Многумина не помислуваат на достапноста на водата за пиење како луксуз, кога од раѓање живеат во место што отсекогаш имало на располагање вода што може да се пие од чешма, како што е случај во земјава, па затоа ги наводнуваат бавчите без да водат сметка за рационално трошење, притоа заборавајќи на еколошката катастрофа со која се соочуваат Преспанско и Дојранско Езеро, на намалените водостои на реките, празнењето на вештачките езера и акумулациите… Така е сѐ додека не се најдат некаде далеку од дома низ белиот свет, каде што се советувани да не ја користат водата од чешма ниту за миење заби, а камоли за пиење, па се принудени да се снабдуваат со купечка вода од маркет. Или, пак, ќе се свестат дури откако ќе се соочат со рестрикции во водоснабдувањето при жешки летни денови поради несовесно трошење на драгоцената течност… тогаш навистина се увидува, на потешкиот начин, влијанието на достапноста до вода за целокупниот квалитет на живеење
Во сенка на војните, трговските конфликти и економските превирања, изборните и кампањи за вооружување низ светот, како и на голем број други локални и глобални случувања што деновиве доминираат во јавниот дискурс, можеби во втор план се наоѓа еднакво важна борба од која зависи иднината на човештвото – за обезбедување пивка вода, која сѐ повеќе места на планетата ја водат, па нејзиното брзо ширење ја носи и кај нас.
Многумина не помислуваат на достапноста на водата за пиење како своевиден луксуз, кога од раѓање живеат во место што отсекогаш имало на располагање вода што може да се пие од чешма, како што е случај во земјава, па затоа ги наводнуваат бавчите без да водат сметка за рационално трошење, притоа заборавајќи на еколошката катастрофа со која се соочуваат Преспанско и Дојранско Езеро, на намалените водостои на реките, празнењето на вештачките езера и акумулациите… Така е сѐ додека не се најдат некаде далеку од дома низ белиот свет, каде што се советувани да не ја користат водата од чешма ниту за миење заби, а камоли за пиење, па се принудени да се снабдуваат со купечка вода од маркет. Или, пак, ќе се свестат дури откако ќе се соочат со рестрикции во водоснабдувањето при жешки летни денови поради несовесно трошење на драгоцената течност… тогаш навистина се увидува, на потешкиот начин, влијанието на достапноста до вода за целокупниот квалитет на живеење.
Алармот е одамна вклучен во Европа. Тоа го покажува и моментната ситуација во местото Бушвилер во источна Франција, чии жители неодамна по пошта добиле информација дека водата во нивното мало место не е безбедна за користење за деца до две години, бремени жени или доилки, како и за лица со слаб имунолошки систем. Истото писмо им било испратено на околу 60.000 луѓе низ 11 општини во земјата, при што општината Сан Луј се соочува со најголемата забрана за користење на водата во Франција. Тоа се должи на присуството на т.н. ПФАС (пер-и полифлуороалкилни супстанци) во локалната вода, познати и како „вечни хемикалии“, а кои се поврзуваат со голем број здравствени ризици.
Се стравува дека ситуацијата во Сан Луј е почеток на забраните за вода за пиење низ цела Европа, па Европската Унија во јануари ќе почне со спроведување нови ограничувања за нивоата на ПФАС, со оглед на тоа што повеќе од 2.300 локации во Европа ги надминуваат новите пропишани граници, а повеќе од 23.000 локации низ Стариот Континент се контаминирани со ПФАС, според Францускиот национален центар за научни истражувања (ЦНРС).
Токму затоа Европската комисија веќе разгледува воспоставување систем за споделување на водните ресурси како дел од политиките за меѓународна соработка, во услови на растечка криза на ниво на ЕУ, со цел да се осмисли распределба на водата и за да се избегне колапс на големите градови. Клучно е и Македонија како држава да поведе сметка за управувањето со водните ресурси што земјава ги има, особено бидејќи се трошат поради колективна неодговорност на општеството, при што годишно губиме 146 милиони кубици вода за пиење од произведените 245 милиони кубни метри вода.
„Нова Македонија“ затоа преку серијал текстови пишува за нужната потреба од зачувување на водата како стратешки ресурс и за нејзино рационално управување, со предлози за долгорочна стратегија и мерки што би го осигуриле водоснабдувањето во земјава, од што зависат и земјоделството, енергетиката, индустријата, туризмот, како и секојдневните потреби на населението… Во тој контекст и професор доктор Константин Димитров, во негов авторски текст на страниците на весникот, категорично нагласи дека „водата е незаменлив ресурс, чија вредност само ќе се зголемува. Водата не е само извор на енергија туку и гаранција за земјоделство, туризам, заштита од суши…“
Баш затоа е потребна стратегија за тоа како да се зачуваат водните ресурси на земјава, за таа наскоро да не се најде во незавидна ситуација, ако неконтролирано се црпат резервите од вода, кои веројатно се нејзино најголемо богатство. Затоа, да ја кренеме свеста за зачувување на водата и да дејствуваме сите заедно во рамките на своите можности, пред да биде доцна.