Европската Унија сѐ почесто сака да се претставува како неопходен „геополитички столб“ на современиот свет. Но зад оваа амбиција сѐ појасно се наѕира еден друг, многу поконтроверзен процес. Европската комисија (владата на Европа) веќе подолго време ја трансформира ЕУ во централизирана наддржавна структура со сопствен политички и идентитетски наратив. Ова не е повеќе само теоретска теза туку и реалност што се потврдува преку конкретни механизми на притисок, дисциплинирање, правно надредување и демонстрирање „тврда моќ“ и динамична милитаризација.
Во срцето на овој процес се наоѓа Европската комисија, институцијата што формално треба да биде чувар на европското право, принципи и договори, но сѐ повеќе дејствува како политички арбитер со проширени амбиции. Имено, мало потсетување за ова… „Пакетот со прекршочни процедури“, со десетици писма и образложени мислења, не е само техничка алатка за усогласување туку и инструмент за политичко дисциплинирање. Кога веќе повеќе „непослушни“ членки на Унијата се предмет на постапки, прашањето повеќе не е кој греши, туку дали самиот систем станал прекумерно централизирачки и авторитарен.
Официјалното образложение на Брисел дека тоа е „за да им се помогне на граѓаните и бизнисите“ звучи технократски и навидум безопасно. Но, во суштина, станува збор за настојување да се обезбеди унифицирана примена на „принципите на либерален Брисел“ над ЕУ и на членките на Унијата посебно, дури и по цена на потиснување на националните законодавства, уставни специфики и демократски изразена волја. Во оваа логика, суверенитетот на земјите членки постепено се редефинира како административна пречка, а не како темел на европската конструкција.
Особено симптоматичен е односот кон т.н. „непослушни“ држави, кои ги спомнав погоре. Земјите од Вишеградската група, како Унгарија и Словачка, кои инсистираат на заштита на својот уставен и идентитетски суверенитет, се третираат како проблем што треба да се коригира. Нивните обиди да изградат „уставен ѕид“ против надреденоста на европското право резултираат со тужби пред Европски суд на правдата. Ова отвора уште едно суштинско прашање, а тоа е дали правото на ЕУ станува средство за политичка унификација наместо рамка за соработка.
Во оваа динамика, улогата на лидерите на европските институции, пред сѐ на Урсула фон дер Лајен, сѐ почесто е предмет на критика. Нејзините политики, заедно со курсот на бриселските либерални елити, се доживуваат како чекор кон технократски централизам што ги оттурнува граѓаните од процесите на одлучување. Критичарите не случајно иронизираат дека ЕУ се обидува да регулира сѐ, „дури и кривите краставици“, алудирајќи на прекумерната регулаторна ревност.
Но можеби најконтроверзниот аспект од оваа политика се однесува на земјите кандидати. Таму притисокот не е само правен туку и политички и идентитетски. Наместо партнерски однос, често се наметнува асиметрична позиција во која кандидатите мора да прифаќаат услови што директно задираат во нивниот суверенитет и национален интегритет.
Примерот со нашата земја, Македонија, е особено индикативен. Во процесот на евроинтеграција, земјата се соочува со барања што не се сведуваат само на правни и економски реформи туку навлегуваат и во сферата на идентитетот, историјата и јазикот. Кога една наднационална структура, како што сега се поставува ЕУ, фактички влијае врз дефинирањето на националниот идентитет, тогаш веќе не станува збор за интеграција, туку за трансформација на самата суштина на државноста.
Во поширок европски контекст сѐ погласни се интелектуалните и политичките реакции. Се формира своевиден бран на отпор кон слепата послушност. Аналитичари, професори и јавни личности предупредуваат дека Унијата ризикува да ја изгуби својата легитимност ако продолжи да ги игнорира националните специфики и демократските процеси во земјите членки.
Клучниот проблем не е во самата идеја за европска соработка, туку во нејзината сегашна интерпретација. Наместо Европа на нации, сѐ повеќе се гради Европа на централизирана моќ. Наместо европско и меѓународно право, имаме наметнување. Наместо разновидност, имаме унификација по теркот на Комисијата (ЕК).
Ако оваа тенденција продолжи, ЕУ може да се соочи со парадокс. Обидувајќи се да стане „наддржава“, да ја изгуби поддршката на оние држави и народи врз кои почива. Историјата покажува дека политичките конструкции што ги потиснуваат идентитетот и суверенитетот ретко опстојуваат на долг рок. Прашањето што денес стои пред Европа не е дали ќе биде силна, туку каква ќе биде таа сила. Дали ќе произлегува од доброволна соработка и почит или од централизирана контрола и неолиберална и милитаристичка дисциплина?. Одговорот на тоа прашање ќе ја одреди не само иднината на Унијата туку и судбината на европската демократија. Но, за среќа, има и една добра вест… Во Унијата почна да се наѕира процесот на постепена трансформација на Унијата во заедница на суверени држави…
Свето Тоевски
































