Повеќемина аналитичари и експерти со децении ни посочуваат на политичките проблеми што Македонија, како држава и нација, ги имаше и сѐ уште ги има со Република Грција. Притоа во нивните анализи имаше и сѐ уште има воопштувања дека припадниците на грчкиот народ се екстремни националисти и дека ги мразат Македонците. Но тоа е хипергенерализација, затоа што не секој припадник на грчкиот народ е екстремен националист и не секој Грк ги мрази припадниците на македонскиот народ. Со други зборови, нашите проблеми што произлегуваат од Република Грција не се должат на сите припадници на грчкиот народ, туку на грчкиот екстремен национализам, кој има длабоки корени во општествените и политичките сфери на грчкото општество. Доколку го разбереме тоа, тогаш многу полесно ќе го разбереме Преспанскиот договор, но и неисполнувањето на грчките обврски од Нивици или изјавата на грчкиот премиер Киријакос Мицотакис дека нема намера да ги ратификува меморандумите и тоа е специјално оружје што ќе го користи
Понекогаш нештата ги обопштуваме обидувајќи се да им дадеме некое заедничко својство. Тоа го правиме затоа што преку генерализирањето можеме на поедноставен начин да ги опишеме, соопштиме или прикажеме нештата, но честопати несвесно паѓаме во стапицата на т.н. хипергенерализацијата. При обидите за откривање одредени заеднички, општи или колективни карактеристики на некого или нешто, мора да бидеме особено внимателни затоа што можеме да се доведеме до апсурдна и парадоксална ситуација, а совршен пример за хипергенерализација е т.н. парадокс на Епименид. Споменатиот парадокс е поврзан со критскиот филозоф Епименид од Кносос, кој живеел околу 600 години пред нашата ера и ја искажал фамозната парадоксална реченица дека „сите Критјани лажат!“ Дека станува збор за апсурдна и парадоксалната мисла потврдува логичното расудување дека доколку сите Критјани лажат, а самиот Епименид е Критјанин, тогаш тој лаже и не ја говори вистината. Мислата на Епименид е апсолутен израз на т.н. хипергенерализација затоа што не сите Критјани лажат или ја говорат вистината, оттука не можеме да ги воопштуваме нештата, бидејќи ќе се најдеме во парадоксална и апсурдна ситуација.
Доколку одредено комплексно прашање сакаме да го разбереме, потребна ни е анализа затоа што само преку откривање на фактите можеме да изведеме веродостојни заклучоци, со што ја дознаваме суштината на проблемот и ја избегнуваме стапицата на генерализацијата. Повеќемина аналитичари и експерти со децении ни посочуваат на политичките проблемите што Македонија, како држава и нација, ги имаше и сѐ уште ги има со Република Грција. Притоа во нивните анализи имаше и сѐ уште има воопштувања дека припадниците на грчкиот народ се екстремни националисти и дека ги мразат Македонците. Но тоа е хипергенерализација, затоа што не секој припадник на грчкиот народ е екстремен националист и не секој Грк ги мрази припадниците на македонскиот народ. Со други зборови, нашите проблеми што произлегуваат од Република Грција не се должат на сите припадници на грчкиот народ, туку на грчкиот екстремен национализам, кој има длабоки корени во општествените и политичките сфери на грчкото општество и е распространет. Доколку го разбереме тоа, тогаш многу полесно ќе го разбереме Преспанскиот договор, но и неисполнувањето на грчките обврски од Нивици или изјавата на грчкиот премиер Киријакос Мицотакис дека нема намера да ги ратификува меморандумите и тоа е специјално оружје што ќе го користи.
Да се насочиме кон суштината! Во грчката политика повеќе од еден век доминира идеологијата на грчкиот екстремен национализам, кој во суштина е засилена форма на грчки национализам што ја нагласува супериорноста на грчката култура, идентитет и интереси, честопати на сметка на другите етнички или религиозни групи. Историски гледано, грчкиот екстремен национализам е исклучувачки и агресивен, тој е тесно поврзан со Македонија и македонското прашање преку т.н. мегали идеја, односно територијално проширување на Грција и вклучување на сите наводни историски грчки територии. Овој радикален национализам исто така е тесно поврзан со поширокиот грчки национализам и е вкоренет во грчкиот културен и историски идентитет. Оттука е совршено јасно дека грчкиот екстремен национализам е причината за културните, идентитетските и територијалните спорови на Република Грција, како што се македонско-грчките тензии и дебати за идентитетот и наследството или грчко-турските тензии за одредени територијални прашања.
Доколку внимателно се проследат нештата, можеме да заклучиме дека спорот за името Македонија, како и неоснованите тврдењата дека наследството на Александар Велики и античката македонска култура се составен дел на грчкиот идентитет, тогаш може да се заклучи дека тие произлегуваат од грчкиот екстремен национализам. Оваа логичност може да ни ги објасни и последните постапки на грчката држава, како што е т.н. црна листа за македонски граѓани што потекнуваат од Лерин или Костур или неисполнувањето на договорот од Нивици од грчка страна.
Некој го замислуваше договорот од Преспа како крај на македонско-грчките спорови, но доколку се земе предвид дека самиот договор во голема мера произлезе од грчкиот екстремен национализам, тогаш сосема е природно да имаме проблеми и во иднина, како што е забраната за влез на некои македонски граѓани во Република Грција или употребата на префиксот македонски за нашите институции или државници. Оттука произлегува и уште една апсурдност, Република Грција се согласи да ја признае нашата држава под името Република Северна Македонија, но и понатаму одбива да ги промени граничните табли со ФИРОМ или Скопје, затоа што некои грчки граѓани се „алергични“ на зборот Македонија како нешто негрчко. Бидејќи грчкиот екстремен национализам и понатаму доминира во круговите на грчката политичка елита, очигледно е дека и во иднина Република Грција нема да ги почитува обврските од Преспанскиот договор и дека и понатаму ќе ги прекршува човековите и малцинските права на грчките граѓани со македонски национален идентитет.
Сѐ додека грчкото општество не доживее ренесанса во однос на она што значи да се биде Грк или што е современ грчки национален идентитет некои од македонските граѓани ќе се соочуваат со забрана за влез во Република Грција или македонските медиуми ќе бидат проследувани од грчките институции што пишуваат. Еден ден ќе се случат промени во грчкото општество затоа што не сите припадници на грчкиот народ се екстремни националисти и грчката држава ќе го промени својот политички курс кон соседите, вклучувајќи и кон Република Македонија. Но сѐ додека не се случи промена во грчкото општество ќе треба да очекуваме прекршување на човековите и малцинските права во Република Грција, драконски казни и проследувања на македонските граѓани и непочитување на договорот од Нивици од грчка страна.
На крајот, нашиот текст ќе го завршиме со зборовите на еден наш пријател од Лерин, човек што со години се бори за човековите и малцинските права на припадниците на македонскиот народ во Република Грција. Тој вели дека целата Земјина планета ја признава и почитува македонштината како посебен идентитет на планетата, оттука Македонија како нација и држава треба да се насочи кон суштински реформи на македонскиот државен систем, како што се владеење на правото, борба против корупцијата, ефикасни институции итн. Само на овој начин ќе создадеме иднина за македонштината и ќе го заштитиме македонскиот национален идентитет. Со други зборови, сите припадници на македонскиот народ треба зад себе и покрај себе да имаат држава во вистинска смисла на зборот, само на тој начин грчкиот екстремен национализам ќе биде поразен. Не секогаш мислителот ги образложува своите мисли на конзистентен начин, но сепак треба да ја избегнува хипергенерализацијата, затоа што не сите Грци лажат!