Честит празник

Се разбира, кога зборуваме за Осми март, денес на глобално ниво сосема се променети односите на релацијата мажи – жени на многу полиња, наспроти она што се случувало кога жените се избориле за своите права. Токму затоа, денес некои работи ни изгледаат чудни кога се навраќаме на историјата, но тоа наедно е и силен потсетник дека треба да имаме реален однос кон стварноста и дека не смееме да наметнуваме никакви ограничувања или забрани

Денеска е Осми март, Денот на жената. Убав повод да подзапреме малку од налудничавото брзање којзнае каде и малку да подзастанеме, барем денеска да се потсетиме дека треба да им го посветиме должното внимание. Иако, мора да признам, никогаш не ми било јасно зошто само на тој ден им се признава нешто за што сите се согласуваат дека им припаѓа. Но, такви се протоколите, а ако ништо друго, тоа е убав повод за да се навратиме малку наназад во нашата историја. Да заклучиме дека денешниов ден е симбол на борбата за еднакви права на жената, но во Македонија оваа борба е неразделна од македонската борба за слобода и сопствена држава.
Историјата нѐ учи дека уште од самиот зародок на македонското револуционерно движење, неговите лидери изградија една широка политичка платформа што требаше да ги обедини сите жители на Македонија без разлика на род, народност или религиската припадност, со цел извојување политичка слобода преку создавање самостојна македонска држава. Во ова движење, кое претендираше да се оформи како национален фронт, свое место имаше и македонската жена.
По завршувањето на Балканските војни, како и Првата светска војна, Македонката и понатаму играла значајна улога во македонското национално и ослободително движење. Ова е особено видливо во текот на Втората светска војна, кога жените повторно беа рамноправни во првите борбени редови, за што сведочи и бројката на 10 жени од Македонија прогласени за народни херои на Југославија.
Погледнете ја нашата денешна насловна страница. Тоа е Фана Кочовска Цветковиќ, жената што била прогласена за најмлад народен херој на Југославија. Нејзиниот лик е олицетворение на илјадници жени на кои треба да се сеќаваме и да ги спомнуваме не само во вакви денови. Тоа се жените што треба да ни се пред очите секој ден, кога зборуваме не само за историјата туку и за денешницата, за културата, уметноста, за храбрите жени со кои се среќаваме секојдневно.

Како што пишуваат колегите на страниците на денешното издание на нашиот весник, Меѓународниот ден на жените е повод да се актуализира положбата на жената во општеството и во некои посебни области, како што е на пример науката. Ова е ден да се издигне свеста за нееднаквостите и пречките со кои се соочуваат жените во остварувањето на својот целосен потенцијал. Исто така е можност да се прослави досегашниот придонес на жените во сите научни полиња и да се истакнат важноста и потребата од нивна поголема застапеност во областите што ги предводат напредокот и иновациите.
Се разбира, денес на глобално ниво сосема се променети односите на релацијата мажи – жени на многу полиња, наспроти она што се случувало кога жените се избориле за своите права. Токму затоа, денес некои работи ни изгледаат чудни кога се навраќаме на историјата, но тоа наедно е и силен потсетник дека треба да имаме реален однос кон стварноста и дека не смееме да наметнуваме никакви ограничувања или забрани.
П.С.
И сосема за крај, иако надвор до темата. Не издржав. Надлежните јавуваат дека возовите на Македонски железници на пругата Скопје – Велес сега наместо по 20 ќе може да возат и со 50 км на час, откако е завршена санацијата на оваа делница. Информацијата вели дека санацијата беше започната лани откако пред една година беше констатирано дека на делницата помеѓу Велес и постојката Рајко Жинзифов има сериозни оштетувања. „Секторот ЗОП Скопје во изминатиот период работеше на замена на дрвени колосечни прагови и шини на делот меѓу станиците Рајко Жинзифов и Велес. Замената е завршена и брзината од 20 км/час е зголемена на 50 км/час“, соопштија од МЖ инфраструктура.

Па добро, како да не се одбележи овој голем успех на ова наше јавно претпријатие, на овој светол репрезент на нашата држава. Па каде е таа музиката од тунелот кај Демир Капија? Каде се кетерингот и свечените столчиња, конфети, ракети и други керефеки? И најважно, што не кажувате вакви работи да дојдеме со новинарски екипи да го одбележиме поминувањето на првиот воз со застрашувачка брзина од 50 километри длабоко во 21 век. Па има ли подобар пример за работна победа со која ќе одбележиме 150 години од постоењето на железницата во Македонија? Веќе си замислувам како врвниот менаџмент на железницата сега мозга, како бара начин уште малку да ја подоправи пругата и кај и да е, за некоја година можеби ќе ја достигнеме брзината со која се движеле првите возови на овие простори пред 150 години. Што друго да се каже, освен – блескаме.
Среќа што и Осми март не дојде со некој од нашиве возови. Ќе доцнеше.