сменивме. Ете, и името на Мисир го сменија во Египет, а светата земја Македонија ја наденаа на глоговиот колец со географска одредница „Северна“. И за едни тоа било добро?! Не знам дали треба да си оптимист, глупак или предавник, одродник од своето племе и сој, за да веруваш во такво нешто. Па дури некои од тој сој луѓе влегле и во мемоарите на бившата канцеларка Ангела Меркел, која имаше долг политички век, па испрати во пензија четири американски претседатели. Додуша едниот, и тој со германско потекло, се враќа во Белата куќа, затоа што има што да каже, има незавршена работа.
Да, има многу големи разлики како тоа ние самите себеси си се гледаме, а како другите и како едни народи мислат толку различно за една иста работа од други. Поранешен шеф на британската разузнавачка служба МИ6 изјавува дека и „ние во Западна Европа (гледај колку е прецизен, веднаш географски лоцира каде треба да се размислува поинаку) треба да сметаме дека сме во војна со Русија“. Аргументот е во тоа што Русија кажува дека е во војна со НАТО, а тоа значи и со Западна Европа. Па, што е точно? Точно е дека има војна. Во руско-украинскиот конфликт, кој на Европа не ѝ требаше, ама на некои им беше неопходна стратегиска цел, учествуваат платеници горе-долу од сите континенти. И тоа така било од памтивек. Во војските на Персија имало странци, во војските на Филип и на Александар имало инородни воини, па дури се избирани и албино луѓе од Азија од околината на Баку (записи, записи) за да им влеваат страв на противниците…, па сѐ до Наполеон, Хитлер, Донбас, Курск, Африка…
Има еден многу интересен запис во роман на Ајтматов како некое монголско племе создавало совршени војници, некој вид киборзи. Кога една војска влегувала во некоја населба, по победата го земала пленот со себе, а во тој плен биле и најдобро градените момчиња. Тие потоа им ги бричеле главите врз кои ставале кожа од камила, а кога тој ритуал ќе завршел ги врзувале момчињата на дирек изложени на степското сонце. Им се давало само вода и малку храна. Како сонцето ги пржело, така кожата од камила се стегала и влегувала во нивните черепи, од што косата не можела да изникне, па одела кон мозокот предизвикувајќи ужасни болки и губење на меморијата. Кој ќе го преживеел тоа, станувал војник што извршувал беспоговорно секакви команди. Војник подготвен да убива без да покажува емоции. Колку вакви модерни киборзи има на боиштата ѓавол ќе ти знае, но ги има, верувајте. Но едни велат ги нема, други не веруваат и така се тркала приказната од боиште на боиште, од фронт на фронт. Па, кој го изврши масакрот во Израел лани во октомври, кога над илјада луѓе на концерт беа ладнокрвно масакрирани? За тие џихадистички киборзи Судот во Хаг не нареди апсење, немаат изгледа постојана адреса на живеење за да добијат покана. Гледате, и тука има различни приказни. Некои дури и го заборавија тој масакр, па само зборуваат за „геноцидот во Газа“.

Некои го заборавија и геноцидот врз Македонците во денешна Грција, кога систематски низ една смислена програма на фашизоидни умови, предмет на геноцидната државна политика поддржана од Западот, беа деца. Илјадници деца беа одвојувани од нивните родители и беа пуштени да растат по сиропиталишта, главно низ Источна Европа (ете господине од МИ6 и вака сме поделени во Европа на Источна, демек наша, и Западна, ѓоа ваша). Денес како такво нешто никогаш да не се случило. Како да не постои меморија за тоа барем тука во Европа, барем тука во Македонија. Зарем заборавивме? И простивме и заборавивме? Кој наратив победи, а?
Од наш терен, од почва што не е толку далеку еден пример од моето лично новинарско искуство, а е важен зашто слушам и гледам како младите се набилдани со информации произведени од омраза, а не од факти. И тоа е лошо, оти е патека кон конфликт. Омразата води кон судир и кон болести. Кој не знае што претставува УЧК или ОНА може да ги прочита транскриптите на Џорџ Робертсон, генерален секретар на НАТО) или на Стејт департментот, но и на самите лидери на таа паравоена терористичка формација. А бидејќи во големите воени приказни секогаш првин се убива вистината, остануваат како полуживи сведоци мотивите, поттикот за конфликтот, коренот на злото. Тој наратив беше пласиран под превезот дека во Косово Србите вршат етничко чистење, а како кулминација на жигосувањето на сѐ што е српско, па и македонско, зашто УЧК имаше платформа дека се бори против Словените, дека Албанците се жртви на пансловенски заговор, дека Словените сакаат да ги истребат домородните Албанци, наследници на Илирите, кои имаат право на нивната земја, беше „масакрот во Рачак“. Околу тој масакр сум имал два важни разговора – едниот со Германец, високопозициониран во мисијата на ОБСЕ на Косово, кој ми изјави дека бараат, но не можат да најдат податоци за масакри.

Нам ни се случи сега да јадеме горчливи краставици, а извесни политички фигури од драмолетката наречена план за смена на името по секоја цена сега се качени на мазга и јаваат на ловориките на смената на името во „Северна Македонија“. Ја градат новата приказна, која нема корен, ама има зла семка. И затоа кафето што се пие во златни филџани во Дубаи секогаш ќе има горчлив вкус, никогаш погодено како што твојот комшија ќе ти го погоди

Дека Рачак бил наместен добив потврда од форензичарката Хелена Ранта, која ја сретнав на еден европски аеродром, ѝ пријдов и се претставив дека сум новинар и член на Бордот на Хелсиншкиот комитет, па така, зборувајќи ми кажа дека Рачак, според нејзините истраги, е наместен. Кој го намести, зошто, како…? Но различните наративи, гледаме дека се опасни и тие се шират и се шират, а она што некој го кажал како истражен случај и своевидна вистина, никој не сака да го види, зашто е од другата страна.
Па како да се најдеме на вистинската страна, како да знаеме дека сме во право и дека не ги убиваме вистината, надежта и љубовта. Како да знаеме дека ја сакаме убавината наместо злото. Во историјата можеш да влезеш и како Хитлер и како Мандела. Можеш да влезеш и во мемоарите на Меркел, како македонскиот премиер Зоран Заев. Бил многу храбар, донел многу храбри одлуки. Од аспект на Меркел, сигурен сум дека таа искрено го мисли тоа. Ако ме прашате мене, јас одамна сум изградил мислење за неговата храброст, кога некаде во 2016 година го нареков во една колумна „Генетичарот од Муртино“. Меркел веројатно и не знае дека нејзиниот соговорник бегал од часови, не бил многу по учењето и оти и покрај тоа станал премиер. Дека сидрото влече напред. Тоа е таа народна мудрост, класична метафизика! Дали Меркел би му дозволила на Заев да сади со неа краставици во некое бавчиче во Берлин? Богами ќе размисли, ем криви да не бидат, ем горчливи. Нам ни се случи сега да јадеме горчливи краставици, а извесни политички фигури од драмолетката наречена план за смена на името по секоја цена сега се качени на мазга и јаваат на ловориките на смената на името во „Северна Македонија“. Ја градат новата приказна, која нема корен, ама има зла семка. И затоа кафето што се пие во златни филџани во Дубаи секогаш ќе има горчлив вкус, никогаш погодено како што твојот комшија ќе ти го погоди.
Сакај си го, почитувај го и верувај во својот комшија, така ќе го сакаш и родот свој.