Македонија е (зло)употребена во официјалната химна на Албанија. Во песната, во која се зборува за убавините на оваа земја, не случајно се споменува и Скопје, кое е претставено како – албански град. Ако на фанатичните албански „тифози“, кои со (пре)многу емоции го доживуваат и преживуваат ова Европско фудбалско првенство, може да им се прогледа низ прсти за нивното недолично однесување и навивање, наводно поради „преголемата возбуда“ зашто за првпат учествуваат на едно вакво големо фудбалско натпреварување и дека непримерните пароли и скандирања биле „излив на емоции и од таа преголема стрес-возбуда“, тогаш ставањето на главниот град на Македонија, Скопје, во кој покрај Македонци живеат и Албанци, Турци, Власи, Срби, Роми, Бошњаци и граѓани на други етнички националности, во химната на Албанија во најмала рака е непримерно (националистички, па и шовинистички истап), кое бара извинување од албанската држава
Кога помисливме дека Европското првенство во фудбал, кое се одржува во Германија, барем малку ќе нѐ ослободи и релаксира од политиката, со која поради изборите бевме опседнати, и ќе ни овозможи да уживаме во мајсториите на фудбалските (веле)мајстори Ронладо, Модрич, Мбапе, Закањи Манчини, Митровиќ…, деновиве сме сведоци на (пре)многу политика на фудбалските стадиони во Германија и, што е најстрашно, непримерни, шовинистички и најблаго речено националистички скандирања и изливи на емоции, гнев, омраза, нетрпеливост, па дури и повикување на убиства, како што беше хорското заедничко скандирање на навивачите на Хрватска и Албанија „Убиј, убиј Србина“.
Некогаш заради светските спортски случувања, дури и државите што војуваа меѓу себе прогласуваа привремен мир и прекин на војните до завршувањето на спортските првенства. Не ретко токму некои исклучително важни фудбалски натпревари биле причина и за војна меѓу одделни држави. Да не заборавиме дека распадот и војната во Југославија беа најавени по инцидентот што се случи на фудбалскиот стадион во Максимир, Загреб, по масовната тепачка на фудбалерите и навивачите на Динамо и Црвена звезда.
За жал, сега од исполнетите фудбалски стадиони во Германија обоени во боите на земјите што играат меѓу себе на ова Европско првенство се скандираат пароли од кои се ежи кожата и смрзнува крвта, какви што не сме слушале ни за време на воениот конфликт во поранешна Југославија.
Старо и непишано правило е дека политиката и спортот секогаш оделе рака под рака. Иако вообичаено политичарите барем јавно говорат и се залагаат политиката да се отстрани од фудбалските и спортските терени и спортот да се деполитизира, сепак и натаму спортот и политиката се во меѓусебен (не)формален брак. Свесни дека преку спортот политичарите најлесно и најбрзо можат да ги придобијат обичните граѓани, тие на голема врата ја внесоа политиката во спортот, особено во фудбалот, од која барем засега не успеваат да се ослободат.
За жал, иако и спортистите навидум се обидуваат да успеат во тоа, барем засега не успеваат да се ослободат од политиката во спортот. Истото тоа не можат да го направат ниту љубителите на фудбалот, особено навивачките групи, кои преку клубовите и нивната поддршка најчесто ги истакнуваат своите изливи на (политички) емоции кон клубот или државата и ги остваруваат или лекуваат своите фрустрации.
Иако, за жал и на големо разочарување на љубителите на фудбалот, Македонија не учествуваа на ова Европско фудбалско првенство, сепак и таа е жртва на скандалите што се случуваат од страна на некои навивачи од албанска етничка припадност на Европското првенство.
По крајот на натпреварот помеѓу Хрватска и Албанија, репрезентативецот на Албанија Мирланд Даку непредизвикан од никого зеде мегафон во рака и почна да скандира со навивачите на Албанија, притоа упатувајќи непримерни навреди за Македонците и за Србите. Тоа што подоцна репрезентативецот на Албанија Мирланд Даку, свесен дека го чека казна, се огласи на социјалните мрежи и се извини за својот испад и скандалозното скандирање е мала утеха за навредите што тој им ги упати на граѓаните на Македонија. Даку, кој во извинувањето не посочи за кого се однесува неговото извинување, порача дека им се извинува на оние што се почувствувале навредено. Своето однесување го правдаше со зголемените емоции од настапот на Албанија на Европското фудбалско првенство и поради огромната поддршка од верните навивачи.
