Дали Картагена-судството треба да се урне? Да, да, да!

Што да се направи во обвинителството, во судовите? Дали Картагена треба да се урне? Овие зборови на Като Постариот веќе не се дилема за премиерот Христијан Мицкоски, па и за многу други што со години гледаат, анализираат и се крстат со две раце од тоа што се случува во судско-обвинителскиот систем. Некои велат дека ако некогаш Бранко Црвенковски навистина го бараше октоподот, тогаш со сигурност ќе го најдеше во правосудните лавиринти

Да преминеме веднаш на поентата. Значи (ова значи сѐ почесто се употребува во секојдневниот говор, за да се земе воздух, за да се размисли и за да се демонстрира супериорност, но и фрустрации, затоа што соговорникот не нѐ слуша внимателно и ни упаѓа во зборот), што е интелигенција? По дефиниција тоа е: вродена умствена способност за правилно разбирање на појавите во животот, за наоѓање решенија (англиски: intelligence, албански: inteligjencë). Што е, пак, интелегенција? Одговор: назив за сите работници што се занимаваат со интелектуална, умствена дејност.
За да не биде како во вицот кога директорот ѝ диктирал на секретарката: Пиши, денес вторник… Директоре, директоре, а вторник се пишува со В или со Ф… Добро, пиши, денес среда… сега ни е јасно. Следствено на погорните дефиниции, има и природна интелигенција, па и вештачка. Е, сега, дали има и вештачка интелигенција (вештачки интелектуалци)? Тука ми е големата дилема. Ако има, што со неа? Како таа битна интелектуална сива маса од вештачка, значи по Цепенков ѓоа умна, да стане правоумна, слободоумна, македоноумна и храбра? Како Уставниот суд, на пример, во мојот новинарски речник познат како музеј на восочни фигури „Мадам Тисо“, да застане на свои цврсти нозе и конечно да почне да ја користи интелигенцијата во одбрана на Уставот? Па, доста беше ненадлежен. Име сменија на држава, а тој ненадлежен?! Нели име се менува заедно со устав. Тие кој устав го бранеа? Како тоа да се направи во обвинителството, во судовите? Дали Картагена треба да се урне? Овие зборови на Като Постариот веќе не се дилема за премиерот Христијан Мицкоски, па и за многу други што со години гледаат, анализираат и се крстат со две раце од тоа што се случува во судско-обвинителскиот систем. Некои велат дека ако некогаш Бранко Црвенковски навистина го бараше октоподот, тогаш со сигурност ќе го најдеше во правосудните лавиринти. Од таму почнуваат неговите пипала и ги има сегде. Се викаат длабока ендемска и системска корупција. Се изнададоа пари, се ангажираа и наши и светски умови за да помогнат, за да се реформира судството, арно ама не е сѐ во нови згради (за жал и без лифтови), треба и сива маса и силно срце. Далеку сме ние од едно такво бистро и чисто судство, на кое граѓаните од два проценти доверба, ајде, би стигнале до некои 60-70 проценти доверба. Да ја земеме само транзицијата за пример, кога стотици и стотици фабрики, фирми и погончиња, земјоделско земјиште, рудници и леарници… беа приватизирани односно ограбени. Па, каде беше нашето ценето и правично судство? Што одбранија судовите? Го одбранија криминалот, грабежот. Ете, светот се дели на генерации како милениумци, па зи, па нулта, па и алфа, а ние си имаме „деца на транзицијата“ (да не ги заборавивме и децата на црвената буржоазија).

Значи, дали Картагена треба да се урне? Искуството во овие триесетина години вели да, да и да. Дали да се урне до темел е прашањето сега? Јас велам, од некаде треба да се почне, и тоа што поскоро, оти пипалата на октоподот мрдаат, не се даваат тие испреплетени корумпирани црева. Судијата (некогаш и министер, па и омбудсман, еј, угледен човек) призна вина, и што доби – условна казна. Другиот лапал евра, лапал, признал дека лапал, само три години. Неказнивоста ни ја урива државата, па затоа мора да се удри со чеканот по таа фалшива конструкција наречена правосудство. Ако можел Микеланџело да удри со чеканот по своето ремек-дело Мојсие, може и Мицкоски да мавне по овој наш правосуден Квазимодо.
А, само како дигресија, да се потсетиме дека во системи зафатени од корупција и местења резултати, како на пример во Италија, понекогаш биле повикувани странски судии да судат на фудбалските мечеви. И тоа е решение, отколку да се нема решение.
Па, дури решение може да биде и користење вештачка интелигенција, која станува актуелна за нашево време и таа треба да се искористи. Нека се плашат тие што се огрешиле. Замислете еден судија-робот набилдан со сите случаи на корупција и судските одлуки, па дополнет со информации од праксата во Стразбур и како пред него излегува обвинет за корупција кого го бранат најдобрите адвокати, кои немале можност вонсудски да преговараат? Ќе биде интересно. Можеби некој ќе рече – па, тоа е нехумано. Не, не, тој има право на одбрана, има фер судење, роботот ги мери фактите, степенот на криминалното дело. Точка. Каде е тука црвот што јаде? Се прашувам дали болниот ум веќе не направил корумпиран софтвер и го замајал и роботот? Оти ние се фокусираме на тоа како да го најдеме другиот пат, пократкиот, наместо тој што е одреден со закон. Но, да не бидам толку скептичен, се надевам дека уште има критична маса здрави луѓе што можат докрај да истуркаат една ваква реформа од која корист ќе имаат и идните поколенија, а ќе ги отвори и вратите за многу поголеми странски и домашни инвестиции.
Да не остане нешто некажано и за оние што ги користат државните привилегии (иако пред аферата со „свадбата на Косово“ многу ги имало, ама нејсе), добро е да посочиме слични примери. Еден тазе. Бартоломеј Кажински поднесе оставка од функцијата заменик-министер за правда во Полска откако било откриено дека со службен автомобил бил на одмор во Словенија (а бре, сите сакаат да цицаат на државна цицка) и си точел бензин на државна сметка. Заменик-министерот демантирал дека нешто згрешил, дека имал право на тоа, но на крајот поднел оставка нешто заради мир во коалицијата. Зошто, бе, Бартоломеј? Затоа што има нешто што се вика морал, а без морал политиката е само најстар занает.

И во Германија не се оперирани од оваа болест за цицање на државна сметка. Министерката за здравство Ула Шмид беше фатена како со службеното возило заедно со нејзиниот возач била на одмор во Аликанте, каде што исто така полнела гориво на државна сметка. Таа се правдала дека ништо не згрешила, дека одморот го искористила и за работни средби, арно ама таа потрошила 90.000 евра, а плус службениот „мерцедес“ таму ѝ бил украден. Ревизорите го исчистиле нејзиниот грев, но тогашниот министер за надворешни работи Франк Валтер Штајнамер ја исфрлил од кампањата за изборите, а самата Шмид поднела оставка.
Пораката до сите што прекомотно ги користат државните привилегии е да се симнат на земја и да прифатат дека тие се само претставници на народот и токму затоа треба да бидат пример за тоа што е морал и како рационално се трошат парите од граѓаните. Да играш фудбалче во министерски кабинет не е незаконско, но е неморално и грдо, чин на невиден простотилак. Многу често, токму за политичарите, моралот мора да биде над законите. И има ли нешто поубаво од тоа кога ќе имаме таква свадба, кога политичарите ќе бидат во хармоничен однос со народот. Утопија, а? Вие така мислите, но избори има барем на секои четири години.