Во личните документи на бугарските граѓани со македонска национална свест пишува дека тие се граѓани на Европската Унија. Тука е суштината на проблемот, а не дали во последниот извештај на Стејт департментот се нотираат прекршувања на човекови и малцински права. Само замислете, земја членка на Европската Унија, во нашиот случај станува збор за Република Бугарија, на дневна основа прекршува човекови и малцински права. Никој Македонец во Софија или Пловдив не може да го изрази своето национално чувство, бидејќи самоидентификацијата како Македонец во Бугарија се толкува како нешто противуставно или непријателско. Припадниците на македонскиот народ во Република Бугарија поради своите национални чувства во минатото беа затворани или депортирани, а денес не можат да се вработат во бугарските државни институции, особено во родните краишта како што е пиринскиот крај. Но апсурдите не завршуваат тука! Бугарија негира постоење на една нација, нација што има свои обележја и развој. Оттука, сѐ што е македонско се претставува како бугарско, а Македонците како дрво без корен, какви глупости. И тука е суштината на проблемот! Што прават Брисел и Европската Унија? Ништо! Постојано молчат и ја толерираат Софија, но апсурдот на апсурдностите е и фактот дека додека Брисел молчи за правата на Македонците во Бугарија, од нас како држава, нација и општество бара да ги прошириме правата на бугарската заедница
Во македонската јавност како гром од ведро небо одекна последниот извештај на американскиот Стејт департмент за Бугарија, во кој не се споменува прекршувањето на човековите и малцинските права на припадниците на македонскиот народ кај нашиот источен сосед. Можеби за многумина извештајот во ваков формат беше неочекуван, но сепак неколку претходни сигнали потврдија дека нештата ќе се одвиваат во овој правец. Што точно се случи? Ништо специјално. Стејт департмент ја промени методологијата на извештаите за состојбата со човековите права, односно малцинствата повеќе ги нема како категорија, а акцентот е ставен врз индивидуалните права и нивното прекршување. Технички гледано, ова е во согласност со политиките на новата американска администрација предводена од претседателот Доналд Трамп, односно нештата повеќе не се перципираат во колективна смисла туку индивидуално. За да бидат нештата појасни, накратко ќе објасниме дека камен-темелник на новата американска политика е суверенизмот, односно почитување на другите држави и нации. Оттука, сосема е јасно дека македонското малцинство не се споменува во извештајот на Стејт департмент за Бугарија бидејќи тоа може да биде протолкувано како мешање во внатрешните работи на една суверена држава, држава што е членка на ЕУ.
Дека има промени во Вашингтон неодамна најави и Кристофер Хил, дипломат од висок калибар и поранешен амбасадор. Според него, САД повеќе нема да интервенираат во балканските спорови како што правеа во минатото, нагласувајќи дека повеќе не сме во 90-тите години од минатиот век и оти „луѓето се уморни од слушање поплаки за соседите. Она што ни треба се модели на регионална соработка“. Хил исто така нагласи дека балканските држави мора да ја преземат одговорноста за своите проблеми и повеќе да се потпираат на САД или Западна Европа за решавање на нивните проблеми. Овој американски дипломат јасно ги претстави и новите приоритети на Вашингтон, односно дека тежиштето сега е на Украина, Блискиот Исток и Кина, оставајќи го Балканот пониско на листата на приоритети. Тој исто така нагласи дека САД не го напуштаат регионот, но дека Балканот е „незавршена работа“ за Европската Унија, повикувајќи го Брисел да го засили својот политички и економски ангажман.
Постојат неколку видувања за новата американска политика кон Балканот, но факт е дека Вашингтон очекува дека Европската Унија ќе го пополни вакуумот, преземајќи ја водечката улога во посредувањето во споровите и промовирањето реформи. Ова секако би можело да ги забрза напорите за интеграција во ЕУ, но само доколку Брисел се заложи со конзистентна политичка и финансиска поддршка.
Сега да се навратиме на прашањето на денот. Факт е дека Република Бугарија ги прекршува човековите и малцинските права на сопствените граѓани, што се потврдува од повеќе релевантни институции, како што е Судот за човекови права во Стразбур. Оттука, последниот извештај на Стејт департментот за Бугарија е релативен затоа што тој не може да ги избрише припадниците на македонскиот народ чии права се прекршуваат. Во изминатите неколку години во извештаите од Вашингтон за Бугарија беше констатирано прекршувањето на правата на Македонците, но ништо не се промени. Нештата не се променија затоа што непочитувањето на човековите и малцинските права не е проблем на САД, туку на Европската Унија. Впрочем, во личните документи на бугарските граѓани со македонска национална свест пишува дека тие се граѓани на Европската Унија.
Тука е суштината на проблемот, а не дали во последниот извештај на Стејт департментот се нотираат прекршувања на човекови и малцински права. Само замислете, земја членка на Европската Унија, во нашиот случај станува збор за Република Бугарија, на дневна основа прекршува човекови и малцински права. Никој Македонец во Софија или Пловдив не може да го изрази своето национално чувство, бидејќи самоидентификацијата како Македонец во Бугарија се толкува како нешто противуставно или непријателско. Припадниците на македонскиот народ во Република Бугарија поради своите национални чувства во минатото беа затворани или депортирани, а денес не можат да се вработат во бугарските државни институции, особено во родните краишта како што е пиринскиот крај. Но апсурдите не завршуваат тука! Бугарија негира постоење на една нација, нација што има свои обележја и развој. Оттука, сѐ што е македонско се претставува како бугарско, а Македонците како дрво без корен, какви глупости! И тука е суштината на проблемот. Што прават Брисел и Европската Унија? Ништо! Постојано молчат и ја толерираат Софија, но апсурдот на апсурдностите е и фактот дека додека Брисел молчи за правата на Македонците во Бугарија, од нас како држава, нација и општество бара да ги прошириме правата на бугарската заедница.
Ало, Брисел! Дали се слушаме? Идеолошки гледано, никој во Македонија не е против менувањето на Уставот и внесувањето на бугарската заедница. Македонија и македонскиот народ со своето идеолошко битисување се одликуваа и сѐ уште се одликуваат со слободарски дух, нешто што е мисловна именка во Софија и во Брисел. Реалноста вели дека прекршувањето на малцинските и човековите права на Македонците во Бугарија е европски проблем, проблем на Европската Унија. Брисел повеќе не може како ној да ја крие главата во земја, надевајќи се дека проблемот магично ќе исчезне или дека Вашингтон ќе го реши. Не! Новата реалност вели дека Брисел треба да се соочи со проблемот и да го реши со една конзистентна политика, која ќе биде базирана врз правото и правдата. Друго решение нема, бидејќи македонскиот народ е тука и нема да исчезне!
Што се однесува до нас, последниот извештај не треба да нѐ прави безволни, туку, напротив, сега треба уште посилно да го образложиме непочитувањето на човековите и малцинските права на македонскиот народ пред европските институции затоа што решението е во Брисел, а не во Вашингтон. На крајот ќе завршиме со еден цитат од Библијата, во кој се вели: „Ние не паѓаме со духот, ние не се обесхрабруваме, бидејќи духот во нас секојдневно се обновува“.