Во духот на определбата на Кина да работи на создавање кооперативен мултиполарен поредок и геополитика на мирот, искажана од страна на амбасадорот Џанг Ѕуо на средбата со претставниците од научната заедница и од медиумите, можат да се отворат можности и за подобрување на односите на Македонија со соседите, со што би се ублажиле и актуелните тензии за повеќе прашања. Западен Балкан би можел да го искористи кинеското проширување на влијанието и ширењето на врските со Европа преку билатерални ангажмани и иницијативи како што се иницијативата „Појас и пат“ и механизмот за соработка Кина – Централна и Источна Европа, за да забележи напредок, мир и благосостојба, без да влијае врз националните интереси, политичката определба или оддалечување од западните пријатели и сојузници
Во денешната сложена геополитичка ситуација во која се бара од земјите внимателно да ги избираат пријателите, при што честопати им се замерува кога се водат според сопствените интереси, потребна е мудрост при одлучувањето, па не е лошо да се има предвид и древната кинеска изрека „блискиот пријател оддалеку доближува далечни земји“. Станува збор за мисла на поетот Ванг Бо од времето на династијата Танг (618-907 година), кој сакал да каже дека вистинските пријатели, без разлика колку се далеку едни од други, можат да си помогнат и да си пружат поддршка кога нивниот однос е искрен. Токму тие зборови можат да послужат и при опишување на односите помеѓу Македонија и Кина, судејќи според досегашната плодна соработка на заемна корист, желбата и отвореноста при искажаните пораки, како и можностите за унапредување и идниот потенцијал. Баш затоа треба да се прифати пријателски пружената рака од вујко Си (кинескиот претседател Си Џинпинг е ословуван како вујко Си од медиумите во Кина, со цел да бидат претставени неговата мудрост и татковскиот пристап во лидерството) кон регионот, што јасно беше ставено до знаење при неодамнешната европска турнеја на кинескиот лидер, за време на која беа нагласени „челичното пријателство“ со Србија и „златното патување“ во билатералните односи на кое заедно ќе тргнат Унгарија и Кина. Истовремено Грција се смета за „портата на Кина“ кон Европа по низата билатерални договори склучени со азиската велесила.
Водејќи се од сопствени интереси, одредени центри на моќ шират негативна кампања насочена кон кинеските иницијативи за соработка, меѓу кои најистакната е „Појас и пат“, проследена со злонамерни коментари и обиди за намалување на нивното значење во јавноста. Но истовремено треба да се согледаат резултатите од досегашните реализирани проекти и бенефиции што произлегуваат од нив. Кина е важен трговски партнер на Македонија, при што билатералната трговија постојано се зголемува, а во економската соработка влегуваат и инвестициите во инфраструктурни проекти. Економската соработка меѓу Кина и Македонија бележи раст во последниве години и азиската држава се јавува како четврти најголем трговски партнер на Македонија, откако во првите 11 месеци од минатата година вкупниот трговски обем помеѓу двете земји надмина 1,1 милијарда долари. Неколку значајни проекти на кинески компании, како што е автопатот Кичево – Охрид, постојано напредуваат, а компаниите со кинески инвестиции, како што се „Џојсон сејфти системс“, „АРЦ“ и „ЈФА“, работат непречено во Македонија.
Треба да се напомене и дека за време на пандемијата на ковид-19 имаше масовна вакцинација на населението со донирани кинески вакцини, во обидот за справување со вирусот. На полето на културната размена, во текот на 10-те години од основањето на институтот „Конфуциј“ при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, во земјава непрекинато расте ентузијазмот за учење на кинескиот јазик. А повеќемина претставници од македонски винарници учествувале на изложби во Кина, презентирајќи ги своите висококвалитетни вина на кинескиот пазар.
Отвореноста на Кина за соработка со Македонија и идеите за унапредување на врските во повеќе области, вклучувајќи ги земјоделството, медицината и инфраструктурните проекти, како и за доближување на двата народа преку зајакнување на поврзаноста во туризмот, културната размена и спортот, уште еднаш беа потенцирани и на неодамнешната панел-дискусија во организација на кинеската амбасада во Македонија. Тие се во согласност и со претходните пораки што кинескиот амбасадор во земјава, Џанг Ѕуо, ги упати кон македонската јавност преку интервјуа и колумни објавени во „Нова Македонија“, во кои тој јасно наведе „да го градиме ’Појас и пат‘ во име на заедничкиот развој и просперитет“, „Кина секогаш стои цврсто на страната на земјите во развој “, „пријателството меѓу нашите две земји ќе продолжи да се пренесува уште долго“… Кинеската срдечност, гостопримство и отвореност беа искажани токму на панел-дискусијата на која кинескиот дипломат кажа „се надевам дека заедно ќе работиме на зајакнување на меѓусебната политичка доверба и доближување на двата народа преку политика на заемно почитување. Веруваме дека и двете страни заемно ќе ги уважуваат меѓусебните интереси. Очекувам од пријателите од медиумите да ширите реални информации за вистинската Кина до нашите македонски пријатели“.
Во духот на искажаната определба на Кина да работи на создавање кооперативен мултиполарен поредок и на геополитика на мирот, истакната од страна на амбасадорот Џанг Ѕуо на средбата со претставниците од научната заедница и од медиумите, можат да се отворат можности и за подобрување на односите на Македонија со соседите преку заедничка соработка, со што би се ублажиле и актуелните тензии за повеќе прашања. Западен Балкан би можел да ги искористи кинеското проширување на влијанието и ширењето на врските со Европа преку билатерални ангажмани и иницијативи како што се „Појас и пат“ и механизмот за соработка Кина – Централна и Источна Европа, за да забележи напредок, мир и благосостојба, без да влијае врз националните интереси, политичката определба или оддалечување од западните пријатели и сојузници.