Будење!

Без некаква посебна загриженост помина последната информација дека нивото на Охридско Езеро се приближува до минимумот, а сликите за повлечената вода и голото езерско дно се доживуваат како цикличен процес што ќе се обнови кога ќе дојдат дождовите и снеговите.
Можеби и навистина е така, локалното население најдобро го знае тоа, но знае и дека ниту дождовите не се толку чести како некогаш, снегот на планините пократко се задржува, а температурите на воздухот стануваат сѐ повисоки.
Тоа е одраз на климатските промени, кои сите почнуваме директно да ги чувствуваме, а до израз дојдоа особено летоска, кога во континуитет температурите речиси три месеца беа околу 40 Целзиусови степени, а не капна ниту капка дожд. И во една таква ситуација падна нивото на сите езера. Падна нивото на Дојранско Езеро бидејќи на претходната влада ѝ биле скапи сметките за струја и го исклучи хидросистемот „Ѓавато“ за уште еднаш да се потсети како изгледаше езерото пред 30 години, кога буквално беше толку повлечено, што повеќе личеше на мочуриште отколку на природно езеро познато по лековитите дејства на алгите и уникатниот начин на ловење риба со помош на птици.
Истата судбина го погоди и Преспанско Езеро, кое досега загуби вода колку две дојрански езера. Никој не знае што се случува со езерото, ама по еден земјотрес во Албанија некаде во 1990-тите години езерото како да почна забрзано да се празни. Сега е тажно за гледање, водата што некогаш стигнуваше речиси до патот кај детското одморалиште во Претор, сега е повлечена можеби километар надолу. Го нема ниту бродот со кој се правеа туристички тури до островот Голем Град, попознат како Змискиот Остров.
Додека се игнорираше агонијата на Преспанско Езеро, истата судбина почна да го погодува и Охридско Езеро бидејќи водотеците под Галичица полека секнуваат, па така и приливот на свежа вода во Охридско Езеро. Нивото опаѓа и сега, како што тргнала работата, ако не заврне наскоро, нуркачите од „Амфора“ ќе може да го чистат езерското дно и без нуркачка опрема.
Тоа е реалната состојба, а вината, покрај климатските промени, лежи исклучиво во човечкиот фактор. Некој ќе рече дека ова се престроги зборови и дека човекот не е толку моќен да уништи три езера, но изгледа е моќен. Да почнеме со ред.
Прво со Дојранско, како најмало.

Во време кога Македонија изникна како независна држава, почнаа да исчезнуваат езерските води. Останаа само тиња и трски во недоглед и некаде на средината една поголема бара. На тоа се сведе Дојранско Езеро, на една голема бара. Рака на срце, за таквата состојба придонесе неодговорниот однос од страна на грчките земјоделци, кои користејќи го распадот на Југославија и сметајќи дека меѓудржавните договори за експлоатација на заедничките водни богатства повеќе не важат, безмилосно ја црпеа водата од езерото за наводнување на земјоделските површини. Или, просто кажано, душмански го празнеа езерото. Македонија како млада држава, заглавена од сите грчки блокади на секое поле, едноставно беше немоќна да ја спречи оваа еколошка катастрофа, но, сепак, покажа одговорен однос. Имено, македонската влада изгради хидросистем за дотур на свежа вода во езерото и го спаси во последен момент. И така беше до пред три-четири години, кога повторно една македонска влада се дрзна да го исклучи хидросистемот оти сметките за струја биле скапи, иако не чинеа ништо повеќе од една обична репрезентација на тогашните владини министри. Во меѓувреме несовесните граѓани успеаја да го упропастат дури и овој систем, приклучувајќи се диво на хидросистемот, за по повторното вклучување да се појават проблеми, кои, за среќа, брзо беа санирани. Сега Дојранско Езеро повторно се полни.
Преспанско Езеро е посебна приказна. И таму Грција повторно ги вмеша прстите. Кај нема врнежи, кај водата некаде исчезнува, тие направија брана на местото каде што се поврзуваа Малото и Големото Преспанско Езеро и така го спречија природното дополнување на водата. Од друга страна, земјоделците од сите страни на границите удрија масовно да дупчат бунари за наводнување, да употребуваат пестициди и сите тие отрови преку подземните води и почвата завршија во Преспанско Езеро. Количеството на кислородот во водата се намалува, алгите масовно се шират и му се закануваат на живиот свет. Ако продолжи намалувањето на нивото на водата со ова темпо, за 50 години во Преспанскиот басен ќе останат два-три поголеми вира и едно големо поле. Тоа е судбината на ова македонско езеро.
Сега истото тоа му се случува и на Охридско Езеро. Прво човекот го испонаполни со секаков отпад, гуми, бела техника, пластика и што ли уште не. Нееколошкиот езерски сообраќај, бродовите, скутерите дополнително ги загадуваат езерските води. И кога на сето тоа ќе се придодаде испуштањето на водата за производство на електрична енергија, тогаш е повеќе од јасно кој е виновникот за ваквите состојби.

Значи климатските промени имаат огромно влијание, но проблем е човекот, кој не само што не прави ништо да ги подобри состојбите туку уште повеќе ги влошува со својата негрижа и негативно влијание. Затоа е потребен брз и институционален одговор како да се минимизираат последиците од климатските промени, а притоа човекот воопшто да не ги влошува состојбите. Потребно е со сите земји со кои Македонија ги дели езерата да се постигне заеднички договор за грижа, оти попусто едната страна се обидува нешто да спаси, ако другата продолжува да го уништува. Треба да се изработат студии, да се лоцираат сите подземни водни базени од кои може да се вади вода и да се пренасочува во езерата како што беше случајот со Дојранско Езеро. Земјоделството да се приспособи на еколошки средства што нема да им штетат на езерската флора и фауна.
Климатските промени се реалност, но човекот е тука да се приспособува на новите состојби и да наоѓа решенија како ефикасно да се справи со нив. На прво место, негова мисија е да ја спаси природата оти таа единствено може да влијае врз промената на климата тука, во Македонија, но и на целата планета. Затоа, наместо да ги затвораме очите и да објавуваме фотографии по социјалните мрежи со коментари колку е загрижувачка ситуацијата, потребна е акција од секој поединец. Секој може да смени нешто, сега и веднаш, оти утре ќе биде веќе доцна.