Долга и широка е листата и хронологијата на хакирања и сајбер-напади, кои во изминатиот период се случија врз домашните државни институции. Веројатно, нашата држава не е сама во битката со овој современ феномен на дигитално живеење. Вакви и слични напади во денешницата беа евидентни и кај помоќните држави, како САД, Германија, Британија… Но разликата, сепак, е во тоа кој и на каков начин се справува со ваквите предизвици. Зашто каков било напад врз институциите е и напад врз државата
Феноменот поврзан со опасностите и со заканите од хакерските напади врз државни институции во земјава никако да исчезне. Дури напротив сѐ повеќе се засилува и интензивира. Овие несакани случувања повторно влегоа во фокусот на домашната јавност, откога низ социјалните мрежи се проширија информации дека група грчки хакери навлегле во компјутерскиот систем на министерствата за образование, за надворешни работи, на Владата, како и на Народната банка. Хакерска група, која себеси се нарекува „Моќна грчка армија“, на социјалната мрежа Твитер тврди дека успеала да влезе во компјутерските системи и видеокамери на нашите државни институции.
Иако информацијата потоа беше демантирана од страна на македонските институции и беше најавено дека за настаните ќе следува истрага, самата оваа појава и нејзината зачестеност во последно време алармира и предупредува.
По дефиниција хакирањето се објаснува како програмски процес во кој се идентификуваат и пробиваат одбраните слаби точки на определен компјутерски систем, од каде што потоа од него се експлоатираат податоците и информациите.
Случајно или не, изминативе години во исклучително сензибилни периоди нашата земја честопати беше цел на разни домашни и странски хакери, кои ги напаѓаа веб-страниците и датотеките на државните институции.
Минатиот месец два дена беше „падната“ веб-страницата Услуги.гов.мк, која наедно се користи како основа и за логирање на Вакцинација.мк и е еден од најчесто посетуваните државни сајтови во изминатите две години поради пандемијата. За време на пописот, лани веб-страницата на Државниот завод за статистика и системот за попишување беа цел на хакерски напади и за нив беше отворена истрага. Како заврши таа истрага, во јавноста сѐ уште нема информации. На почетокот од 2020 година, сајтот и мејл-системот на Министерството за здравство и на Владата беа хакирани, а во октомври 2021 година од системот на Вакцинација.мк неколку хакери објавија дека си извадиле важечки ковид-сертификати иако не примиле вакцина. Пред две години, за првпат жртва на хакерски напади беше и апликацијата на Државната изборна комисија за време на изборен процес, при што се откри дека во институцијата само еден човек бил задолжен за овој сектор.
Веб-страницата на Фондот за иновации и технолошки развој фитр.мк, исто така, беше цел на хакерски напад, на само две недели пред тие избори, а нападот тогаш бил согледан при интервенција од техничка екипа за санирање на последиците и враќање на функционалноста на веб-страницата.
Во тој период, хакерската група Анонимуси презеде и одговорност за сајбер-нападите на Министерството за образование и наука и на Министерството за здравство. Дополнително, интернет-страницата на МОН беше недостапна кога беа објавени резултатите за студентските стипендии за академската 2020/2021 година. Со тоа беа оневозможени студентите што се стекнале со правото на користење студентска стипендија да си ги симнат потребните документи за да потпишат договор…
Ова е само дел од обемната хронологија и историја на хакирања што по многу нешта условно кажано наликува на дигитална војна против државата. Веројатно, нашата држава не е сама во битката со овој современ феномен на дигитално живеење. Вакви и слични напади во денешницата беа евидентни и кај помоќните држави, како САД, Германија, Британија… Но разликата, сепак, е во тоа кој и на каков начин се справува со ваквите предизвици. Зашто каков било напад врз институциите е и напад врз државата.
Притоа треба да се подвлече и дека Македонија како членка и сојузник на НАТО истовремено е дел од изнаоѓањето на решенијата за глобалниот проблем, кој се решава преку колективниот систем за одбрана и на физичко тло и во сајбер-просторот. Во таа насока упадите, или како што се нарекуваат популарно хакирањата, врз македонските институции можат да се третираат и како напади врз самата Алијансата.
Во светло на актуелните случувања, со кои на директен или на индиректен начин компјутерски беше атакувана Македонија, се покажува дека сепак во некоја точка ни затајува системот за сајбер-безбедноста. Токму затоа во овие моменти повеќе од кога било е потребно да ги поставиме прашањата каква ќе биде нашата реакција како членка на НАТО за превенирање на нападите. Како во склоп на чадорот на Алијансата да го изградиме и својот систем за контрола на дигиталниот простор? И што воопшто може да сториме за краток временски период за да ги сузбиеме идните непријателските компјутерски дејствувања, кои очигледно сакаат да ѝ наштетат на земјата?
Можеби трајното решението на овие компјутерско-безбедносни дилеми лежи и во здружениот одговор на македонските институции кон оваа проблематика.
Во таа насока, можеби на некоја од идните седници на Советот на безбедност, кое е највисоко безбедносно тело во Македонија, би можело да се дискутира повеќе токму за оваа домашна проблематика, а помалку за некои други далечните прашања и некои туѓи кризи.