Се сеќавате ли, драги читатели, на нашиот фељтон во „Нова Македонија“, не толку одамна публикуван, што имаше цел да ги обелодени пред целокупната македонска јавност сите застрашувачки податоци во една таква форма што би имала сигнификантно јавно влијание. Но, очигледно, некои навики тешко се менуваат. Затоа, повторно ќе пишувам на оваа тема. И повторно, доколку треба. Сѐ додека не увидам дека барем малку ќе почнеме сите да го менуваме нашиот пристап кон овој проблем, а бројките во „црните хроники“ континуирано да се намалуваат
Не толку одамна, пред неполн месец, на страниците на „Нова Македонија“ објавивме фељтон во неколку продолженија во кој ги анализиравме статистичките податоци за сообраќајните незгоди во државата од 2010 година до денес. Авторот на серијалот, Живко Здравковски, ги систематизираше податоците, при што презентираше фрапантни сознанија за „црната хроника“ на нашите сообраќајници. Фељтонот имаше цел да ги обелодени сите застрашувачки податоци, за јавноста да ги види во една таква форма што би имала сигнификантно јавно влијание. Но, очигледно, некои навики тешко се менуваат. Затоа, повторно ќе пишувам на оваа тема. И повторно, доколку треба. Сѐ додека не увидам дека барем малку ќе почнеме сите да го менуваме нашиот пристап кон овој проблем, а бројките во „црните хроники“ континуирано да се намалуваат.
За потсетување, објавувањето на фељтонот на колегата Здравковски се совпадна со трагичната сообраќајна несреќа во која настрада младата Фросина Кулакова. Во тие денови сите бевме сведоци на засилени полициски контроли по нашите сообраќајници, а хрониките беа полни со бројки на регистрирани и санкционирани прекршоци. Јавноста со право очекуваше дека ќе проработи свеста кај несовесните возачи и дека поради психозата што се наметна по сообраќајката, а особено поради заострената контрола од страна на полицијата. Но, се чини, сѐ беше попусто.
Нашите возачи си продолжија да возат по старо, држејќи се до своите лоши навики, доведувајќи се себеси во опасност, но истовремено загрозувајќи ги животите на другите учесници во сообраќајот. Речиси да нема ден, а да не слушнеме вест за сериозна сообраќајна несреќа со потешко повредени или починати лица. А, што е уште позагрижувачки, контролите од страна на сообраќајната полиција воопшто не се намалуваат.
Така, дознаваме дека, на пример, само во текот на изминатиот викенд, поради возење под дејство на алкохол се приведени осум лица на територијата на целата држава, а најголема концентрација на алкохол во крвта е измерена во Кавадарци кај лица што возеле со 3,34 и 2,65 промили. Скопјанец дивеел по тетовски улици со сериозен процент алкохол во крвта, а истовремено во Куманово е приведен негов истомисленик, кој возел со 2,34 промили алкохол. Според законот, му следува кривична пријава.
Можеме вака да набројуваме уште долго, но се чини дека ваквите податоци тешко допираат до луѓето што се најзастапени во бележниците на полицијата. Тие си остануваат имуни на ефектите од казните и санкциите, кои се покажуваат како недоволни за одреден дел од учесниците во сообраќајот.
Поразувачко е сознанието дека лошите навики најтешко ги менуваме. Дури и тогаш кога гледаме дека сѐ што правиме, правиме на своја штета, но притоа сериозно се загрозени и луѓето околу нас. Зошто и како не се будат во нас контролните механизми, туку продолжуваме по старо е прашање со кое треба да се позанимаваат стручни луѓе, кои можеби ќе успеат да проникнат во сржта и да ги дадат вистинските одговори.
Што може да се направи во една ваква ситуација за мобилизирање и фокусирање на сите општествени чинители за децидно и решително спроведување на мерките и активностите за поголема безбедност на сообраќајот на патиштата. Како што и потенциравме во нашиот серијал, до стигнување на целта, која значи висока безбедност и сигурност на сите учесници во сообраќајот – има патишта и има решенија. Особено во делот од превенцијата, на која е неопходно интензивно да се поработи. Помеѓу другите активности, пожелни се повеќе кампањи за поголема безбедност во сообраќајот, со учество на ценети и познати јавни личности во нашето општество, за да се потенцира нужноста, за секој учесник, од доследно практикување во почитувањето на прописите во сообраќајот. Значајно би било кога во медиумите, особено во електронските, би се посветувал уште поголем простор за безбедноста во сообраќајот.
Значи, во преден план е издигање на нивото на превенција, заострување и дополнување на казнената политика, при што во посакуваните цели спаѓаат и нулта толеранција кон прекршителите и елиминација на потенцијалната можност за „фаќање врска“…
Се разбира, подигањето на нивото на превенција, на нивото на сообраќајна култура, започнува од најмали нозе и тука треба да го насочиме фокусот. Неопходна е пoголема едукација на децата за безбедноста во сообраќајот, а за таа цел постојат програми што се спроведуваат, но тука треба да дојде до израз вештината на едукаторите за да ги убедат учениците во важноста на материјата што ја совладуваат. Последната инстанца во системот би биле автошколите каде што идните возачи ги добиваат неопходните знаења и вештини.
Сепак, последниот избор е на секој од нас. Сето ова што го наброивме е искажано и напишано безброј пати. Останува на нашата свест и совест колку и како ќе се придржуваме до тоа.