Црвени линии за европскиот „бермудски триаголник“

Во Тјенџин, Кина, како и на самитот на БРИКС претходно, е кажано каде оди светот и кој може и сака да го води, означен е крај на униполарниот поредок и веќе се гради нов (Кина, Индија, Русија…), додека ЕУ се спрема за на фронт. Ние иако сме национално уценети на живот и смрт, се надеваме дека според фер критериуми ќе влеземе во тој клуб, кој опасно се милитаризира, па и фашизира. За мене тоа е страшно и тука гледам логика за црвени линии

Баба ми ми викаше: „Внучко, со сила убавина не бидува“. Оваа народна мудрост не ја разбираме додека сме млади и убави, туку некаде подоцна во животот, кога сме созреале. Некои ја имаат таа привилегија никогаш да не дозреат. Блазе си им, сигурно спијат како топови и во скопските тропски ноќи догреани со напалм-бомбите, кои доаѓаат од стотиците намерно создадени и запалени ѓубришта. Специјална војна, нели?
Да, што сакала баба ми да ми каже – дека не можеш да бидеш тоа што не си, туку ќе останеш тоа што си и ќе го браниш тоа своето, највредното, што го носиш во себе и со себе како аманет оставен од некој што ти дал здив и ритам на срцето. Сите ние носиме понекое бисерче оставено од нашите предци.
И кога се навраќам на нашето, на традицијата македонска и она што нашите баби и дедовци ни го кажувале и нивите ни ги оставиле да ги ораме, а не да ги распродаваме, ми се појави сликата на учесниците на самитот на Шангајската организација за соработка (ШОС) одржан неодамна во Тјенџин, Кина, каде што на семејното фото лидерите се држат за раце, кои потоа ги креваа на висина од рамената. Тие се фатени во оро, тие ја симболизираат таа цврста врска, која се гледа во допирите со рацете. Има ли нешто поцврсто од таков допир. Тоа се и симболиката и значењето на древното македонско оро, да се држиме заедно, да не се испуштаме и притоа и да пееме на цел глас. Ете тоа што ние овде го снемавме, во Кина новите светски лидери, кои го тресат светот и ќе го влечат во нови времиња со надеж за нови вредности и хуманизам, го пронајдоа. Моќна порака, нема што. Јас веднаш се занесов во моите слики како „тешкото“ се игра, како едно моќно геополитичко оро. „Тешкото“ не се игра на земја, туку се игра како некоја елевација, во лебдење, како сета енергија да е собрана на едно место и таа те поткрева. Тапаните ечат! Играјте го „тешкото“, Македонци. Ако не го знаете, научете го!
Ќе се навикнуваме на вакви слики, иако тоа за модерниот свет наречен Запад уште изгледа смешно. Ха-ха-ха-ха-ха! А што има тука смешно? Апсолутно ништо. Видовме лидери собрани за една кауза, решени да го погребат униполарниот свет како промашена кројка, една ногавица драстично покуса од другата, па нема такви да одиме по балови? Се прави нова кројка, нов шнит, нови мајстори, нови кројачи. Затоа што тој Глобален Југ ја прифатил западната култура, тој не ја отфрла или стигматизира, секако го одбрал највредното од таа културна ризница, а што прифатија западњаците од нив? И од нас.

И така, некои нации изумиле тркало, некои мотор со внатрешно согорување, некои дирижабл, некои авион, некои вакцина против канцер…, а некои измислиле црвени линии. Дебели или тенки, па не е тоа и најбитно, важно нешто си смислил. И не е Венко Филипче оној што го смислил тоа иновациско чудо и пред него смислуваа чуда во партијата што се прогласи за наследник на Комунистичката партија на Македонија, ја архивира КПМ, замислете каква дрскост, и си надена и имот грабнат и ново име, познати како социјалдемократи. Тие немаше да измислат црвени линии, ако Грците, мајстори за трговија и шашми, не смислија црвени линии во преговорите за името на Македонија, а потоа социјалдемократите рекоа – и ние имаме црвени линии. Мислам дека и Интерпол да објави светска потерница по тие црвени линии нема да ги пронајде. Но ете да прифатиме, сме имале некакви црвени линии. Што значат тие? По некоја логика тоа значи ако нешто си утврдил како став, територија, имот, двор, не мрдаш од тоа. Црвена линија се влече за нешто за кое нема компромис, оти ако мрднеш подалеку од таа катастарска линија ти губиш, добиваш шах-мат. За мене црвена линија е ставот дека за нелегалната промена на името на Македонија ниту простувам ниту заборавам. Јасно е нели?
Еве една црвена линија исцртана со дебел фломастер во македонско Собрание повлечена консензуално на 29 јули 2021 година, откако претходно беа избришани таканаречените македонски црвени линии, според кои, име не менуваме, идентитет не продаваме. Тогаш е изгласана Резолуција за утврдување на македонските државни позиции во контекст на блокадите на европските интеграции. Тука пред сѐ се мисли на Бугарија, која ни залепи дебело вето и нема да го крене, а гледаме дека сега еден млад бугарски политичар што ја претставува Софија во светот пушта писма до сите членки на ЕУ дека Македонија не сака да игра бугарско оро. Па, зошто би играла кога си имаме наше?! Резолуцијата обврзува „преговорите да се водат на рамноправна и принципиелна основа, со должно почитување на меѓународното право, без никакво условување од едната или од другата страна и со почитување на достоинството на македонскиот народ; Собранието ја обврзува и ја насочува Владата, но и сите надлежни органи задолжени за надворешната политика и евроинтеграциите да постапат во рамките на позициите утврдени со оваа Резолуција“. Заев ја фрли низ вода оваа резолуција и даде обврска дека ќе ги внесе Бугарите во Уставот (со два протокола), а за возврат Бугарија нема да ги блокира преговорите за членство. Каква дилетантска трампа! Ама така е тоа кога клучните национални позиции се договараат на јахти, по Халкидики-Малкидики и не знам каде, па да потсетам, иднината на државата некогаш се решаваше и на бензинска пумпа покрај Тетово (која мизерија, човече) наместо во Собрание.