Тамам некако заборавивме на навредите на албанскиот репрезентативец Даку, Македонија деновиве повторно е сведок на нов скандал поврзан со користењето националистички ноти од страна на нашиот западен сосед, Албанија.
Македонија е злоупотребена во официјалната химна на Албанија. Во песната, во која се зборува за убавините на оваа земја, не случајно се споменува и Скопје, кое е претставено како – албански град. Ако на фанатичните албански „тифози“, кои со (пре)многу емоции го доживуваат и преживуваат ова Европско фудбалско првенство, може да им се прогледа низ прсти за нивното недолично однесување и навивање, наводно поради големата возбуда зашто за првпат учествуваат на едно вакво големо фудбалско натпреварување и дека непримерните пароли и скандирања биле излив на емоции и од преголема возбуда, тогаш ставањето на главниот град на Македонија, Скопје, во кој покрај Македонци живеат и Албанци, Турци, Власи, Срби, Роми, Бошњаци и граѓани на други етнички националности, во химната на Албанија во најмала рака е непримерно, националистичко, шовинистичко, сепаратистичко со територијални претензии и што уште не, кое пак бара чесно извинување од албанската држава.
Мирланд Даку е казнет од УЕФА и од страна на својот клуб Рубин Казан за недоличното однесување на мечот со Хрватска на ЕП, кога со мегафон ги навредуваше Македонците и Србите, но кој ќе ја казни Албанија за спотот на албанската химна во која е ставен и главниот град на Македонија, Скопје. Овој официјален спот на Албанија не може и не смее да се третира како обичен, случаен или ненамерен гаф на некој музички продуцент. Напротив, тој спот е смислено направен и преку таквиот спот авторот по сѐ изгледа ги искажува аспирациите на Албанија кон Македонија и Косово, кои територии и народи од албанска националност што живеат во нив си ги третира како свои.
Иако не е првпат Македонија да биде предмет на негирање или присвојување од страна на соседна Албанија и дел од албанските политичари, како од Албанија или Косово, па и тие што живеат во Македонија, сепак македонската држава, во која има и неколку албански министри, па и претседател на Собранието, не смее да го одмолчи овој скандал. Напротив, за него треба да реагира во сите меѓународни, не само фудбалски, туку и европски институции, кои се грижат за почитување на територијалниот суверенитет и интегритет на државите. Досега Македонија како држава голташе многу работи и на сите начини се обидува да ја покаже и манифестира својата меѓуетничка толеранција, што се смета за европска вредност. Македонија е пример за толеранција, каде што не само Албанците туку и сите народи што живеат во државата ги уживаат своите права. Македонија никогаш не провоцирала ниту искажувала територијални претензии спрема никоја држава, најмалку спрема соседите. Македонската држава во настојувањето за релаксирање на меѓуетничките односи многупати замижувала и кога не смеела да мижи. Доста често сме се правеле слепи, глуви и неми кога репрезентативци на Македонија од албанска националност не ја пееле македонската химна и изјавувале дека иако го носат репрезентативниот дрес, химната на Македонија не ја чувствуваат за своја.
Но, рака на срце, не е мал и бројот на случаите кога репрезентативци од албанска националност гинеле на теренот за репрезентативниот дрес на Македонија, како што на ова фудбалско првенство прават сите репрезентативци што ги носат репрезентативните дресови на земјите што ги претставуваат, а во кои играат и фудбалери од други националности. Како и на сите претходни европски првенства, така и на ова убеден сум дека не играат етнички чисти репрезентации. Но сите репрезентативци што ги носат репрезентативните дресови на државите што учествуваат на првенството буквално гинат на фудбалските терени да постигнат победа и да се пласираат во понатамошните натпревари. Таквите сфаќања не само во фудбалот туку и во спортот треба да се поддржуваат. Убаво е секој човек да си ја сака својата репрезентација и да навива за неа. Но никој нема право фудбалските натпревари да ги користи и злоупотребува за негирање на другите народи или репрезентативци или за пласирање националистички или шовинистички политики. Се чини крајно време е, како што тоа го прави УЕФА, и ФИФА по секој инцидент или скандал да ги санкционира со драконски казни сите оние што фудбалските терени и стадиони ги користат за промоција на своите националистички и шовинистички политики. Бидејќи токму таквите политики во многу случаи скапо нѐ чинеле и не ретко биле плаќани со човечки жртви.