Бугарската „демократија на стаклени нозе“ не може да држи лекции

  • Оној што нема функционална демократија дома, како што е примерот на нашиот источен сосед, нема кредибилитет да ја мери туѓата. Демократијата не е титула што се добива со членство во Европската Унија, туку процес што се докажува преку институции, стабилност и доверба на граѓаните. А кога тие темели се разнишани, секој обид да се глуми „учител“ изгледа како евтин политички театар. Фактот што Македонија не е членка на ЕУ не ја прави автоматски помалку вредна или помалку демократска. Членството не е морален сертификат, ниту гаранција за функционалност. Ако беше така, немаше да гледаме ситуации каде што земји членки бараат надворешна помош за најосновните демократски процеси
  • Ако ЕУ веќе прифаќа дека држава со очигледни демократски дефицити може да поставува билатерални идентитетски услови како дел од европскиот процес, тогаш целиот систем на вредности на Унијата се релативизира, еродира, се урнисува… Тоа испраќа порака дека правилата не важат еднакво за сите, туку дека политичката тежина е поважна од принципите. А тоа е директен удар врз самата идеја за Европа како заедница на вредности

Кога една држава мора да побара помош однадвор за да обезбеди фер и демократски избори, тоа не е знак на зрелост, туку на слабост. Не е проблемот во самото барање асистенција. Напротив! Во современиве услови на време-невреме, на загубен компас и мноштво дезинформации, меѓународната соработка и комуникација се нормални и потребни. Но проблемот настанува кога истата таа држава, која очигледно се бори со сопствената институционална нефункционалност, си зема за право да дели лекции, да поставува услови, ултиматуми и уцени и да глуми арбитер на демократските стандарди кај други! Да, да, токму така. Ја препознавте веќе. Бугарија денес е токму таков пример. Осум изборни циклуси за пет години не се показател за плурализам, туку за длабока системска криза. Политички систем што не може да произведе стабилна власт или институции што не можат да се справат со најфундаменталниот облик на демократија, како што се едни парламентарни избори, се показател за држава што стои „на стаклени нозе“ со состојба што бара сериозна внатрешна реформа! Од таква држава не се даваат лекции за демократија, принципи, право и правдина. Таму треба да се даваат и да се држат вакви лекции.
Замислете каков бугарски парадокс?! Држава што бара „помош“ за да го заштити сопствениот демократски процес, истовремено поставува услови за демократска зрелост на друга држава. Не само услови поврзани со владеење на правото или економија туку и барања што навлегуваат во историја, идентитет и јазик – сфери што не се дел од европските критериуми. Тоа веќе не е политика, туку злоупотреба на позиција! Ете, во таква позиција е Македонија сега во билатералата со Бугарија. А да бидеме и уште подиректни. Оној што нема функционална демократија дома, нема кредибилитет да ја мери туѓата. Демократијата не е титула што се добива со членство во Европската Унија, туку процес што се докажува преку институции, стабилност и доверба на граѓаните. А кога тие темели се разнишани, секој обид да се глуми „учител“ изгледа како евтин политички театар. Фактот што Македонија не е членка на ЕУ не ја прави автоматски помалку вредна или помалку демократска. Членството не е морален сертификат, ниту гаранција за функционалност. Ако беше така, немаше да гледаме ситуации каде што земји членки бараат надворешна помош за најосновните демократски процеси.
Дополнително, ваквото однесување создава опасен преседан. Ако се прифати дека држава со очигледни демократски дефицити може да поставува билатерални идентитетски услови како дел од европскиот процес, тогаш целиот систем на вредности на Унијата се релативизира. Тоа испраќа порака дека правилата не важат еднакво за сите, туку дека политичката тежина е поважна од принципите. А тоа е директен удар врз самата идеја за Европа како заедница на вредности.
Уште поиронично, ваквата позиција ја става Бугарија во улога на „чувар на портите“, додека самата се бори да ги затвори сопствените институционални пукнатини. Наместо да се фокусира на реформи, стабилизација и враќање на довербата кај сопствените граѓани, вниманието се пренасочува кон надворешни конфликти. Тоа е стара политичка тактика: кога не можеш да решиш проблем дома, создај проблем надвор. Но ваквата тактика има рок на траење. Европската Унија, ако сака да остане кредибилна, не може бесконечно да толерира вакви двојни стандарди. Зашто секој компромис со принципите денес, утре станува правило. А кога правилата ќе се разнишаат, тогаш веќе не станува збор за проширување, туку за разградување на самата Унија. Во таа смисла, прашањето повеќе не е само билатерално. Ова е тест и за Брисел за тоа дали ќе дозволи европските механизми да се користат како алатка за национални агенди или ќе инсистира на јасни универзални критериуми што важат за сите, без исклучок. На крајот, суштината е многу едноставна. Кредибилитетот не се добива со позиција, туку со пример. А додека примерот е слаб, секоја критика кон другите звучи како лицемерство. Демократијата не е алатка за притисок, туку обврска. И додека таа обврска не се исполни дома, секоја лекција дадена на соседите ќе остане празна реторика без тежина.