Црвените линии не ги измислил Филипче, не, неговите сопартијци го измислија тоа пред него, арно ама никој не може ни со потерница на Интерпол да ги пронајде нив. Измислена работа, демек еве и ние нешто смисливме. Народски кажано – тапа работа

Пратеници од сите бои, за тоа сте избрани, да браните наши интереси, а не туѓи. Чекаме Уставниот суд да се изјасни за протоколите. Има мала надеж дека може ќе нѐ биде. Но Уставниот суд мора да се изјасни и за референдумот демек за членството во НАТО, а де факто и де јуре беше за промена на името и идентитетот на нацијата, кој граѓаните не го поддржаа што е потврдено и од ДИК. Него го прогласија за консултативен (хе-хе-хе), по што нас Македонците нѐ спакува во преспанскиот мртовечки сандак. Уставот не препознава термин „промена на името на државата“, но затоа категорично стипулира дека „никој нема право да потпише капитулација“ (освен некои во Собранието, да забележам со сарказам). Членот 73 од Уставот, кој, за жал, има повеќе амандмани од членови, оти е крпен десетици и десетици пати во зависност како се бришеле црвените линии, вели дека „одлуката од референдумот е задолжителна“! Ајде да го ставиме на тест и ова уставно начело, еве предизвик на уставните судии, па нека пишуваат и Грците и Бугарите писма до непознато другарче во Европа, како што ние некогаш се запознававме со некои во Европа.
Која е таа Европа, за која сега СДСМ на Филипче упорно сака да нѐ испорача во тој сандак, кој погоре го спомнав? Веќе е јасно дека оската, тежиштето на светот е далеку од Европа. Можеби Лондон, Париз или Берлин имаат некакви шанси во глобалната геополитичка игра, но Брисел, колку и да се повикува на заедништвото, нема шанси. Кисинџер ги дефинирал – немате телефон каде да ве бараме. Европа се чини ги живее последните денови на европоегоизмот или „центризмот“ и оди на тенка линија, се движи по жилет. Изгледа застрашувачки кога ќе споредиме за што разговараат Кина, Русија, Индија (триаголник РИК), каде се истакнува принципот на рамноправност и суверенитет, а за што Лондон, Берлин, Париз (новиот бермудски триаголник на европската пропаст). Додека првите отвораат перспективи за трговија, развој, нов динаминизам, кој е поддржан и од ОН (во Тјенџин беше генералниот секретар на ОН, Гутереш, но не беше на средбата на Трамп со европските сојузници во Белата куќа, што многу говори), овие вториве, демек нашиве кон кои ние консензуално се стремиме, своите буџети ги пренасочуваат во воени цели, градат забрзано инфраструктура за воена состојба, ќе купуваат чизми и цокули и ќе регрутираат млади за на фронт. Франција објави нацијата во 2026 да се спрема за воено сценарио! Европа, драги наши и мои, се милитаризира и се фашизира. Тешко се дише стариот европски воздух. Повторно ли ќе мириса на барут на континентот, кој создаде толку светски проблеми, кој пред 80 години конечно влезе во мир, а сега пак сака да маршира кон бојно поле. Јас не ја разбирам оваа Европа и тука гледам смисла за да се исцртаат македонските црвени линии. Оти „со сила убајна не бидват“!