Високата општествена наелектризираност создадена со прифаќањето на (сѐ уште) контроверзната и сосема нестандардна преговарачка рамка за Македонија, во која, всушност, ЕУ ги вгради сите дотогаш „неразбирливи и неприфатливи“ бугарски барања, беше најголемата причина за преиспитување на движечкиот принцип на новинарското дејствување – објективноста, односно и лицето и опачината на медалот да се видат со свои очи. Веројатно и со нерасчистени дилеми, во понеделникот попладне, на 18 јули 2022, многубројна новинарска екипа, во ист авион со претставниците на Владата, полета за Брисел да биде сведок на одржувањето на првата меѓувладина конференција со ЕУ…
Надвор од бриселската агенда
Неприкосновениот новинарски предизвик – да се биде на местото на настанот, беше инстантно разбуден кога беше добиена поканата на Владата за следење на првата (а 17 години чекана) меѓувладина конференција во Брисел, на Македонија со ЕУ. Високата општествена наелектризираност создадена со прифаќањето на (сѐ уште) контроверзната и сосема нестандардна преговарачка рамка за Македонија, во која, всушност, ЕУ ги вгради сите дотогаш „неразбирливи и неприфатливи“ бугарски барања, беше најголемиот предизвик за преиспитување на движечкиот принцип на новинарско дејствување – објективноста, односно и лицето и опачината на медалот да се видат со свои очи. Од друга страна, немаше многу време за пресметување на ризикот од квалификации во јавноста кон нас професионалците, од видот – платеници, предавници и други „живописни“ епитети поврзани со новинарскиот морал, зашто на поканата на Владата до новинарите требаше да се одговори „веднаш“, а поаѓањето беше практично „сега“.
Веројатно и со нерасчистени надворешни и внатрешни притисоци, во понеделникот попладне, на 18 јули 2022, многубројна новинарска екипа, во ист авион со претставниците на Владата, полета за Брисел да биде сведок на одржувањето на првата меѓувладина конференција со ЕУ… Првите иронични досетки беа за изнајмениот грчки чартер-авион, со поентата: навистина добрососедски е, ама барем не е бугарски. Други констатираа дека еден историски настан сепак е загарантиран за македонската делегација во Брисел – ако пак бидеме „изненадени“ со вето, временската прогноза гарантираше „историски“ топлотен бран од 39 степени во Белгија… Инаку, во ова време од годината, во Брисел се стемнува речиси на еден час пред полноќ. Транспарентноста на Владата се покажа на дело со објавата на пилотот дека премиерот Ковачевски „успешно поминал обука во пилотската кабина“… Самоиронијата и ограничувањето на очекувањата е некаква превенција од разочарувањата, нели?
Работниот дел од посетата почна рано наутро на 19 јули, со речиси еден час подигнување на новинарските акредитации на „шалтерот“ во зградата на Советот на Европа. Случајно затурената картичка за акредитација, без која не може да се излезе од зградата, можеше да биде сфатена како обид за добивање „траен азил“ во оваа европска институција. За среќа, картичката се појави, кога се откажавме од „потрагата“…
Чекајќи да заврши меѓувладината конференција, македонските новинари практично го „зазедоа“ целиот простор на прес-центарот во Советот на ЕУ, во кој претходно беа сместени само две „непознати“ новинарки, за кои подоцна се покажа дека се од Бугарија, кога нивниот колега што се појави подоцна ги упати во извештаите кратко да се осврнат на меѓувладината конференција на Албанија со ЕУ, а главниот акцент да го стават на Македонија. Само Македонија, без географската додавка на името, ги даде упатствата бугарскиот колега…
На прес-конференцијата по одржувањето на македонската меѓувладина конференција, иако со ограничување од две новинарски прашања, македонските новинари сепак го сведоа во реални рамки ентузијазмот на премиерот Ковачевски и еврокомесарот Вархеи за „леснотијата на понатамошниот процес на преговори“, штом макар и условено се отворени преговорите. Новинарите прашаа за тоа што ги загрижува, а политичарите одговорија тоа што сакаат да порачаат…
Потоа, праќање извештаи во редакциите, колегите од телевизиите во постојана потрага по сим-картички за линкови, преслушување на изјавите и толкување на значењето… Вревата и новинарскиот темперамент се „исклучуваат“ или со слушалки на уши, или со силна концентрација… Кога горе-долу е завршена работата, испратени текстовите и извештаите, во првиот вибер-контакт со татковината (со блиски луѓе од Македонија, де) од мобилниот телефон одекнува: „Што правиш таму, предавничке? Ја предадовте ли Македонија?“
Шега или вистинско обвинување? – неизговорено прашање и обид за „релативизација“ со смеење. Треба да ја напуштиме зградата на Советот на ЕУ, вифито се прекинува, па разговорот со татковината завршува „нерешено“ до слетувањето во Скопје.
По заедничкиот процедурален коктел на Македонија и на Албанија за почеток на преговорите, завршува 24-часовниот „историски“ престој на македонските новинари во Брисел. И на претставниците на македонската влада. На враќање, премиерот открива дека ќерката му била лута две седмици, откако објавил дека францускиот предлог е прифатлив за Македонија. Но дента му се јавила и му се извинала, дека сепак бил во право… Ќерката му простила на премиерот. Сепак, родител ѝ е. А и секоја чест за девојчето, како вистински патриот и интелектуалец, и како повеќето од нас, таа внимателно ги анализирала актуелните настани и легитимно одлучила како понатаму.
Во македонската јавност сѐ уште нема знаци на помирување со бугарските услови, вградени во отворениот преговарачки процес на Македонија со ЕУ. Предизвиците и понатаму се отворени – и за Македонија, но и за ЕУ…
Исто и во новинарскиот предизвик – да се биде на местото на настанот, нема простор за дилемата – да се биде или не!