Да живееш значи да се бориш

Одредени поединци и групации под изговор дека се залагаат за слобода и почитување на човековите права, на интернет-просторот и социјалните мрежи шират омраза. Совршен пример се објавите на т.н. културен центар „Иван Михајлов“ во Битола, каде што на официјалниот фејсбук-профил, меѓу другото, можеме да прочитаме дека „сите наши семејства од двете страни на вештачката граница се нетрпеливи Македонија да стане дел од нашето европско семејство, затоа што сме повеќе од браќа, а местото на Северна Македонија е таму каде што одамна е мајка Бугарија“. Само замислете, здружение или клуб што навидум се залага за слобода и човекови права на социјална мрежа шири иредентизам и шовинизам

Во изминативе години одредени поединци и групации се обидуваат да ја оцрнат Република Македонија дека ги прекршува слободите и основните човекови права, како што е правото на национално самоопределување или слободата на говор. Но доколку внимателно се анализираат состојбите во македонското општество, може да се заклучи дека слободата и човековата мисла се во согласност со една од најсуштинските цели на Обединетите нации – меѓународна соработка во решавањето на меѓународните проблеми од економски, социјален, културен или хуманитарен карактер и во промовирање и поттикнување на почитувањето на човековите права и на основните слободи за сите, без разлика на раса, пол, јазик или религија. Оттука, Македонија како држава уште од осамостојувањето ревносно се залага за универзалното почитување и почитување на човековите права и основните слободи за сето тоа, без разлика на раса, пол, јазик или религија.
Можеби некому нема да му се допадне, но Македонија како држава е изградена врз слободарскиот принцип, а тоа е особено забележливо во одлуките на Првото заседание на АСНОМ и Декларацијата на АСНОМ за основните права на граѓанинот на демократска Македонија, во која меѓу другото се вели дека „сите граѓани на федерална македонска држава се еднакви и рамноправни пред законите, не гледајќи (на) нивната народност, пол, раса и вероисповеданије. На националните малцинства на Македонија се осигурават сите права на слободен национален живот. На секој граѓанин му е гарантирана сигурноста за личноста и имотот, загарантирано е правото на сопственост и часната иницијатива во стопанскиот живот. На секој граѓанин му е загарантирана слободата на вероисповеданието и слободата на савеста. На сите граѓани им се гарантира слободата на говорот, печатот, собирањето, договорот и слободата на дружението“.
Споменатата декларација не случајно беше објавена на 2 август 1944 година, денот на Илинденското востание, бидејќи на овој начин се даде континуитет на слободарските принципи на македонското национално и револуционерно движење. Од Првото заседание на АСНОМ, па до денес, основните постулати на македонската државност се слобода и човекови права за сите, без разлика на етничката или религиозната припадност. Оттука, сите пропагирања дека Македонија како држава, нација или општество ги прекршува слободите и човековите права, како што се обидува на направи контроверзниот бугарски клуб од Битола, кој беше забранет поради ширење омраза, немаат основа.

Борбата за слобода и човекови права е благородно нешто. Бидејќи слободата е највисок идеал, личноста или групите што се залагаат почитување на човековите права треба да имаат високи морални особености. Во суштина, борбата за слобода и човекови права е лишена од омразата кон другите, нешто што се потврдува од великиот македонски национален водач Јане , кој милуваше да вели: „Да живееш значи да се бориш: робот за слобода, а слободниот – за совршенство“. Борбата за слобода и човекови права исто така е лишена од хипергенерализација, оттука на слободарскиот идеал не му е својствено да шири омраза кон други поради нивниот светоглед.
Но токму тоа се случува во македонското општество. Одредени поединци и групации под изговор дека се залагаат за слобода и почитување на човековите права, на интернет-просторот и социјалните мрежи шират омраза. Совршен пример се објавите на т.н. културен центар „Иван Михајлов“ во Битола, каде што на официјалниот фејсбук-профил меѓу другото можеме да прочитаме дека „сите наши семејства од двете страни на вештачката граница се нетрпеливи Македонија да стане дел од нашето европско семејство, затоа што сме повеќе од браќа, а местото на Северна Македонија е таму каде што одамна е мајка Бугарија“. Само замислете, здружение или клуб што навидум се залага за слобода и човекови права на социјална мрежа шири иредентизам и шовинизам.
Но приказната не завршува тука. Поединци блиски до споменатиот контроверзен бугарски клуб одат и подалеку во своите навреди. Оттука, личност или личности што го уредуваат профилот на КЦ „Иван Михајлов“-Битола, а евидентно е дека се блиски до претседателот на споменатиот бугарски клуб, во еден свој неодамнешен пост го напишаа следното: „Отсекогаш сум кажувал дека станува збор за србомански полицајци во Македонија, избркајте си ја агентурата од Северна Македонија – б.н. и пак ќе бидеме пријатели.

Ако треба, ќе ја финансираме изградбата на 3-4 загради во Баново Брдо во Белград, каде што е населбата на полицијата. Да си ги приберат. Ние со Македонците ќе се справиме за 10 години ако тие ѓубриња ги нема. Каде што нема ѓубре-смет има напредок, има здрави и насмени лица на луѓето. Да се замислиме на кажаното од мојот пријател и да се погрижиме да ја исчистиме нашата куќа Македонија од тоа ЃУБРЕ“.
Каков апсурд! Во име на слободата и човековите права се шири омраза, нешто што е казниво според македонското законодавство. Само да потсетиме дека македонскиот закон ја казнува ксенофобијата, но го санкционира и говорот на омраза преку компјутерските системи и преку медиумите. Кривичното дело е именувано како „ширење расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем“ (членот 394-г) 21, а пропишаната казна е од една до пет години (ст. 1), а при тешки последици до десет години.
Од друга страна, бугарските политички кругови, како што е бугарскиот претседател Румен Радев кој официјално ја дочека делегацијата на контроверзниот бугарски клуб од Битола, треба да се дистанцираат од таквите поединци и групации. Република Бугарија како земја членка на Европската Унија со својата поддршка на поединци и групи што шират ксенофобија и омраза ги прекршува основните европски принципи.