Новата предлог-декларација во бугарското собрание за „навредите од Македонија“, веројатно, е првиот еклатантен доказ за злоупотреба на привилегиите од билатерализацијата од страна на Бугарија, кога процесот на преговори уште не е ни започнат. Оваа декларација е само показна вежба како Бугарија би се навредувала и понатаму во преговарачкиот процес, дури и ако се спроведат уставните измени во Македонија и бидат отворени поглавјата
По декларацијата од 2019 година со бугарската позиција (т.е. услови или уцени) за преговорите на ЕУ со Македонија, никој од двете страни на македонско-бугарската граница, а веројатно и во Брисел не се сомневаше дека најавите (заканите) за нова декларација во бугарското собрание од тамошната партија Преродба ќе бидат реализирани. Во овие пет тензични години во македонско-бугарските билатерални односи, во кои се покажа отворена намера за опструирање на евроинтеграциите на Македонија, на сите им стана јасно дека колку и да изгледа политички несериозна, содржински неразбирлива, дури и да наликува на шега одредена позиција на бугарските политичари, кога станува збор за Македонија – секогаш се подготвени од тоа да направат (и да изгласаат) декларација во Собранието.
Овој пат, со предлог-декларацијата, која во бугарското собрание ја поднесе Костадин Костадинов, лидерот на крајнодесничарската партија Преродба (кој патем има забрана за влез во Македонија, по предизвикување шовинистички инциденти во Скопје), се бара од Европската Унија да ги осуди навредите кон бугарските политичари, кои, според него, доаѓаат од македонска страна. Костадинов со малициозни итроштини наведува дека испровоциран од изјавите на вицепремиерот во македонската влада, Александар Николовски, со документот се бара Европската Унија и Европската комисија да ги осудат, според него, навредливите квалификации со кои ги нарекува Бугарите „недостојни“, „мизерни“ и „нецивилизирани“, а бугарските политичари „маргиналци“ и „корумпирани“. Поради тоа чувство на навреденост од „провоцирачката“ билатерална комуникација (во која, сепак, ни бугарската страна не се воздржуваше од провокации, па може да се каже и дека ги иницираше), со предлог-декларацијата на Костадинов се бара: одвојување на Албанија од Македонија во преговарачкиот процес за членство во ЕУ, дисциплински мерки за Македонија поради изјавите на македонските политичари дека коридорот 8 нема да биде инфраструктурен приоритет и дополнителен притисок врз Македонија за прифаќање на францускиот предлог. Во документот како навреда се наведува негирањето на заедничката историја помеѓу Македонија и Бугарија од страна на македонските функционери, што, според декларацијата, е директно кршење на Договорот за добрососедство. Како своевидна добронамерност на Бугарија, во текстот на декларацијата се потврдува и волјата на бугарската држава за заедничко чествување историски личности и настани, од, според авторот, „богатата заедничка историја на двете држави“. Тонот на жртва, која и покрај навредите е „добронамерна“, е засилен со поентата во текстот на декларацијата за „враќање на позитивниот дијалог прекинат од Република Македонија и запирање на антибугарската кампања и провокативните изјави кон Бугарија…“.
Колку и да е мотивирана од суетни причини (навреденост од вербални изјави), предлог-декларацијата во бугарското собрание, и кога е пред распуштање дури и да звучи како шега, има сериозен потенцијал да внесе збунетост и да предизвика „системска грешка“ во системот на Европската Унија и, секако, дополнително да ги закомплицира евроинтеграциите на Македонија, кои и така се блокирани по една претходна „шега“ на парламентот во Софија.
Кога се појави „од никаде“ првата декларација на бугарското собрание во октомври 2019 година за преговорите на ЕУ со Македонија (и Албанија), во време и амбиент на „најдобрососедски“ релации, кога Бугарија се претставуваше како најголем поддржувач на македонските европски и евроатлантски интеграции – никому во ЕУ не му беше јасно што бара Бугарија. Како што изјавуваа тогаш еврофункционерите од земјите членки, неразбирлив им бил објаснувачкиот меморандум што неколку месеци подоцна на „лична адреса“ им го испраќаше бугарската влада. Нејасна им беше листата со барања од Бугарија за Македонија, која наликуваше на акт за капитулација по војна: ефикасно и неодложно спроведување на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка од 2017 година; строго придржување до членот 8 од договорот дека „објективните, автентични, историски извори се засновани на докази за научно толкување на историски настани“; воздржување од дејствата со кои се поддржуваат и поттикнуваат тврдењата за признавање на таканареченото македонско малцинство во Бугарија, вклучувајќи и во меѓународни организации; рехабилитација на жртвите репресирани поради бугарска самосвест; строго придржување до клаузулата во врска со официјалниот јазик на Република Македонија, утврдена и ратификувана од парламентите на двете земји; целосно спроведување на договорите што ги постигна заедничкиот мултидисциплинарен експертски комитет за историски и образовни работи и нивно вклучување во образовни планови и материјали; запирање на говорот на омраза кон Бугарија и граѓаните на Република Македонија со бугарска самосвест, вклучувајќи медиуми, натписи на споменици и слично; реставрација и одржување на бугарските воени гробишта и споменици на територијата на Република Македонија.
Три години подоцна беше претставувано како дипломатски успех што сите овие барања од декларацијата во 2019 година, во т.н. француски предлог, односно предлог-преговарачката рамка за Македонија, беа сведени на навидум само една уцена – внесување на бугарското малцинство во македонскиот устав, како услов за отворање на поглавјата. Обично се избегнува да се спомене од ЕУ дека всушност сите тие услови од првата декларација се „скриени“ во анексот на рамката, т.е. вториот протокол на меѓувладината седница.
На неприфаќањето на македонската јавност на францускиот предлог и аргументацијата на актуелната македонска влада дека со него се билатерализира процесот на преговорите на Македонија со ЕУ, но и воопшто процесот на проширувањето, од Брисел или не одговараат или со половина уста ќе стигне некоја изјава дека „нема простор за таква загриженост“. Новата предлог-декларација во бугарското собрание за „навредите од Македонија“, веројатно, е првиот еклатантен доказ за злоупотреба на привилегиите од билатерализацијата од страна на Бугарија, кога процесот на преговори уште не е ни започнат. Оваа декларација е само показна вежба како Бугарија би се „навредувала“ и понатаму во преговарачкиот процес, дури и ако се спроведат уставните измени во Македонија и бидат отворени поглавјата. Впрочем, Бугарија е извежбана од „шега“ да направи „случај“ и да напише и да изгласа декларација во своето собрание. Конечно, Брисел треба да најде начин како да се справи со „шегобијноста“ на своите земји членки, сериозно да си го сфати процесот на проширувањето и да не им ја префрла одговорноста на земјите кандидати!