Лесно им е на западните развиени земји да развиваат теории на т.н. „зелена енергетска агенда“ кога со векови употребувале фосилни горива и атомска енергија да се развијат… И сега, онака економски развиени, во топ кондиција, ќе попуваат за загадување, емисии на стакленички гасови, за климатски промени и слично… А досега што правеа тие?! Па до ден-денес тие се носители на емисиите на јаглерод, а државите во развој партиципираат со минимум во загадувањето. И затоа не може пропорционално (линеарно) да важи принципот за воведување на зелената енергија (и емисиите на стакленички гасови). Ако тие развиените се фер (а не знам кога биле навистина фер), треба да тргнат од себе и да ни дозволат нам, недоразвиените, подолг преоден „грејс период“ за економски да ги стигнеме или барем да им се доближиме (работејќи на сопствените базни електрокапацитети), па потоа, на рамноправна основа и позиции, да ја испланираме иднината на заедничката планета. Може ли така?
Додека македонската политика се дави со санирање на грешките што помалку или повеќе секоја претходна власт ги оставала зад себе, најмногу со непостоење утврдена и конзистентна национална стратегија и унередена партиско-кадровска политика на сите нивоа на државата поради партиски рецептури и желби, што резултира со проблеми во основното функционирање, одделни настани во соседството и регионот наметнуваат размислување дека и во криза треба да се осмислуваат и спроведуваат стратегиски потези, или… дури и светската криза да се искористи за стратегиски развој!?
Провокација за ваквото размислување е последната најава од претседателот на Србија, Александар Вучиќ, кој во напната атмосфера што ја има на домашен план (масовни протести во Белград и Нови Сад, отворена криза со Косово, гласна и остра опозиција…) собра сили на отворањето на гасниот интерконектор меѓу Србија и Бугарија, со претседателите на Бугарија и Азербејџан, Румен Радев и Илхам Алијев, да најави изградба на гасна централа во околината на Ниш. Според најавата, инвестиција би изнесувала околу една милијарда евра, а со тоа Србија би си обезбедила стабилни 10-15 години во снабдувањето со енергија, како и економска присутност на регионалната берза на енергија. За информација и Румен Радев се појави на настанот, а бугарското Народно собрание, иако се наоѓа во тешка криза поради неможноста да избере влада, сепак како приоритет, меѓу другото, го утврди продолжувањето на обврските на Бугарија во нуклеарната централа „Белене“.
Во Македонија сведоци се и стопанските фирми, барем оние што работат, а се бројат на прсти, и граѓаните дека енергетските капацитети се на граница на редовни месечни и сезонски колапси, кога не се знае дали и колку државава ќе биде стабилно обезбедена и снабдувана со базна енергија, без разлика дали тоа ќе бидат хидроцентрали, термоцентрали (или сѐ уште најавуваните еколошки и така нестабилни извори на обновлива енергија!?) или, пак, со скап увоз! Тажна и незаборавна беше политичката изјава на претходниот премиер Димитар Ковачевски, кој веќе исчезна од јавноста, пред минатата зима, дека граѓаните ќе имале греење, како најголема цивилизирана придобивка во животот!?
Не е никаква тајна дека ТЕЦ – „Битола“ и „Осломеј“ се извор на тежок стрес за стопанските субјекти, а и за граѓаните. Недоволната грижа за нив, непланското работење и апстиненцијата од инвестиции во технологии од базното производство на енергија доведоа до состојби на перманентно колабирање на домашното производство на енергија. И недоволно испорачување на домашна енергија. Резултат – надолна линија!
Згора на тоа, ако се земат предвид и информациите за кои во јавноста постојат основи на сомневања дека „раководствата на двете термоцентрали применувале скриени индивидуални финансиски задолжувања со земање непланирани кредити од специфични банкарски финансиски линии, со што не само што финансиски ги заглавувале енергетските комбинати туку со таквата работа де факто го воделе работењето на енергетскиот систем во тотален распад и финансиски колапс“!?
Ако впрочем, нека биде и само најава, гасната централа кај Ниш од српскиот претседател Вучиќ се проценува на инвестиција од една милијарда евра, такво нешто или со помал капацитет би било реално прифатливо и за Македонија? Или, пак, малите модуларни атомски реактори што се дисперзирани низ Србија, тие планираат да ги направат за околу десетина години? Па зарем таквата идеја не е соодветна и за нашата држава: имено, домашно снабдување со електрична и топлинска енергија, евтино производство, стопански и регионален развој, зелена енергија итн. Бенефициите се повеќеслојни. Но како и секогаш за низа политички, економски, безбедносни и други клучни државни прашања, така и во енергетскиот сектор – се наоѓаме на една крстосница. Кон каде да се движиме (енергетски)?
Одговорот е едноставен, се разбира дека треба да се движиме по патот што ќе обезбеди непречена, континуирана и евтина енергија за нашето стопанство и за граѓаните. А тоа е единствено – базната! Зелената енергија е „ОК“, но таа не може ни од далеку да ѝ обезбеди енергетска поддршка на Македонија (ниту на ниедна држава, засега, жив пример ни е Германија). Има време, веројатно и тоа ќе се случи во некоја иднина. Но сега не треба да ги ставиме националната економија и граѓаните во агонија, со таков зелен (незрел) приод.
Лесно им е на западните развиени земји да развиваат теории на зелената енергетска агенда кога со векови употребувале фосилни горива и атомска енергија да се развијат… И сега, онака економски развиени, во топ кондиција, ќе попуваат за загадување, емисии на стакленички гасови, за климатски промени и слично… А досега што правеа тие?! Па до ден-денес тие се носители на емисиите на јаглерод, а државите во развој даваат минимум во загадувањето. И затоа не може пропорционално (линеарно) да важи принципот за воведување на зелената енергија (и емисиите на стакленички гасови). Ако се фер (а не знам кога биле навистина фер), треба да тргнат од себе и да ни дозволат нам, недоразвиените, подолг преоден „грејс период“ за економски да ги стигнеме, или барем да им се доближиме (работејќи на сопствените базни електрокапацитети), па потоа, на рамноправна основа и позиции, да ја испланираме иднината на заедничката планета. Може ли така?
Илија Максимовски