Имајќи предвид дека не само низ историјата туку и денес сѐ уште се соочуваме со истите предизвици, првенствено со негирање на македонската посебност, фестивалите како што е тековниот „Илинденски денови“ во Битола се од непроценливо значење за да се потсетиме на она што нѐ дефинира како народ, но и поттик да се зачува од заборав тоа богато наследство, затоа што токму заштитата е сѐ уште проблематична и сензитивна тема во нашата држава. И организаторите на битолскиот фестивал истакнуваат дека најсигурното оружје за да продолжиме да се гледаме во иднината е да не ги заборавиме своите корења
Снимен во срцето на планинските села во Грција и во Македонија, документарецот со наслов „Од прашина до светлина“ на Андонис Картезос (Грција) следи група конзерватори на антиквитети и уметнички дела на нивното патување, со цел да се зачува византиската иконографија. Заживува дијалогот меѓу нив и хагиографите од минатото… Ова е кратката содржина на еден од низата документарни филмови што деновиве можат да се гледаат во Битола, во рамките на тековниот Интернационален етнолошки филмски фестивал „Илинденски денови“. Публиката има можност да види уникатни приказни, не само од нашето поднебје туку од сите делови на светот, како на пример оној на Калина Станиславова Горанова за традиционалниот бугарски фестивал – „Сурва“, годишен обичај што штити од злите духови и им носи здравје и благосостојба на луѓето. Или норвешкиот „Отворањето на шунката“ за одгледувачите на свињи и производителите на шунка во Бадахоз, Шпанија. Или српскиот „Крошна“ за каменоресците меѓу реките Ибар и Дрина, планините Рудник и Златар, меѓу српските востанија и светските војни, кои ги антропоморфизираа нивните камења за да можат камењата да ја чуваат својата татковина…
Битола до 31 јули е центар на македонскиот и светскиот фолклор. Програмата е одлична и многу разнолика, а темите ги откриваат еколошките, социјалните, човечките и културните текови, но на сите им е заедничко тоа што имаат за задача да се зачува исконското наследство, традицијата и културата, на различни простори. А македонското културно минато е исклучително богато, автентично и единствено, тоа најдобро можеше да се види преку фотографиите од изложбата „Радост – прославата духовен пркос на народот“, поставена во рамките на фестивалот деновиве во Битола.
Станува збор за одбрани етнографски фотографии од фондот на браќата Манаки на битолскиот архив, што во целост се вклопува во духот на фестивалот за народни игри и песни „Илинденски денови“ (се одржува паралелно со филмскиот фестивал), низ кои можеме многу живо да видиме каква била традицијата на нашиот народ. Ова е еден од ретките светски фестивали сертифицирани од Светската организација што ги обединува чуварите на нематеријалното културно наследство, поддржана од УНЕСКО.
Историјата на македонскиот народ е проследена со разни премрежиња. Лимитираните можности за културно-просветна еманципација, сѐ до создавањето сопствена држава, го принудиле народот својата посебност и постоење да ги презентира преку обичаи, преданија, стил на облекување, песни, ора, панаѓури, веселби и свечености.
Но и во сегашноста сѐ уште се соочуваме со истите предизвици, со негирање на македонската посебност. Оттука, ваквите фестивали се од непроценливо значење за да се потсетиме на она што нѐ дефинира како народ, но и поттик да се зачува од заборав тоа богато наследство, затоа што токму заштитата е сѐ уште проблематична и сензитивна тема во нашата држава.
И организаторите на битолскиот фестивал ја нагласуваат оваа карактеристика на избраните филмови што може да се гледаат деновиве во битолскиот центар за култура, но и настаните во рамките на фестивалот на народни песни и игри „Илинденски денови“ – тие нè потсетуваат дека најсигурното оружје за да продолжиме да се гледаме во иднината е да не ги заборавиме своите корења. И затоа, без оглед на тоа од каде доаѓаат нивните автори, тие го слават минатото за да не се изгубиме во сегашноста.