Историјата е интерпретаторна наука, односно го толкува, го објаснува и му дава смисла на минатото. Оттука, историчарот е насочен кон вистинска историска анализа, како и зошто се случиле работите, а во спротивно нема да имаме реална слика за минатото и историските настани. Дека минатото може да биде апсурдно потврдува и Светото Римско Царство, за кое Наполеон Бонапарта рекол дека не е ниту свето, ниту римско, ниту царство. Во оваа конотација треба да ја разбереме и средновековната македонска држава на царот Самуил. Овој македонски владетел пристапил речиси идентично како германските и визанитиските владетели што се именувале како римски цареви
Лукијан од Самосата, истакнат антички реторичар и сатиричар, своето дело „Вистинска историја“ го започнува со објаснување дека неговиот раскажувачки наратив воопшто не е вистинит, како и дека е целосна и крајна лага. Колку и да звучи чудно, Лукијан е првата личност што имала критички пристап кон историските извори, односно преку сатира ги исмева античките извори што цитирале фантастични и митски настани како вистинити. Во оваа конотација тој ги споменува пишувањата на Ктезиј и Јамбул нагласувајќи „она што ме изненади е нивната претпоставка дека никој нема да забележи дека лажат“.
Со пишувањата на Лукијан од Самосата започнува аналитичкиот и критички пристап кон историските настани во минатото. Не случајно се вели дека добриот историски труд зависи од задолжителното анализирање, односно од копањето под површината за да се видат односите или разликите што не се веднаш очигледни. Оттука, историската анализа е критична, таа ги проценува изворите, им придава значење на причините и ги споредува спротивните објаснувања. Дополнително, историчарите се критички настроени кон историските извори и ја проверуваат нивната веродостојност. Затоа историјата како наука се одликува со внимателно оценување на изворите, поврзување на причините и последиците, како и придавање значење на личностите и на настаните.
Со други зборови, историјата е интерпретаторна наука, односно го толкува, го објаснува и му дава смисла на минатото. Оттука, историчарот е насочен кон вистинска историска анализа, како и зошто се случиле работите, во спротивно нема да имаме реална слика за минатото и историските настани. Дека минатото може да биде апсурдно потврдува и Светото Римско Царство, за кое Наполеон Бонапарта рекол дека не е ниту свето, ниту римско, ниту царство. Конкретно станува збор за средновековна германска државна творба што се обидува да се претстави како наследник на старата Римска Империја, оттука нејзините владетели редовно се именуваат како римски цареви. Без критички пристап и анализа, ќе се доведеме во апсурдна ситуација да го именуваме Фридрих Барбароса како римски цар, иако во суштина бил германски владетел што сакал да доминира над Италија и папството.
Во оваа конотација треба да ја разбереме и средновековната македонска држава на царот Самуил. Овој македонски владетел пристапил речиси идентично како германските и визанитиските владетели што се именувале како римски цареви. Затоа Георгиј Острогорски, истакнат византолог, вели „идеолошки, Македонско Царство било поврзано за старото Бугарско Царство, затоа и самите негови творци и Византија го нарекувале бугарско. Бидејќи традициите за царство и патријаршија, освен во Византија, постоеле уште само во Бугарија, кое паднало под ударите на Византијците. Всушност неговото царство значајно се разликувало од Симеоновото и Петровото царство. И по составот и по карактерот тоа било ново царство. Неговиот центар се преместил спрема југозапад и Македонија го сочинувала неговото јадро. Ако главната цел на Самуил би била воспоставување на старото Бугарско Царство, тој секако би се свртел кон бугарските земји и на прво место би се стремел да ги ослободи. Меѓутоа интересот на Самуил кон старите бугарски земји бил впечатливо мал. Во текот на сите негови борби областите источно од Сердика играле изненадувачки скромна улога, така што изворите речиси и не ги спомнуваат. Експанзијата на Самуиловото Царство било пред сè свртена кон југ“.
Сега да се насочиме кон прашањето на денот! Изминатава недела фамозната комисија за историски и образовна прашања имаше две заседанија. Доколку се земе предвид дека од македонската страна има нови членови и новиот состав само што почна со работа, не треба да се зачудуваме дека засега нема некои позначајни одлуки во нејзината работа.
Но која е суштината на нејзината работа? Во согласност со т.н. Договор за добрососедство, пријателство и соработка од 2017 година комисијата треба да придонесе „за објективно и научно толкување на историските настани, засновано на автентични историски извори што се базирани на докази“. Оттука, нејзините членови треба да имаат аналитички и критички пристап на историските извори, односно со копањето под површината да се видат односите или разликите што не се веднаш очигледни, како што е именувањето на царот Самуил или Охридската архиепископија.
Колку и да се обидува некој да ја злоупотреби работата на Комисијата за историски и образовни прашања, нејзините членови не треба да отстапат од научниот пристап. Ова е уште повеќе значајно бидејќи досега неколкупати се потврди дека некој се обидува преку споменатата комисија да оствари одредена политичка агенда, која нема ништо заедничко со вистинската историја.