Убава, интересна иницијатива на новоизбраниот министер за здравство Алиу, кој, патем речено, не доаѓа од здравствениот сектор, туку од информатичкиот, па токму својата специјалност сака на најдобар начин да ја вклопи во системот за доброто на граѓаните. Ќе се детектираат проблемите во обид да се надминат, да се решат и да им се помогне на тој начин на пациентите што имаат забелешки за третманот на надлежните здравствени служби. Се разбира, ова не е нова ниту досега невидена иницијатива. Напротив, во многу случаи ваквите иницијативи се покажале како корисни, како добредојдени за граѓаните, но исто така имало случаи кога по одреден период сепак се наоѓале начини тие да се изиграат, да се извитоперат
Интересно е како некои работи се повторуваат во историјата. Дури и кога не се совпаѓаат целосно, сепак доволно е што одредени знаци потсетуваат на нешто видено, нешто искусено, нешто што давало резултати, додека не било „минирано“ од оние што сакаат да ловат во матно, а ги има во секоја ера на живеење.
Ваков заклучок недвосмислено се наметнува по неодамнешната информација споделена со новинарите од страна на министерот за здравство Азир Алиу. Имено, министерот соопшти дека отсега граѓаните ќе можат да пријавуваат неправилности во здравството и на веб-страницата на Министерството за здравство. Пријавувањето ќе биде анонимно, рече тој, но граѓаните може да остават лични податоци како телефонски број или имејл-адреса, доколку надлежните имаат некои прашања, да ги контактираат, како и дека задолжително или лично или од овластено тело, ќе им биде одговорено или излезено во пресрет на граѓаните.
Што конкретно значи оваа новина во работата на Министерството? На пример, може да се пријави подолго чекање во некоја клиника или пак некоја нерегуларност, а може да се приложат и фотографии и документи како докази.
На крајот од секој месец е предвидено јавно да бидат објавувани податоци во кои јавни здравствени установи колку неправилности биле пријавени од страна на граѓаните.
Убава, интересна иницијатива на новоизбраниот министер, кој, патем речено, не доаѓа од здравствениот сектор, туку од информатичкиот, па токму својата специјалност сака на најдобар начин да ја вклопи во системот за доброто на граѓаните. Ќе се детектираат проблемите во обид да се надминат, да се решат и да им се помогне на тој начин на пациентите што имаат забелешки за третманот на надлежните здравствени служби.
Се разбира, ова не е нова ниту досега невидена иницијатива. Напротив, во многу случаи ваквите иницијативи се покажале како корисни, како добредојдени за граѓаните, но исто така имало случаи кога по одреден период сепак се наоѓале начини тие да се изиграат, да се извитоперат.
На една од таквите идеи ме потсетија колегите до пензионерското катче, токму додека расправавме за најновата иницијатива на министерот за здравство. Имено, станува збор за Маршалатот, институција што уште во минатиот век ја воспостави покојниот маршал Тито, со желба да им се овозможи на работниците и граѓаните нивните забелешки, жалби и критики да стигнат директно и без бирократски опструкции до највисокиот врв на државата и да бидат соодветно разгледани и, по можност, да се постапи по нив. Во тоа време, луѓето велеа: „Ќе се жалам во Маршалатот“.
И навистина, писмата пристигнуваа секојдневно од цела Југославија во бирократскиот Врховен штаб, кој ги упатуваше случаите на постапување до надлежните институции. И тоа така функционираше сѐ додека бирократскиот апарат не најде начин да ја обезвредни целата иницијатива, за самиот да ги „заштити и забошоти“ своите пропусти, онака отуѓен од граѓаните во посебна повисока класа, бирократски апарат – во функција на самиот себеси…
Од тоа време како куриозитет се прераскажува приказната за поделеноста на граѓаните во еден наш град, во кој егзистирале две големи компании. Локалниот моќник од поголемата фирма, солидно поврзан со политичките моќници од тоа време, посакал да ја припои и помалата, но сепак квалитетна и доходовна компанија. Кога виделе вработените во помалата фирма дека ќе бидат претопени, а наедно и не сакале да потпаднат под закрилата на локалниот моќник, решиле да се обратат до Маршалатот. Во тоа време веќе било и ризично да се испрати писмо, со оглед на силната поврзаност на локалниот моќник со политичкиот врв на државата, па се решиле на лукавство. За роденденот на маршалот Тито испратиле голема торта, во која го вметнале и писмото со експликација на нивниот проблем, со молба да не се дозволи да бидат претопени во големиот комбинат…
Приказната е од старо време, некому можеби и нема да му се види интересна, но во секој случај е илустрација како некогаш и најдобрите намери знаат да се извитоперат, па потоа луѓето ќе мора да наоѓаат најразлични начини да се снаоѓаат за да се искажат за своите маки.
Ова нека биде само како поука, ако веќе се реализира идејата на министерот за здравство, да не дозволиме да се извитопери или да се претвори во нешто сосема друго. Нека се отвори тој канал за непречена комуникација на граѓаните со Министерството и министерот лично, за да може да се надминат сите нивни проблеми, забелешки и приговори. Конечно, не мора секоја убава иницијатива да ја задушуваме.